ЗЛОУПОТРЕБИ ВО ФОНДОТ ЗА ИНОВАЦИИ: Шеесет компании со фиктивни проекти направиле „дупка“ од 3,2 милиони евра
Објавено во: Економија 29 Октомври, 2024
Шеесет компании со фиктивни проекти направиле „дупка“ од 3,2 милиони евра во Фондот за иновации.
Информацијата денеска на прес-конференција ја oбелодени в.д. директорот на Фондот, Никола Додов, кој сподели дел од наодите на внатрешната ревизија во институцијата, која е сè уште во тек. Тој најави кривични пријави и други правни мерки против компаниите кои ги направиле злоупотребите.
„Овие средства кои биле наменети за поддршка на иновации и развојни проекти биле злоупотребувани од страна на околу 60 компании. Наместо да ги користат средствата за реализација на проектите тие спроведувале фантомски проекти без конкретни резултати, што резултира со значителна штета на државниот буџет и граѓаните. Во рамките на ревизијата која се спроведува, од вкупно 60 компании кои се предмет на истрага веќе се поведени постапки за наплата на побарувања пред надлежен извршител, додека дел од нив се во постапка за поднесување на кривични пријави и граѓански парници по кои понатаму ќе постапува надлежното обвинителство, односно надлежните судови. Според нашите наоди вкупниот износ што овие компании го должат во државниот буџет е 192 888 642 денари, што е приближно некаде околу 3,2 милиони евра“, рече Додов на прес-конференцијата.
Во таа насока, директорот соопшти дека за време на истрагата дошле до информации дека неколку фирми се корисници на повеќе грантови за слични или идентични проекти, што според Додов го отвора прашањето колку е транспарентен и ефикасен системот на доделување грантови.
Ревизијата на новото раководство на Фондот за иновации и технолошки развојот дошла и до информации кои, како што кажа Додов, упатуваат на сомнителни практики во управувањето на јавните средства. Конкретно, тој наведе компанија чие раководство било во непосредна роднинска врска со високи функционери од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Без да кажа за која компанија се работи, Додов додаде дека нивните истражувања покажале дека нејзиниот управител не само што добивал финансиски средства од Фондот, туку истиот бил управител на уште четири други фирми кои исто така имале добиено средства за иновации и технолошки развој.
фото принтскрин