02 Декември, 2024
0.0523

Земјоделските задруги – 80 илјади нови вработувања или малверзации со субвенциите?

Објавено во: Агробизнис 19 Декември, 2012

Добивај вести на Viber

Дел од сегашните ставки во предлог Законот за земјоделски кооперативи, треба веднаш да се променат бидејќи со сегашната формулација оставаат простор за низа малверзации со земјоделските субвенции, предупредуваат земјоделците. Ова особено се однесува на делот поделбата на задругите на мали и големи, класификацијата по гранки и ослободувањето од паричен надоместок за водните зедници. -Во сегашниот предлог Закон задругите се поделени на мали со до 10 земјоделци и големи со над 20 земјоделци. Сметаме дека на овој начин може да се злоупотребат субвенциите. На пример во едно семејство може да има три члена кои се занимаваат и се регистриртани како земјоделци, кои ќе си оформат задруга, и секој од нив да си конкурира на пример за земја, или пак за субвенции. Сметаме дека треба да има ограничувања. Исто така поделбата на задругите по типови, односно задруга за овоштарство, за сточарство и сите други земјоделски гранки, е нефункционална. Кај нас еден земјоделец може да биде и тутунар и овоштар и сточар, и ќе си дозволи да членува во три различни задруги, па на тој начин повторно се отвора простор за малверзации со субвенциите. Ние реагираме и на делот со кој е предвидено попусти и неплаќање за водните заедници. Тоа не треба да се дозволи ако се има во предвид дека сега водните системи се во катастрофлна состојба и потребни се пари за нивно одржување и за нови системи, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци. Од сектрот за прехранбена индустрија велат дека се работи за многу значаен закон, кој треба да изврши окрупнување, модернизација, планско производство, зголемена продуктивност, целосно искористување на земјоделскиот потенцијал и правилно искористување на водниот потенцијал. Фактот што сеуште се работи за предлог Закон, значи дека ќе бидат прифатени и забелешки, но во рамки на можностите и предвидениот буџет. -Овој закон не треба да биде обврзувачки, туку стимулативен, секако со реорганизација на земјоделските стопанства, каде што приватната сопственост ќе остане загарантирана, а новосоздадената вредност може да биде заеднички имот на кооперативата. Пред се, овде се мисли на можноста за добивање на потребната аграрна механизација, предности при исплаќање на субвенции, распоред на водените ресурси, планирање и искористување на истите, полесен начин за добивање на обработливо земјоделско земјиште и многу други придобивки кои секако ќе бидат опфатени со конкретни мерки. Но најважно е дека Законот ќе овозможи доброволно здружување во интересни заедници, економски оправдани, кои пак ќе овозможат значителен развој на земјоделскиот сектор. Ова е потребно, бидејќи големите стопански земјоделски субјекти навремено не се трансформираа и банкротираа, со исклучок на поединци, а нови не се формираа, вели Влатко Ѓоргиевски, претседател на Секторот за земјоделство и прехрамбена индустрија при ОРМ Земјоделските задруги ќе овозможат повраток на ДДВ за земјоделците   Формирањето на земјоделските задруги ќе овозможи етапно вработување на голем дел од земјоделците а ќе имаат право и на повраток на ДДВ. Експертите веќе го имаат планот за тоа како би се одвивало ова вработување. -Се планира постепено вработување, односно на доброволна основа во наредните 2 години. Врз основа на податоците дека 196 000 македонски семејства обезбедуваат приходи од земјоделство,од нив 80 000 обработуваат или се во можност да обработат повеќе од 4 хектари единица површина, што би бил нужен минимум за квалитетно здружување за заеднички настап за продажба и се останато што би се стимулирало со кооперативата. Досега индивидуалните земјоделски стопанства немаа можност за поврат на ДДВ, кое би се овозможоло преку кооперативата. Од повратот на ДДВ-то ќе можат да се плаќаат придонесите за минимум по 1 вработен од семејството и од таму е произлезена бројката 80 000 вработени земјоделци. Со ова ќе и се овозможи на оваа популација да ја види личната перспектива и можност за егзистенција од земјоделска дејност, а од друга страна ќе доведе до значајно зголемување на примарното производство и поголемо производство на храна, објаснува Ѓоргиевски. Овој принцип на вработување на земјоделците се користи во многу странски земји, чии искуства ќе се искористат и во Македонија.На пример фармерите во Данска се организирани во непрофитна кооператива која е заедничка организација во која сите се акционери и заеднички управуваат.Слични искуства има и во Австрија и Италија. Според Ѓоргиевски, предвидено е тие искуства  да се согледаат и искористат, за ќе се расправа најверојатно  на следната седница на Економско Социјалниот Совет, каде што ќе се формира работна група на стручни лица од социјалните партнери кои во целост ќе ги анализираат странските позитивни искуства и ќе дадат или нов предлог или надградба на постоечкиот кој е веќе изработен. С.Ј.  

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.