Добивај вести на Viber
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, ќе предложи укинување на Друштвото за енергетски дејности Енергетика- Скопје, АД Скопје. Тоа значи дека пропаѓа и најавата на Трајановски за гасификација на главниот град. Причината за ваквиот чекор се измените во Законот за енергетика и одземањето на ингеренциите.
-Во изминатиот период и покрај преземените активности не се обезбеди партнер и инвеститор од причини што во економските услови кои се присутни на енергетскиот пазар на Македонија сеуште нема посебен интерес кај инвеститорите за да се инвестира во дистрибуција на природен гас. Освен тоа, со новиот Закон за енергетика кој во меѓувреме беше донесен одземено е правото на Градот Скопје непосредно да ја додели работата на можен инвеститор во секторот на дистрибуција на природен гас, бидејки ингеренциите за отпочнување постапка за давање на концесија во областа на гасификацијата се префрлени на ниво на држава. Законот за енергетика предвидува доделување на концесија на идниот концесионер-но со обврска да го покрие целиот регион, а не град или општина а таквата одлука е економски неоправдана за инвеститорите, стои во образложението од Град Скопје.
Во 2007 година Советот на Град Скопје донесе Одлука за основање на Јавно претпријатие за вршење на енергетски дејности од јавен интерес од локално значење за градот Скопје, поточно за гасификација на индустријата и домаќинствата на подрачјето на градот Скопје. Непосредно по формирањето ова јавно претпријатие со одлука на Советот истата година се трансформира во акционерско друштво.
- Се оцени дека со промената на обликот на организирање ќе се создадат правни и организациони претпоставки за привлекување капитал потребен за реализација на проектот за гасификација на домаќинствата и индустријата. Формата на акционерско организирање се сметаше за најповолна форма која ќе го гарантира интересот и влијанието на потенцијалниот инвеститор во оваа сфера на работење. Градот Скопје е единствен основач и акционер на АД Енергетика Скопје, образложуваат од Градот.
За Предлог одлуката за згаснување на Друштвото за енергетски дејности Енергетика- Скопје, следната недела ќе треба да се изјаснат и советниците од Градот Скопје.
Гасификацијата главен адут на локалните избори
Гасификацијата беше главен адут речиси на сите градоначалници на изминатите локални избори. Тогаш
Коце Трајановски, најави гасификација на Скопје, по пат на концесија во соработка со општините и со Министерството за транспорт и врски да работи на гасификацијата на домаќинствата, училиштата, јавните установи.
Гасификација најави и градоначалникот на општина Центар
Андреј Жерновски. Од таму неодмна информираа дека формирањето на Јавното претпријатие за гас на општина Центар влегува во завршна фаза и дека се оди според ветувањата и реалните можности.
Бесплатен приклучок на гасоводната мрежа за сите граѓани од општина Карпош, вети и градоначалникот на општина Карпош
Стевчо Јакимовски, како и останатите кандидати за градоначалници на изминатите локални избори.
Но досега и пред локалните избори најмногу успех во оваа област постигна градоначалникот на Струмица
Зоран Заев, кој уште лани ја гасифицираше општината, а по него на гасот се приклучи и општината Куманово.
Ј.С