20 Април, 2024
0.0249

Зошто Македонците го користат сонцето само за сончање и фаќање сеир, а не да прават енергија?

Објавено во: Анализа 30 Март, 2013

Добивај вести на Viber

Со 280 сончеви денови во годината и 1.500 киловат-часови сончево зрачење на метар квадратен, Македонија спаѓа меѓу државите со најголемо сончево зрачење во Европа, но не и меѓу лидерите во искористувањето на соларната енергија Многу држави во светот одамна сфатија дека енергетската стабилност во голема мерка зависи од искористувањето на  бесплатниот и еколошки чистиот извор на енергија-сонцето. На овој бесплатен и еколошки извор на енергија му се потребни само три часа за да испрати на земјата енергија колку што целото човештво троши во текот на една година. Иако Владата во јавноста се залага за што поголемо искористување на обновливите извори на енергија, реалноста го покажува спротивното. Состојбите и во иднина нема драстично да се променат, ако се земе предвид фактот дека и во Енергетската стратегија на Македонија до 2030 година, која ја изработи МАНУ по нарачка на Владата, пишува дека до 2020 година треба да се изградат сончеви централи со моќност од 10 до 30 мегавати, кои ќе произведуваат само 0,2% од вкупното производство на електрична енергија во земјава! Во Македонија државата го ограничи производството на струја од фотоволтаични централи до капацитети со моќност до 10 мегавати (2 мегавати за капацитетите со моќност до 50 киловати и 8 мегавати за електраните со моќност до 1 мегават), кои речиси се искористени. Од Агенцијата за енергетика повеќе од половина година бараат од Владата да се зголеми квотата за повластено производство на електрична енергија од сончеви централи за нови 22 мегавати во следните 7-10 години. “Ние доставивме мислење до Владата, во кое предлагаме Комисија на лице место да го анализира бизнис планот на инвеститорот и Агенцијата за енергетика и Владата да му исплатат субвенции на инвеститорот во првите 6 години. Во овој случај, инвеститорот ќе ја продава струјата добиена од сонце, не по повластена или субвенционирана цена, туку по пазарна. Откако ќе поминат 20 години од оперирањето на централата, инвеститорот да ја предаде во сопственост на државата, односно на ЕЛЕМ“, изјавија неодамна за Фактор од Агенцијата за енергетика. Од Агенцијата за енергетика предлагаат да се ограничи инсталираниот капацитет на електраната, односно да не може еден ист инвеститор да изгради електрана и до 10 мегавати, со што ќе лапне огромен дел од колачот, за сметка на поголем број инвеститори кои сакаат да се занимаваат со овој бизнис. И експертите и инвеститорите порачуваат дека иднината на енергетската стабилност на една земја лежи во производството на енергија од обновливи извори на енергија. Со тоа ќе се намали зависноста од скапиот увоз на енергенси, ќе се намали ризикот од неизвесноста во обемот на понудата и флуктуации во цените на енергенсите, посебно во услови на растечка потрошувачка на енергија. Македонија, иако мала по површина, спаѓа во земјите со најголемо сончево зрачење во Европа, со вкупно 280 сончеви денови годишно (1.500 киловат-часови сончево зрачење на метар квадратен), што е 6-7 часа сончево зрачење дневно. Австрија и Германија пак, иако имаат 30%-40% помало сончево зрачење, 100 пати повеќе ја искористуваат сончевата енергија од Македонија. Европски лидери во производството на електрична енергија од сонцето се Австрија и Германија, кои досега имаат произведено по речиси 12 гигават-часови струја од сонце!   К.П