03 Мај, 2024
0.0254

Завршува ерата на евтини земјоделски производи, следува пораст на цените

Објавено во: Агробизнис, Колумни 03 Декември, 2014

Добивај вести на Viber

Агерегатно влијание на факторите кои ги определуваат промените во прехранбениот систем и земјоделството тешко можат да се оценат. За оваа цел се разработени голем број модели (ФАО), Oрганизација за економска соработка и развој, Меѓународен институт за истражување на прехранбената политика и други, кои треба да дадат одговор за последиците од влијанието на очекуваните неповолни движечки сили. Резултатите од тие модели се единствени – постои голема сигурност во верувањето за порастот на цените на прехранбените производи во наредниот период. Се смета дека долгорочните тенденции на ниски цени на земјоделските производи се исцрпени. Во рефератот на ФАО, “Worlel agroculture towards 2015/2030” се прогнозира дека во долгорочно разработениот план, темпото на пораст на светската побарувачка на земјоделски производи ќе се забави, бидејќи се намалува темпото за пораст на населението и достигање на задоволително ниво на побарувачката во многу земји. IMPAKT моделот на Меѓународниот институт за истражување на прехранбената политика прогнозира пораст на цените на житата до 2050 година, главно поради намалување на приносите како резултат на климатските промени. На второ место, прогнозираните  ценовни нивоа до голем степен зависат од продуктивноста поради ограничените можности за зголемување на обработливите површини. И трето, либерализацијата на трговијата со земјоделски производи, може да компензира некои негативни ефекти на недоволната понуда. Во врска со актуелното прашање за влијанието на производството на биогоривото врз цената на храната се вели дека голем дел од истражувањата предвидуваат висок раст на цените без да ја имаат во предвид зголемената понуда на земја при новите ценовни услови. Во однос на политиката, порастот на цените на храната на долг рок и нивната нестабилност предизвикува загриженост. Се наметнува прашањето како да се обезбеди пристап до храна на подносливо ниво кај сиромашното население? Можни се повеќе опции и потребен е избор или комбинација помеѓу ценовна контрола, субвенции на цените, правење на залихи, поддршка на производството на малите фарми во сиромашни подрачја и друго. Потребно е да се каже дека повисоките цени имаат и позитивна страна, од тоа ќе печалат производителите и веројатно ќе одговорат со поголемо производство, ќе се создадат стимулации за рационално користење на ресурсите, ќе се овозможи развој на други дејности поврзани со земјоделството особено во сиромашните региони. Обезбедување на одржлив начин во производството на доволна количина на достапна храна за населението на земјината топка е главна цел на политиката во областа на исхраната. Историски гледано, порастот на производниот потенцијал на светското земјоделство е доволен за да ја задоволи ефективната побарувачка. Постојат голем број можности во однос на тоа како да се постигне главната цел. Но тоа ќе зависи од напредокот во некои области како што се повисок степен на користење на постојните знаења и технологии, примена на научните достигнувања, намалување на загубите, зголемување на ефективноста врз основа на подобро управување и влијание врз побарувачката. Важно е да се оствари повисока продуктивност врз основа на постојните знаења и искуство. Се гледаат разлики во продуктивноста помеѓу земја и регион кои неможат да се објаснат со разлика во почвените, климатските и други услови, т.е. кои се должат на изоставање во искористувањето на постојни технологии, знаења и умеења. Причините можат да бидат различни, вклучувајќи и такви кои не се во земјоделството, како на пример – политичка нестабилност, несоодветно законодавство, непогодна бизнис средина, недостиг на стимул за претприемачко однесување и др. Примената на постојните знаења може да се постигне преку мерки од неколку области: -              Развивање на системот за ширење на знаењето. Современите информатичко комуникациски технологии (ИКТ) претставуваат нови ефективни можности за ширење на знаењата во селските средини и фармерите. -              Подобрувањето на пазарната средина и достап до пазарот вклучително развој на пазарната инфраструктура, регулаторните механизми, здружувањето на производителите, пристапот до финансиски услуги и земјоделска поддршка. -              Развој на инфраструктурата. Поддршка во овој однос е од особено значење за подобрување на пристапот до крупните (градски) пазари и извоз. Особено е важна патната инфраструктура како услов за интегрирање на затворените селски региони во националната и светска економија. Неопходноста од производство на повеќе храна и новите предизвици што се наметнуваат од климатските промени, бараат интензивен развој на нови научни решенија за зголемување на продуктивноста. Ниту зголемувањето на продуктивноста, ниту приспособување кон климатските промени и намалување на емисиите на стакленички гасови може да биде постигнато без нови научни постигнувања и нивна примена во земјоделското производство. Овие фактори го формираат порастот на интересот кон научните истражувања во земјоделството и прехранбениот сектор во целина, а како најважни области на научно-истражувачката дејност со создавање на нови сорти културни растенија и раси продуктивен добиток базирани и на постигнувањата на геномната биологија, знаењата за почвата, технологијата на производството, исхраната, управувањето на производството и друго. Намалување на загубите на продукцијата можеби е најдиректниот пат за зголемување на расположливата количина на храна. Се оценува дека загубите на погодна храна за човечка консумација изнесува околу 30% како загуби на сите нивоа – од нива, преку прибирање на реколтата, подготвување на храната, складирањето и преработката до доставувањето до потрошувачите и подготовката за консумација. Загубите се на различни нивоа во зависност од нивото на развиеност на земјите. Кај земјите во развој загубите се поголеми во периодот непосредно по прибирањето на реколатата поради недоизградена инфраструктура за чување, додека кај развиените земји загубите се најголеми кај потрошувачите во приготвувањето на храната за консумација. Прогнозирањето на долгорочно зголемување на цените на храната, не доведе до стимулирање за намалување на загубите. Регулаторната рамка на светскиот прехранбен систем и трговија со земјоделски производи е особено важна, бидејќи проблемот за исхрана на населението и одржливо земјоделско производство е глобален и бара глобални решенија. Сепак напредокот во овој однос не е лесен, поради различните спротивставувања на политички влијателни групи поврзани со долгогодишната поддршка на земјоделците во развиените земји. Аграрниот протекционизам на националната политика наоѓа основаност и во штетните последици од климатските промени и нестабилност на цените на светските пазари. На пример, некои земји (Русија, Украина) пред неколку години прибегнаа кон забрана на извозот на земјоделски производи за да ја сочуваат стабилноста на внатрешните цени. Такво мешање во пазарните механизми создава нестабилност во трговијата и не овозможува пазарните сигнали да се наметнат како регуларна сила. Пореметувањето на светскиот пазар е поврзано не само со трговските ограничувања но и со поддршката на земјоделското производство. Поддршката не смее негативно да се одразува на функционирањето на пазарните механизми. Проф. Др. БОРИС АНАКИЕВ

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?