03 Мај, 2024
0.0259

Земјоделците се надеваат, СДСМ апелира, Владата не планира, а мелничарите тактизираат?!

Објавено во: Агробизнис 06 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Земјоделците обвинуваат дека мелничарите не ги почитуваат договорите за откупните цени и проценката на квалитетот на пченицата. СДСМ апелира Владата да ја спаси годинешната реколта со интервентен откуп на пченицата исклучиво од индивидуалните земјоделци по 15 денари за килограм. Додека Владата вели дека остава на производителите и откупувачите сами да се договорат во врска со откупот на пченица. Но, приносите годинава се под очекувањата поради високите температури во јуни.

„Владата нема друг избор освен да изврши интервентен откуп на 10-те илјади тони пченица“, бара СДСМ.

„За проблемот со откупот на пченицата алармиравме уште кога земјоделците се пожалија дека мелничарите немаат интерес да ја откупуваат пченицата по препорачаната цена од министерството за земјоделство“, велат во СДСМ.

Од СДСМ укажале дека пченицата се продава на црно на трговци од Албанија или домашни мелничари им ја купуваат по 9-11 денари за килограм.

„Владата не смее да стои настрана и да се правда со пазарните услови, во ситуација кога земјоделците имаат енормно скапи репроматеријали што им ја покачуваат производната цена, со што тие се неконкурентни на увезената пченица“, велат од СДСМ, пренесе „Нова ТВ“.

Исто така од СДСМ кажаа дека сведувањето на проблемот само на мелничарите, кои се исто така неконкурентни поради увозот на евтино брашно е обид на Владата да ја избегне сопствената одговорност. „Бараме Владата сериозно да го сфати проблемот со откупот на пченицата и брзо да реагира“, потенцираа од СДСМ.

Но, Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев посочи дека Владата засега не планира да врши интервентен откуп на пченицата , туку остава на производителите и откупувачите сами да се договорат во врска со откупот на пченица.

Како што рече Ѓорѓиев, потребно е и производителите и откупувачите да ги исполнат своите договорени обврски.

„Во овој момент интервентен откуп од страна на Владата нема, но доколку има потреба ќе го направиме тоа“, изјави Ѓорѓиев.

Според податоците на министерствто за земјоделство, до сега се откупени над 80.000 тони што е околу 60 отсто од вкупниот род на пченицата.

Меѓутоа, мелничарите не го почитуваат договорот за откуп на пченицата, плаќаат по 11 до 12 денари за килограм, а квалитетот најчесто го проценуваат паушално наместо според хектолитарската маса на зрното, велат земјоделците.

Тие денеска или најдоцна утре очекуваат Владата да донесе одлука за интервентен откуп на 8.000 тони лебно жито.

„Владата повторно ќе ни излезе во пресрет. Но, пченица за откуп во овој случај може да понудат само производителите што имаат засеано до 15 хектари“, вели претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров.

На неодамнешната средба во Свети Николе на која присуствуваше и ресорниот министер Љупчо Димовски беше договорено пченицата да се откупува во три класи по 13, 14 и 15 денари. На последниот состанок, пак, одржан пред десет дена, преработувачите, како што информира Тантаров, се обврзале да откупат уште по 20 отсто од веќе преземените количини.

Исто така, не стивнуваат и реакциите од Србија во однос на мерката за ограничување на увозот на пченица и брашно во Македонија. Од Здружението на млинари и пекари „Житовојводина“ повторно побараа од српската влада да воведе мерки на реципроцитет кон земјава, бидејќи, како што велат, трпат големи штети заради тоа што Македонија се уште не ја укинала спорната одредба, објави „ Телма“.

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?