Збунети граѓани не знаат дали може да испратат меѓународна пошта
Објавено во: Економија 08 Април, 2020
Корисници на услугите на АД Пошта на Северна Македонија се жалат дека не се примаат пратки за странство од страна на универзалниот давател на услуги во Македонија. Националниот оператор веќе најави дека ќе прилагодува работното време на поштенските единици, и околку е потребно, одредени поштенски единици ќе се затворат на пократок или подолг период со препорака пред секоја посета на некоја од филијалите да се провери работното време на истата.
Билјана Аврамоска Ѓореска, директорката на Агенција за пошти на РСМ, за „Фактор“ вели дека обемот на пратки е значително намален во изминатиот период, а згора на тоа во прекин е и меѓународниот сообраќај, кој го отежнува работењето
- Во нашата земја покрај Македонски пошти, уште седум други приватни оператори имаат лиценца за меѓународен поштенски сообраќај. Но, поради рестрикциите, изолациите и ограничувањата со кои се соочуваме, тоа го трпат и крајните корисници. Причината е затоа што сите постојано го адаптираат, го приспособуваат работното време, иако давателите на овие услуги може да оперираат и за време на полицискиот час, вели првиот човек на поштенскиот регулатор.
Последното известување на АД „Пошта на Северна Македонија’е дека е воспоставена размена на пошта со Германија по сувоземен пат еднаш неделно. Земји за кој е овозможен прием на пратки по сувоземен односно површински пат се: Албанија, Грција, Косово, Бугарија, Романија, Турција и Германија.
„Со оглед на работењето во вонредни околности со намалени капацитети во сите поштенски управи и начинот на транспорт на поштата, се известуваат корисниците да имаат разбирање за доцнењето во преносот, испораката и доставата на пратките.“, велат од таму.
Аврамоска Ѓореска вели дека е добро тоа што се воспоставила размена со германската пошта, бидејќи станува збор за широка мрежа на покривање.
- Дојче Пост може да ги препрати пакетите понатаму во други земји, но велам дека се зависи од нивните интерни одлуки и правила и од тоа како се воспоставени меѓународните комуницирања од таму. Ние како агенција секојдневно ја следиме ситуацијата, Најголемите поплаки од давателите на поштенски услуги се во врска со паднатиот обем на пратки и заостаната пошта која граѓаните се плашат да ја подигнат поради ситуацијата. Сепак, извозот кон Германија е за поздравување по секојдневните контакти, ако се знае дека еден период комплетно немаше таква можност, а авионски сообраќај воопшто нема до денес, освен експресниот карго-сервис на ДХЛ, вели Аврамоска Ѓореска.
Дополнува дека последното мерење за доцнењето на пратките во Македонија се вршело во 2018. Такво мерење е планирано и за 2020, но голем број планови на агенцијата сега се доведени во прашање.
Кај приватните даватели на поштенски услуги особено е зголемен бројот од 830 во 2018 на 1.131 вработен во 2019 година што укажува дека секторот се развива. Давателите на поштенски услуги имаат зголемување на приходите за 30 отсто за една година, а зголемување има и давателот на универзална услуга АД Македонски пошти, констатира регулаторот во својот тукушто објавен годишен извештај.
Развојот пак на е-трговијата придонесе да се зголеми и доставата на зголемен број на пакети од АД Македонска пошта од 88.481 во 2018 на 111.886 пакети во 2019. Онлајн трговијата придонесе да се зголеми и прометот на пакети и кај приватните оператори од 1.263.340 на 1.634.197 пакети.
Мислењето за поштенските услуги во периодот на епидемија од корона вирисот е дека го намалуваат ризикот, односно контактот на релацијата помеѓу бизнис секторот, администрацијата и физичките лица.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.