Добивај вести на Viber
Железничарите денеска одлучуваат за штрајк, откако фирмата се закани со нивно прераспределување по други буџетски институции.
Наташа Стојановска
Железничарите се закануваат со штрајк доколку власта и раководството на МЖ –Инфраструктрура не се откажат од намерата дел од вработените да ги префрлат на работа во други државни институции и на нивно место да ги донесат вработените од Ремонт на пруги.
Одлуката за штрајк, најверојатно ќе биде донесена за неколку часа, за кога е закажан и состанок на синдикалците со вработените. Според информациите на Фактор, веќе е извесно дека сите вработени ќе ја поддржат одлуката да се штрајкува доколку власта почне да ги прераспределува на нови работни задачи. Вработените во железницата сега се прераспределуваат да работат во музеи , театри, училишта, водостопанство, како хаусмајстори, редари, портири во Зоолшка и слично.
Според информациите на Фактор, вчера доцна попладне , списоците со 90 вработени од МЖ-ИНфраструктура кои ракводството ги смета за вишок, ги испратило во Министерството за информатичко општество и администрација. Веќе точно се знае кој вработен ќе треба да ја напушти железницата и во која инстутуција ќе треба да замине. Извори за Фактор тврдат дека раководството од одделот за човечки ресурси во железницата, вчера ги викало вработените што се на списокот за прераспределба еден по еден, и од нив барало да дадат согласност за ваквиот потег. Дополнително, посочуваат извори од железницата дека на вработените кои не потпишале дека се согласуваат да бидат прераспределни во други институции, им било кажано дека сепак списоците ќе бидат испратени во Министерството за информатичко општество и администрација и оттаму ќе им испратат допис со кој ќе им се каже кога, во колку саат и во која институција ќе треба да одат на работа. Откако ќе го добијат дописот, ако во рок од два дена не се јават на новата работна позиција тогаш ќе останат без работа.
Железничарите се револтирани бидејќи на новите позиции на кои ќе бидат прераспределени, ќе добиваат помала плата од онаа што досега ја имале во железницата. Но, дополнително револтот е уште поголем бидејќи до нив стигна најава дека иако тие ќе треба да ја напуштат железницата сепак на нивно место ќе дојдат вработените од Ремонт на Пруги. Вработените во железницата сметаат дека нема никава логика во одлуката тие да бидат отстранети од своите работни позиции и на нивно место да се вработат други, затоа бараат да си останат таму каде што се, а вработените од Ремонт на пруги да се прераспределат во државните институции и претријатија.
Во МЖ-Инфраструктура, вработени се 1300 луѓе. Компанијата изминатиот период се соочува со серија финансиски проблеми поради што доцнеа исплатите на платите а вработените во континуитет се закануваа со штрајкови за да си ги добијат парите .