ЖЕЛБА ЗА 2021 ГОДИНА - Митко Јанчев: Здравје за сите, а лично посакувам по втор пат да ја добијам довербата од кавадарчани
Објавено во: Македонија 04 Јануари, 2021
Многу надежи за подобра година, многу посакувања, како никогаш досега очекувања да е подобра од претходната. Во 2021 година влегуваме сите со заедничка желба - овој здравствен предизвик да заврши. Пандемијата ги помести нашите очекувања, нашите приоритети се други, сите други желби имаат помала вредност. 2020 има лош знак, иако можеби за многумина беше и успешна. Успех е и да се зачува здравјето, да се помогне некому, добра работа е да се предизвика нечија насмевка. Такви луѓе има многу. Во деновите пред и по стартот на новата година Фактор објавува новогодишни изјави од медицински експерти, стопанственици, банкари, политичари – сите зборуваат за нивните очекувања во следната година.
Митко Јанчев е градоначалник на Кавадарци. За Фактор вели дека многу од желбите кои си ги посакавме за 2020 година не се исполнија, напротив, се соочивме со многу несреќни моменти, и речиси секој од нас изгуби некој свој близок или познаник. Затоа, здравјето е желбата што сите ќе си ја поскаме, оваа пандемија што поскоро да заврши, а на неа да се сеќаваме само како на патоказ по кој треба да одиме за да ги надминеме нашите слабости. Јанчев посакува идната година да биде еден нов почеток за нашата држава и таа да ги надмине препреките со кои се соочува. Градоначалникот за Фактор открива и една голема желба на професионален план, а таа е повторно да ја добие довербата од неговите кавадарчани за уште еден мандат да раководи со градот, на локалните избори кои ќе се одржат токму во 2021 година. Вели дека Кавадарци за време на неговото менаџирање со општината многу се модернизира и доби сосема нов лик, но има уште многу проекти кои се почнати и треба да се реализираат...
„Многу од желбите кои си ги посакавме кога го прославувавме доаѓањето на 2020 та година за жал не се исполнија. Се соочивме и уште се соочуваме со еден предизвик кој никој не го очекуваше. Многу несреќни моменти, секојдневни негативни информации, многу изгубени животи. Не верувам дека постои човек кој не изгуби некој близок роднина или познаник во оваа пандемија. Веќе цела година живееме во страв чувајќи го нашето здравје. Се се врти околу здравјето, насоки, препораки, јакнење на имунитетот...
За тоа која ќе биде желбата која ќе ја замислам ноќта кога ќе се поклопат стрелките на часовникот веќе сум сигурен. Здравје за мојата фамилија, моите познаници, здравје за сите нас. Верувам дека оваа желба ќе одекне во универзумот затоа што сите ќе си ја посакаме. Тоа е она што силно го посакувам за сите. Време е што поскоро оваа пандемија да заврши и на неа да се сеќаваме само како еден правец по кој треба да се движиме за да ги подобриме сите слабости на нашиот систем.
Идната 2021 година нека биде еден нов почеток за нашата земја за да продолжиме да се движиме напред. Во оваа година посакувам да се решат сите препреки со кои се соочуваме и да бидеме амбициозни за сите предизвици. Верувам дека ќе застанеме цврсто на нозе и сите реформи ќе го покажат својот резултат, препреките ќе ги решиме, за проблемите ќе најдеме решение. Годината што доаѓа сакам да ја паметиме по добро , како онаа старата и добро позната изрека, посакувам по дождот да дојде сонце, по лошото да завладее доброто.
Иако ова беше лоша година, ни остави многу време да размислуваме за нашите идни планови и амбиции. Во оваа 2021 ва година на професионално поле посакувам да учествувам во уште едни демократски локални избори и да ја добијам довербата на кавадарчани по втор пат.
Она што го направив во изминатите години и што е во план да се направи во годината што доаѓа е многу за моето Кавадарци. Ликот сосема се смени, градот се модернизира , дури и навиките на жителите се променети во однос на хигиената, чувањето на градот и некако сите имаме желба Кавадарци да стане уште поубаво, Кавадарци да биде на прво место. Оваа година започнуваме неколку капитални проекти, посакувам сите да се реализираат на време, не очекува многу работа. 2021 ва нека биде сосема поинаква од оваа измината година. Да бидеме опкружени во изобилство од здравје, среќа и успех. Среќни празници, чувајте се“, вели Митко Јанчев за Фактор.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.