Знаеме ли што јадеме, дали српското увозно брашно има тешки метали?
Објавено во: Агробизнис 01 Март, 2013 07:00
Првичната анализа на пратката со пченица од Србија покажала дека има зголемено присуство на тешки метали, но како што објаснуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство, за секоја сигурност мострите се пратени на дополнителни супер анализи, а резултатите од нив ќе бидат готови следната недела. Се работи за околу 300 тони пченица од двајца српски извозници, и била наменета за три македонски млина. Спорните количества додека не се добијат резултатите од супер анализите ќе бидат затворени во магацините на увозниците. Од Агенцијата тврдат дека ниту грам од спорната пченица не завршила во производство на брашно и леб.
Според Правилникот за општите барања за безбедност на храната, анализите за тешки метали што се прават при увоз на брашно, не се прават на секоја пратка, тоа зависело од обемот на увезените количини. Но, според Правилникот задолжителни се контролите за квалитет на сите увозни пратки. Овие услови биле во согласност со одредбите на Светската трговска оргазинација, односно секоја земја извозник е должна да има сертификат за безбедност за секоја пратка со резулатите направени во референтна лабораторија во земјата која извезува.
-Доколку се потврдат и резулатите од супер анализите, тогаш не само што треба да се засилат контролите, туку ќе треба да се направи и соработка и контроли кај фирмите увозници и фирмите извозници, да се дојде до вистинската трага, за да нема дополнителни штети и по компаниите и по граѓаните. Бидејќи, нашите фирми увозници не се виновни што пратката од Србија имала зголемено количество на тешки метали- вели Ѓорѓиев.
Минатата година над 20 тони пченица со олово заврши како добиточна храна, откако компанијата увозник од Битола без да ги дочека резултатите од анализите ја пуштила пченицата во промет, за што фирмата заработи казна од 5.000 евра. Тогаш од 19 камиони со пченица од Украина една од мострите покажа зголемено присуство на олово.
Со зголемување на домашното производство ќе се намали ризикот од сомнителни пратки од увоз
Зголемувањето на сопственото производство на пченица ќе го намали ризикот од сомнителни увозни пратки во земјава, коментираат мелничарите. Според нивните проценки Македонија има услови за производство на пченица и може комплетно да си ги задоволува домашните потреби за оваа житарка.
-Тоа може да се постигне само со правилна распределба на субвенциите и на правилна примена на агротехничките мерки. Тогаш нема да има потреба од увоз на пченица. Секако и кај нас треба да се вршат контроли, бидејќи ние сме увозно зависни од семиња, ѓубрива и затоа треба да се контролираат и нашите производи и пченица. Ние постојано се залагаме да произведуваме доволно пченица, доволно храна, која ќе биде конкурентна на европската и на балканската пченица. Ако произведеме доволно евтина добиточна храна тогаш ќе имаме и евтино месо, јајца и млеко. Имаме услови, оти имаме доволно земја, само ни е потребна поголема органзација. Се додека сме увозно зависни ќе плаќаме и поскапа храна и пченица. Македонија засејува 100.000 хектари со пченица, ако со добра организација добиваме по 4 тона од хектар, ќе можеме да ги задоволиме домашните потреби, и така со таа количина, не со цената да бидеме конкурентни на српската пченица- вели Ѓорѓиев
Мелничката индустрија на колена
Мелничарите бараат оваа година да не се воведува мерката за условен откуп на пченица додека трае жетвата зашто тогаш берзанската цена е најниска. Предупредуваат дека нивниот опстанок е доведен во прашање поради нелојалната конкуренција на домашниот пазар.
- Ние бараме во ек на жетва да не се поставуваат бариери за слободен увоз на пченица, второ квотите кои се пуштаат од 12-ти месец од тековнта година да важат за целата година. Пазарот треба да биде слободен, и ние неколку пати апелиравме до надлежните во жетва да биде слободен пазарот, само така може да бидеме конкурентни на странското брашно. Тоа е и согласно правилата на СТО и ЦЕФТА. Бидејќи досега не добивме конкретен одговор од надлежните институции, сега ќе бараме средба на повисоко ниво, со премиерот Никола Груевски. Состојбата во мелничко -пекарската индустрија е алармантна, се отпуштаат работници, намалени се капацитети на производството, се затвораат млинови.Мелничката индустрија е пред колапс поради диспаритетот меѓу домашното и увозното брашно - вели претседателот на мелничко-пекарската индустрија при СКМ, Николчо Ѓорѓиев.
Ј.Ј.
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
ИМА ДОБРИ ПРИНОСИ, А БАРА МАЛКУ ЃУБРИВО: Оваа култура станува популарна во Војводина
Koj е најголемиот европски центар за производство на зеленчук?





