Зоран Заев во 2018 - Живот на „шкрги“
Објавено во: Анализа 31 Декември, 2018
Зоран Заев во еден јавен настап пред да стане премиер кажа дека владата на СДСМ толку многу работи ќе направела што еден мандат ќе и бил доволен, односно граѓаните не би имале потреба повторно да ја гласаат. Оваа изјава дадена пред три години тогаш не беше премногу анализирана, ниту пак и беа дадени некакви пророчки ефекти. Но, начинот на кој премиерот Заев дозволи владата до тој степен да го разочара граѓанскиот сектор, да ги изневери надежите за правна држава со амнестијата за дел од учесниците во Крвавиот четврток и осомничените од СЈО, остава простор навистина да поверуваме дека на СДСМ ќе им бидат доволни само четири години на власт.
Сите потези на власта кои ги предводи токму Зоран Заев се релативизираат со изговорот за некакво поголемо добро, за конечно решавање на спорот за името со Грција, за имплементирање на Преспанскиот договор кој ќе ни ја крене рампата за влез во НАТО и за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Но, ако тоа е возвишениот идеал за кој се залагаат сите политички елити од македонската самостојност, дали цената која сега ја плаќаме е прифатлива?
Дали за некое подобро замислено утре, за некаков посакуван просперитет и солиден старт за некои следни генерации треба да се жртвува денешната верба во правната држава, во принципите за еднаквост пред законите за сите граѓани без оглед на нивната положба?
А, Заев како што преткажа навистина направи многу работи за неполн мандат кои беа незамисливи за претходните владејачки гарнитури. Прв крупен чекор беше постигнатиот Договор за добрососедство со Бугарија кој предвидува повеќе компромиси за македонската држава. Следеше секако, договорот со Грција со кој се презема обврска за промена на уставното име во Република Северна Македонија за севкупна употреба, како и промена на Уставот, отстранување на одлуките од АСНОМ во Преамбулата и нивна замена со Прогласот на АСНОМ, како и вметнување на Рамковниот договор што произлезе подоцна со отворање на дебатата за уставни измени.
Опозицијата со право реагираше на конечниот договор со Ципрас бидејќи пробниот балон „Република Илиденска Македонија“ за ерга омнес пропадна, а Заев не успеа да го задржи ветувањето дека нема да се „чепка“ македонскиот устав и дека не треба дома да бидеме обесчестени. Голем дел од македонската јавност сепак, ги прифати договорите со соседите, јасно давајќи согласност да се направи жртва за одблокирање на евроатлантските интеграции. Но, патот до нив донесе нови предизвици, особено амнестијата за Крвавиот четврток.
Да потсетиме на 27 април годинава Заев ги уверуваше новинарите дека нема да прави никакви политички договори, рече „зарем да дозволам амнестија за повторно да се обидат да ме убијат“. Не само што ќе има делумна амнестија за учесниците во крвавите настани во Собранието, туку и преку измени на Кривичниот законик од кривична одговорност ќе се спасат и дел од обвинетите и осудените од предметите кои произлегоа од „бомбите“, а кои ги води СЈО.
Од толку многу висока политика изминатава година, бројни посети на светски великодостојници, од прашања да се биде или не, од убедување на јавноста дека нема друг пат, во втор план паднаа политиките за заштита на животната средина и здравјето на луѓето, за неопходните реформи во јавната администрација која е гломазна, неефикасна и се повеќе го оптоварува реалниот сектор, за реформите во здравството кои каскаат, а се повеќе доктори ни се иселуваат, за реформи во правосудството кои никако да донесат правичен систем еднаков за сите, за реформи во полицијата и тајните служби кои засега се сведуваат на формирање на ОТА која е во зародиш, како и за економски прогрес кој ќе го доближи Македонецот до просечна плата од 500 евра.
Премиерот Заев во 2018 година потроши голем дел од политичкиот креди пред граѓаните, но барем успеа да создаде атмосфера во која критиките гласно се упатуваат на владина сметка. Тргнати се стегите од медиумите кои ги држеше претходниот режим, намален е стравот од реперкусии за јавно искажан збор и став, а овозможена е дебата за многу прашања и државни политики за чие креирање делумно се слуша и мислењето на експертите и граѓанскиот сектор. Најавените реформи во казнената политика и инспекцискиот надзор даваат надеж на бизнис секторот дека ќе може да работи без притисоци и селективен пристап.
За човек да го преживее македонскиот воздух, како и политичката клима навистина треба да развие шкрги, бидејќи од живеење со полни гради се уште сме многу далеку. Затоа треба постојано да ја потсетуваме власта и премиерот Заев за ветувањата кои ги дадоа и за принципите по кои тврдеа дека ќе се раководат во водењето на политиките.
Автор: Христијан Станоевиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.