05 Декември, 2025
0.0443

Земјоделско лето 2015 та – за градинарските култури погубно, за лозјето сонцето добредојдено

Објавено во: Агробизнис 10 Август, 2015 09:14

Добивај вести на Viber

Високите температури што овој период ја зафатија земјава, се идеални за зреење на грозјето, но негативно ќе влијаат врз градинарските култури и есенската сеидба. Производителите на градинарски култури велат дека недостигот на влага во почвата и високите температури може да влијаат врз намалување на приносите и квалитетот на градинарските култури,  доколку земјоделците навреме не превземат мерки.

-Во овој период кога нема доволно влга во почвата но има високи теператури треба многу да се внимава со наведнувањето на градинарските култури. Исто така растенијата треба да се заштитат од силните сончеви зраци. За градинарските култури кои се под пластеници, вообичаено ставаме мрежа или вар за да направиме сенка и сончевите зраци да не можат да стигнат до растението. Слично затемнување се прави и за градинарските култури под стакленици. Доколку навреме не се реагира, тогаш овие високи температури и недостиг на влага која сега им е најпотребна на растенијата, негативно ќе влијаат врз количеството и квалитетот на градинарските култури. Ваквите временски услови се доказ дека климатските промени веќе го земаат данокот во земјоделството, вели Ристо Велков,претседател на Регионалниот синдикат на земјоделци.

Дополнително агрометеролозите укажуваат дека ваквите климатски услови може да предизвикаат и паѓање на цветовите и заврзаните плодови на градинарските култури. Порачуваат да се интензивира примената на заштитата од болести и штетници во одредени региони поради можна локална појава од дожд и град.

Во овој период во градинарството врши сеидбата на корнишоните, а аво некои региони во тек е бербата на црвената пиперка.

Сонцето добредојдено за грозјето

Наспроти за градинарските, сонцето е добредојдено за зреење на грозјето. Кон крајот на месецот се очекува да почне бербата на грозјето од сортата вранец, а потоа и на смедеревката. Сепак во периодот кога температурите се искачуваа и над 40-от степен, дел од лозовите насади претрпеа штети, но лозарите велат дека штетите биле минимални. Годинава за разлика од лани, лозарите очекуваат добар квалиет и приноси.

- Во овој период вранецот е веќе при крај со зреење, смедервката е малку во порана на зреење. Овие високи температури и жештини се добредојдени за зреење на грозјето, иако кога температурите беа над 40 степени имаше мали оштетувања, но тоа беа минимални количини. Очекуваме подобар квалитетет и приноси од ланската година која за нас беше катастрофална, но нема да биде толку добра како лозарската 2013-та.Годинава лозарите навреме изврија заштита на лозјата и немаше болести, вели Љупчо Аризанов,претседател на Регионалниот сојуз на лозари.

Сепак дел од експертите велат дека високите температури се штетни за десертните сорти на грозје како  “мишел палиер” и “рибиер” кои се  осетливи на временски услови. Укажуваат лозарите правилно да ги наводнуваат лозјата и да внимаваат при закинувањето на лисната маса на виновите лози, затоа што од нејзиното присуство или отсуство, зависи и дали сонцето ќе остави помали или поголеми последици врз родот.

Во однос на цените сеуште не е познато по која цена ќе се откупува годинава грозјето. Лозарите веќе имале една средба во министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство заедно со винарските визби на која било дискутирано за висината на откупната цена. Според пресметките на лозарите, откупните цени треба да бидат на ласнкото ниво или еден до два денари повеќе. Инаку лани смедеревката се откупуваше по 11 денари за килограм, а откупната на цена на вранецот беше 13 денари за килограм.

Дали сушата ќе ја пролонгира есенската сеидба?

Сегашните високи температури и недостиг на влага во почвата, можно е да ја пролонгираат есенската сеидба. Дополнителен проблем за земјоделците во дел од регионите се и уништените насипи на реките од поплавите, кои како што велат се уште не се санирани.

-Календарски есенската сеидба почнува од 1-ви септември, но претходно ние треба да ги подготвиме нивите за сеидба.  Ако продолжи сушниот период, најверојатно ќе задоцниме со есенската седиба. Дополнителна неизвесност за нас земјоделците е и тоа што сеуште не се направени насипите на реките кои беа уништени од поплавите. Дали ние што имаме површини покрај реки можеме да бидеме сигурни дека некој нов дожд нема да ни ги уништи повторно посевите?, вели Драги Мицкоски, претседател на здружението Аграр од Прилеп.

Инаку  жетвата на пченицата заврши, а земјоделците велат дека квалитетот е добар, но приносите се преполовени поради лошите временски услови. Откупната цена од почетните 9 денари за килограм, сега порасна на 11 денари за килограм пченица. Според информациите од земјоделците, на терен има недостиг на пченица, а мелничарите барале килограм повеќе пченица за откуп. Годинава според проценките производството на пченица е помало за околу 30 отсто. Намаленото производство според упатените ќе значи и поголем увоз на пченица. Податоците од Стопанската комора покажуваат дека од вкупните количини пченица кој мелниците во Македонија ги преработуваат, околу 60% е увозна, а 40% домашна откупена пченица.

Ј.С

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?