03 Декември, 2024
0.0509

Жешка пролет: поплавите ќе ги поскапат доматите, краставици, пиперките и зелката!

Објавено во: Агробизнис 05 Март, 2013

Добивај вести на Viber

Поплавите што изминатиот период зафатија делови од земјата, лошо ќе се одразат врз раноградинарското производство, предупредуваат експертите. Особено е лоша состојбата во Струмичкиот регион каде што најмногу се произведува зеленчук. Водата од нивите е речиси повлечена, но зад себе остави уништени домати, краставици, пиперки и зелка, кои за два месеци требаше да се берат и да излезат на пазарот, а ништо подобра не е состојбата и пролетниот расад. Од Министерството за земјоделсвто, шумарство и водостопанство, велат дека се собираат податоци од погодените региони за да се направи проценка на штетите, врз основа на која ќе се врши обештетувањето на земјоделците. Но според грубите проценки на земјоделците околу една третина од родот што за некој месец требаше да се најде на пазарот е уништен. -Ситуацијата е страшна особено најмногу е уништена зелката, но и доматите, краставици и пиперките од пластеничкото производство со загревање. Уништен е голем дел од пиперката ајварка, како и расадот кој беше подготвен за расадување. Бидејќи водата речиси е повлечена може да почне повторно да се подготви расад, но тој ќе стаса подоцна и ќе се поклопи со производството на отворено, вели Ванчо Ристов, земјоделец од Струмичко Според прогнозите на експертите, ваквата ситуација можно е да доведе до поскапување на доматите, пиперките, краставици и зелката во периодот кога требаше да стасаат на пазарите, но ќе има и зголемување на увозот. -Штетите се огромни и треба објективно да се проценат. Цените зависат од пазарот, ако не е избалансирана понудата и побарувачката, ако има недостиг, а најверојатно и ќе има, ќе пораснат и цените на овие раноградинарски производи. Затоа ако се очекува намалено производство што е неизбежно да биде, оти  доста од родот е уништен, треба навреме да се планира увозот. Ќе мора да се увезе од земјите кои имаат поголемо производство и нудат пониски цени, како на пример Турција. Голем дел од расадот е уништен, не дека не може повторно да се подготви, но проблемот е што ќе стаса подоцна ќе се поклопи со производството на отворено. Намаленото производство ќе го поремети и извозот. Најголема цена остваруваме од раноградинарското производство, а ние во тој период на масовна понуда ќе доцниме. Сега треба на земјоделците да им се помогне со семеиња, ѓубрива и заштитни средства. Засега додека не се утврдат штетите не може да се каже за колку проценти ќе се зголемат цените и ќе порасне увозот. А оваа состојба треба да биде предупредување до централната власт дека треба навреме да се чистат речните корита и да се одржуваат во текот на целата година- вели Борис Анакиев, пензиониран професор од Факултетот за земјоделски науки и храна. Градинарското производство е меѓу првите три извозно ориентирани гранки, од кое во буџетот годишно влегуваат повеќе од 66 милиони евра. Околу 200 хектари се под оранжериско производство од кои се вади производство од околу 26.000 тони зеленчук. Пластеничкото производство зафаќа 3.800 хектари од кои се произведуваат вкупно повеќе од 190.000 тони, а производството на отворено зафаќа околу 42.000 хекатри со производство на околу 750.000 тони зеленчук.Најголем дел од производство на раноградинарски производи дури 48 отсто отпаѓа на доматите, потоа следат останатите, зелка, пиперки, краставици и друго. Поплавите уништија и дел од посевите со пченица Поплавите уништија и голем дел од лебното зрно, поради што оваа година во прашање ќе биде доведено производството на пченица. Прогнозите се дека, освен што е можен недостиг од пченица, туку и ќе се зголеми цената на  домашното лебно зрно. -Пченицата што долго време била под вода е веќе скапана, а лоштото е што на тие ниви веќе не може повторно да се засади пченица, туку ќе треба да се посеат фуражни култури или пченка. Како што сега стојат работите, најверојатно ќе имаме и лоша жетва- вели пензионираниот професор Анакиев. Мал процент од  земјоделците го осигуруваат производството Минимален број земјоделци се одлучиле да го осигураат земјоделското производство. Поради овие причини мала е и реализацијата на владината поддршка за осигурување. Според податоците од ресорното министерство, само 1.300 искористиле субвенции за полиси или вкупно 21 милион денари. - Не сме задоволни од апсорпцијата на средствата, но сепак, во однос на 2008 година кога оваа мерка беше првпат воведена заинтересираноста за осигурување на обработливите површини се зголемува. Тогаш 300 земјоделци користеа поддршка и беа потрошени три милиони евра, изјави пред извесен период Перица Ивановски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Земјоделците велат дека клучните проблеми за слабата заинтересираност  нереалното вреднување на земјоделското производство од страна на осигурителните компании и дефинирањето на условите во полисата. Најмногу полиси доега има за  градинарството, лозарството и овоштарството.За оваа година преку Програмата за поддршка и развој на земјоделството, се обезбедени околу 570.000 евра, со кои државата ќе покрива 60 отсто од трошоците за полиси на земјоделските површини. Ј.С

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.