05 Декември, 2025
0.0352

Земјоделството е жедно за вода!

Објавено во: Агробизнис 05 Јуни, 2014 09:28

Добивај вести на Viber

Водата е клучен и најважен услов за развој на земјоделското производтсво. Македонија е богата со вода, но не ја користиме и покрај тоа што таа е основниот фактор за добивање високи приноси, односно конкурентно производство. Според податоците во Македонија има изградено водна инфраструктура за наводнување на 170.000 хектари земја, но засега водоводните системи наводнуваат само 30.000 хекатри. Развојот на системите за наводнување е поделен во 4 фази:
  • Од 1945 до 1958 година ( изградени се 27 системи за наводнување, пред се со површински техники и отворена каналска мрежа на вкупно 19026 ха)
  • Од 1958 до 1975 година  (изградени се 3 големи и 46 мали системи со вкупна површина од 68449 ха. Кај овие системи се јавува комбинација на површинските техники за наводнување и вештачкиот дожд)
  • Од 1975 до 1991 година кога се изградени 28 системи на површина од 36704 ха, пред се со затворена каналска мрежа кои се наменети пред се за наводнување со вештачки дожд.
  • Од 1991година  до денес кога пред се се изведува рехабилитација на постоечките системи за наводнување но се градат и нови (Злетовица, Лисиче и други.)
Ова значи дека голем дел од системите се стари речиси 70 години, а некои се изградени пред 50 години, а најновите пред 23 години. Агроекспертите потврдуваат дека се работи за скапи и долгорочни инвестиции, но од големо значање за севкупното производство на храна, особено во период кога климатските промени веќе го земаат данокот. Владата  најави дека ќе изработи посебна Стратегија за реконструкција, обнова и изградба на нови системи за наводнување за кои во следните 10 години ќе се вложат околу 200 милиони евра. И премиерот Никола Груевски изјави дека досегашниот модел на функционирање на системите за наводнување се покажал како неефикасен, и дека ова е еден од погорливите проблеми на земјоделството и најви дека подготвената Стратегија ќе се реализира на терен. Староста на системите за наводнување доволен доказ дека е потребна итна реконструкција и рехабилитација Старосната структура на системите за наводнување е доволен доказ дека е потребна итна реконструкција, велат агроескпертите. Правците во кои треба да се оди се кон заштеда на вода за наводнување, постигнување на високи приноси со помали количини на вода, локализирано наводнување, рестриктивно наводнување, конзервација на водата и многу други техники кои ќе овозможат да се произведе истата, дури и поголема количина на храна, а при тоа да се потроши помалку вода, вели за Фактор проф-др, Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна Фактор: Во каква кондиција се моментално системите за наводнување во земјава? Чукалиев: Системите за наводнување се во навистина лоша состојба. Оваа состојба не е од вчера, туку се провлекува подолг период. Токму поради тоа веќе беше изведена рехабилитација на неколку системи за наводнување со подршка на Светската банка  (Брегалница, Тиквеш, Полог) и германската банка за подршка на развојот (Јужно Вардарска Долина). Поради низа на проблеми во периодот на транзиција, структурни и системски реформи на секторот водостопанство, слаба подршка на новоформираните водните заедници и друго.Денес може да се каже дека овој проект не резултираше со саканите ефекти и наводнуваните површини наместо да растат опаднаа. Нововоспоставените водни заедници не се покажаа како ефикасни во управувањето со водата (пред се поради немање капацитети). Проектот изведе низа на подобрувања на мрежата за наводнување, но таа без соодветно одржување во голем дел пропаѓа. Ова јасно укажува дека пристапот во рехабилитација на системите за наводнување треба да базира врз реалните потреби и капацитети на корисниците на водата, односно земјоделските производители. Како позитивен пример треба да се истакне рехабилитацијата на системите за наводнување во Јужно Вардарската Долина, каде се постигнаа значајни резултати. Фактор: Колкава е вкупната инфраструктура за наводнување има Македонија и колку површини можат да се наводнуваат? Чукалиев: Бројот на системите за наводнување се движи околу 100, но многу од нив не се во функција. Со сите видови изградени системи може да се обезбеди наводнување на околу 170. 000 ха. Поради недоизграденост на некои системи, неизградени инфраструктурни објекти и друго може да се каже дека во Македонија  можни за наводнување се околу 120 000 хекатри. Во периодот од 2001 до 2010 година се од системите се наводнуваат од 15 000 до 27 000 хектари. Апсурдно е дека со Пописот на земјоделството во 2007 година околу 130.000 фармери (68% од земјоделските производители во земјата) изјавиле дека наводнуваат околу 70 000 хектари. Во таа година од системите за наводнување се наводнуваат само околу 22 000 хекатри. Значи преку 2/3 од наводнуваните површини се наводнуваат вон системот (диво или илегално користење на водите).Колку што сум информиран се изведуваат подготовки за посериозни реформи во секторот наводнување и очекувам да дојде до сериозно подобрување на состојбата со наводнувањето. Во моментов се наводнуваат околу 30 000 хектари од системите за наводнување. Сепак составот на културите во Македонија е таков да без наводнување не може да се постигнат саканите резултати. Фактор: Дали на сегашните системи за наводнување ги задоволуваат потребите? Чукалиев: Јас сметам дека не ги задоволуваат, се наводнуваат многу малку од површините, има големи загуби на вода, има илегално користење на водата, водните заедници во најголем дел немаат капацитет да ги изведуваат обврските кои им се дадени со закон. Понатаму ова се стари системи за наводнување, дизајнирани за површинско наводнување или дождење. Современите техники за микронаводнување бараат многу помало растојание помеѓу дистрибутивната мрежа (помеѓу каналите), постојана достапност на потребните количини вода со баран притисок и де. Доколку се спроведуваат рехабилитации на системите за наводнување секако треба да се има во предвид дека микронаводнувањето, пред се наводнувањето капка по капка е техниката кон која треба да се прилагодат системите. Тоа не значи дека другите техники нама да се применуваат, но онаму каде што може треба да доминираат капковото наводнување и микро дождењето, како многу ефикасни техники на наводнување. Фактор: Со оглед на старосната структураколку е важно инвестирањето во системите за наводнување  за развојот на земјоделството? Чукалиев: Реконструкција и рехабилитација на постојните системи за наводнување е апсолутен приоритет. Сепак на неколку наврати споменав дека ова мора да се прави врз база на барањата на современото земјоделско производство, но и можностите и капацитетите на земјоделските производители, Потребно е прво да се видат кои се нивните потреби и барања, а потоа да се пристапи кон реконструкција. Може да изградиме најсовремени и најубави системи за наводнување, во кои нема да има загуба на вода. Ама доколку земјоделците не ги прифатат и не се во согласност со нивните потреби повторно не сме направиле ништо. Едноставно земјоделецот знае што сака и што му треба, ако не ги слушнеме нив системите нема да се користат. Ако добро се сеќавам во прво или второ одделение во еден  од првите учебници со кои се среќаваат децата пишуваше дека наводнувањето ги зголемува приносите на земјоделските култури. Значи за мене ова е општо познат факт. Поголемо производство по единица површина во комбинација со повеќе наводнувани површини значи многу поголем обем на земјоделското производство. Тоа автоматски значи поголеми приходи за земјоделските производители, нивна подобрена благосостојба, активирање на руралната средина, потполна обезбеденост со храна на национално ниво, поголеми приходи од извоз Фактор: Со оглед на тоа климатските промени веќе го земаат данокот, колку со оспособување на системите за наводнување на што повеќе површини, ќе се ублажат негативните ефекти? Чукалиев: Точно, климатските промени се веќе присутни. Не зборуваме за иднината, туку за сегашноста. Дури и Европската Комисија во своите документи посочува дека последиците на климатските промени веќе се чувствуваат во некои сектори, а пред се во земјоделството. Според некои извештаи просечната температура во Македонија пораснала за околу 0,2 оС, а врнежите опаднале за скоро 100 мм. Климатските промени веќе го земаат данокот. Наводнувањето е една од најдобрите мерки за адаптација во македонското земјоделство, бидејќи кај нас приносите ги лимитира пред се сушата. Но со тоа расте потребата за наводнување, се повеќе вода ќе се троши во секторот наводнување и може да дојде до конфликти со другите сектори кои имаат значајни потреби од вода. Значи мора да се биде многу внимателен да се избегнат овие можни конфликти, да се оди кон наголемување на ефикасноста на наводнувањето, примена на мерки за заштеда на водата во земјоделството. Фактор: Каде е Македонија во споредба со другите земји во делот на наводнувањето, што прави светот за обезбедување на повеќе вода за земјоделството? Чукалиев: Македонија од секогаш ги пратела современите трендови во наводнувањето. Сепак мора да признаеме дека кај нас има многу мала инвестиција во науката и во развојните проекти. Но сепак се обидуваме да се држи чекорот со современите сознанија. Микронаводнувањето одамна е присутно на нашите ниви. Кај нас се инсталирани некои од најсовремените машини за наводнување (линеарни машини и центар пивоти). За жал можностите за инвестиција се релативно мали. Со влегување на големиот бизнис во земјоделскиот сектор очекувам интензивирање на инвестициите во наводнувањето и застапување на најмодерните техники како техниките со мал волумен и мал притисок на водата. Во светот околу 70% од слатката вода веќе се троши во секторот наводнување. Правците во кои треба да се оди се кон заштеда на вода за наводнување, постигнување на високи приноси со помали количини на вода, локализирано наводнување, рестриктивно наводнување, конзервација на водата и многу други техники кои ќе овозможат да се произведе истата, дури и поголема количина на храна, а при тоа да се потроши помалку вода. Ј.С

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?

Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?