Жерновски: „Жолтата куќа“ е приватна сопственост, ДУП-от е донесен во 2012-та
Објавено во: Македонија 10 Октомври, 2016
Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, одговори на многубројните критики на социјалните мрежи поради вчерашното рушење на познатата „Жолта куќа“ на ул. Максим Горки, која беше една од најстарите градски куќи со автентична архитектура.
„Жолтата куќа“ е на улицата Максим Горки, веднаш до некогашната печатница „Гоце Делчев“, каде што фирмата „НАСТЕЛ“ на бизнисменот Зоран Азманов ќе гради хотел. „Секогаш подржувам издржана критика, но не и неоснована и непроверена“, сподели на Фејсбук, Жерновски.
- Најискрено жалам за ова, но тоа е куќа во приватна сопственост, која е купена од „Настел“. Куќата, со одлука на Министерство за култура, е ставена под заштита на државата, но со измените во ДУП во 2012-та година, изгласан од поранешното општинско раководство, Управата за заштита на културното наследства не ја означила куќата како споменик на културата, и на истата има дадено можност за градба. Наведениот инвеститор ја урива куќата, која сега е негова приватна сопственост. Ова го нагласувам, бидејќи авторите на тие критики пишуваа дека општина Центар ја руши куќата, вели градоначалникот на Центар.