ЖИВОТ МЕЃУ ОБЛАЦИТЕ: Ивона од Делчево го живее сонот на стујардеса во „Катар Ервејс“
Објавено во: Македонија 02 Јануари, 2019
Неможноста за напредок во Македонија биле пресудни Ивона од Делчево да почне да размислува да гради кариера надвор од татковината. Шанса видела во професија која носи динамичен живот, и е сѐ, само монотона не.
Поддршката од семејството и била поттик па иако e дипломиран толкувач по германски и англиски јазик и била во работен, решава да тргне во освојување на светот. Таа во моментов работи како стујардеса и е дел од тимот на една од најголемите авиокомпании Катарс ервејс. Големите попусти на тикетите и овозможуваат често да доаѓа во родниот крај а од јуни 2017год., Катар Ервејс воведе директна линија од Доха до Скопје што и носи предност почесто да доаѓа дома .
„Во моментов живеам во Доха, Катар. Како стујардеса работам 5 години. Иако бев во работен однос и претходно забележав дека во Македонија секојдневно се соочуваме со егзистенцијални проблеми а воедно потешко е да се напредува во работната кериера па така се роди и идејата да градам кариера во некоја друга земја со постабилна економија и социјална сигурност“ – вели Ивона за Фактор.
Таа ни раскажува дека за работата како стујардеса дознала сосема случајно, преку дневните медиуми.
„На почетокот бев малку скептична, бидејки станува збор за земја од Средниот Исток, општество кое е доста поразлично од нашето. Но ова професија за мене одсекогаш претставувала синоним за гламур и работа од соништата па решив да аплицирам“, додава Ивона.
За една стујардеса да добие лиценца за летање мора да помине 2 месечен тренинг кој се состои од писмен дел и практична обука. Најмногу внимание од тренингот се посветува на безбедност (сите можни сценарија во вонредна состојба: евакуација на копно и вода, пожар, декомпресија) а се поминува и низ тренинг за прва помош па дури и пораѓај на бебе во авион.
„За да бидете дел од "Cabin crew" тимот потребно е да имате минимум 21 година, да можат да се дофатат 212 см опсег во висина без потпетици и одлично познавање на англискиот јазик. Во предност е и познавањето на други странски јазици но не е задолжително“, раскажува стујардесата која вели дека е чест да се биде од тимот на компанијата која во 2018-та ја доби наградата за најдобра авиокомпанија во Средниот Исток според „Skytracks“.
За да бидете стујардеса не пресудува убавината...Секој лет, нов предизвик
Она што навистина компанијата го бара е професионалност, комуникативност и толерантност од кандидатите, да бидат спремни да помогнат и одговорат во секој момент, да бидат прибрани во кризни ситуации и способни бргу да реагираат.
-Прв пат кога
летав, летот беше краток. Летав од Доха за Дубаи и назад а се беше еден микс на
емоции, возбуда, исплашеност но и среќа-вели Ивона за која секој нов лет е ново искуство.
„Постојано летаме со нов тим на луѓе. Најпрвин пред секој лет се одржува краток состанок со екипажот во кој се дискутираат битни информации во врска со летот и секој добива позиција и задолженија. Потоа се оди во авионот каде се врши проверка на опремата и се подготвуваме за бординг. Тука започнува авантурата“, вели стујардесата додавајќи дека во зависност од должината на летот имаат можност и да престојуваат во одредени дестинации од 24-75ч, при што имаат доволно време да го запознаат и "истражат" новото место.
Едена недела, три континенти
Интересно е што оваа професија е се, само не монотона.
„Имате доста динамичен живот. Во една недела можете да се најдете на три различни континенти, да запознаете луѓе од сите страни на светот, да ги посетите сите егзотични дестинации за кои одсекогаш сте сонувале, да пробате најразлични светски специјалитети, да одите на "шопинг" во најпознатите трговски центри , како и прилика за добра заработувачка и одлична егзистенција. Меѓутоа како и секоја професија така и оваа, има свои негативности. Оваа работа е доста физички напорна, се соочуваме со константна промена на временски зони ( постојат денови кога ноќта ти се заменува со ден, а денот со ноќ), па така драстична промена на клима и температури, хроничната ненаспаност претставуваат шок за организамот и потребно е да се води голема сметка за здравјето и биоритамот“, вели Ивона.
Кога патува на Ивона најмногу и недостасува семејството, посебно за време на празниците и дружбата со пријателите . Најголем впечаток како земја и оставил Сингапур за кој раскажува дека е град на различности, совршено уреден во секој поглед со архитектура која остава без здив.
Катар пак, според неа е земја во арапскиот свет која бара прилагодување и вклопување во новата култура која е сосема различна од нашата.
„Сингапур е еден од ретките градови во светот кој не се соочува со невработеност на жителите. Додека за најгостопримлив народ сметам дека се Индонезијците. Тие се луѓе со големи срца. Пријателски настроени и спремни секогаш да помогнат. Тиблиси, главниот град на Грузија пак најмногу ме потсетува на мојата Македонија.
Катар од друга страна е доста специфично општество. Освен културолошките и религизоните разлики, високите температури и влажност на воздухот претставуваа голем проблем во процесот на мојата адаптација. Овде во лето температурите достигнуваат и над 50 степени Целзиусови“, додава дваесет и девет годишната девојка родум од Делчево.
Чудни навики
Најнеобично и доста интересно искуство во нејзината кариера вели бил фактот што во авионската кабина може да да се внесе сокол а за секое милениче се плаќа плус седиште.
„Се сеќавам кога за прв пат на некој од летовите за време на бординг во кабината се појави господин кој на својата рака имаше ракавица и држеше сокол. Причината зошто некои авиокомпании им дозволуваат на своите клиенти да ги понесат со себе овие птици лежи во тоа што соколот претставува национална птица на Обединетите Арапски Емирати, Катар, Оман и Саудиска Арабија. Воедно со милениуми соколот се користел за ловење плен во пустината и претставува симбол за храброст, сила и благодет. Интересен е фактот што сопствениците за своите „миленичиња“ мора да резервираат уште едно седиште“ , вели Ивона.
Таа вели дека работата како стујардеса е прекрасно искуство кое и отворило можност да го запознае светот. Смета дека оваа професија е краткорочна па за 10 години себе си сѐ гледа стационирана на земја со уште поуспешна кариера во насока на нејзината стручна професија.
„Не ја исклучувам можноста за враќање во Македонија....животот е полн со предизвици и изненадувања и не знаеме што ќе ни донесе утрешниот ден. Најбитно е да ја сакате работата и да сакате да бидете опкружени со луѓе. Најтешко е тоа што треба да ги контролирате своите емоции и да бидете прибрани и во најтешките ситуации.
Следете ги своите соништа и превземете ризик, бидејќи некогаш вреди да се ризикува“, вели за крај стујардесата Ивона.
Ирена Ставрова