10 Мај, 2024
0.0254

Зошто земјоделците не искористуваат дури 30% од парите предвидени со буџетот?

Објавено во: Агробизнис, Колумни 22 Октомври, 2014

Добивај вести на Viber

Според  податоците од завршните сметки на Буџетите (објавени во Службени весници на РМ), македонските земјоделци во последните четири години не можеа да искористат повеќе од 70% од планираните средства со Буџетот за програмите за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Бидејќи финансиските средства за поддршка на земјоделството и руралниот развој се планираат секоја година потребно е следење на нивното трошење, анализа на остварување на извршеното трошење за да не се повторува евентуално погрешно  насочување на средствата и во следната година од страна на планерите на програмите. Меѓутоа стручната јавност па и земјоделците, неможат да дојдат до податоци за извршување на годишните програми, бидејќи во јавноста се презентираат само вкупно планираните средства и планската структура во годишните програми за поддршка на земјоделството и руралниот развој, а во текот на годината преку јавните гласила се објавуваат парцијални податоци за некоја исплата на земјоделците. Според тоа, во јавнота се прикажува дека земјоделците ги трошат сите средства предвидени со буџетот (кои не се мали за можностите на македонската економија), па понекогаш има негодување од некои граѓани и создавање лош  однос кон земјоделците. Прецизното планирање на активностите во земјоделското производство е сложен процес поврзан со голем број неизвесности на ниво на самото претпријатие, а уште повеќе е сложен процес со повеќе непредвидливи случувања на ниво на целото земјоделство во земјата. Затоа не е потребна голема стручност за да се знае дека помеѓу планирањето на буџетските средства за поддршка на земјоделството и остварувањето на планот не можат да се поклопуваат, како што сакаат да го претстават претставниците на ресорното министерство и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Споредбата на предвидените средства во буџетите за 2010, 2011, 2012 и 2013 година, со извршувањето на буџетите за соодветните години покажува сериозни разлики по година, односно потрошените средства се помали за 20%, па до 40% . Преглед на споредбата помеѓу планирани и исплатени средства*) во милиони ден. во илјади евра
Показател 2010 2011 2012 2013 Вкупно Просек
1. Планиран износ во буџет (ден.) 6,067 6,738 7,813 8,265 28,883 7,221
2. Исплатен износ по завршна сметка на буџет (ден.) 4,870 3,973 5,661 5,866 20,373 5,093
3. Разлика (1-2) 1,197 2,765 2,152 2,399 8,510 2,128
Денарските вредности изразени во евра по курс 61,2 ден. за евро
4. Планиран износ во буџет (евра) 99.036 110.098 127.663 135.049 471.846 117.962
5. Исплатен износ по завршна сметка на буџет (евра) 79.575 64.918 92.500 95.840 332.841 83.210
6. Разлика (4-5) 19.461 45.180 35.163 39.200 139.004 34.752
7. Однос-испитано: планирано (5х100:4) 80,3 59,0 72,4 70,9 70,5 70,5
*Податоците се од завршните сметки на буџетите објавени во Службен весник на РМ бр. 138 – 2011, 114-2012, 157-2013 и 107-2014 година. Податоците од прегледот покажуваат релативно високи разлики, бидејќи од вкупно планираните во буџетите средства за 4 години од над 470 милиони евра за земјоделството и руралниот развој, реализирани се 332,8 милиони евра или на земјоделците и руралните подрачја им се припишуваат неискористени близу 140 милиони евра. Затоа се наметнуваат сериозни прашања, зошто е тоа така? Дали се земјоделците виновни за неискористување на неповратни финансиски средства кои државата им ги дава? Дали се неорганизирани, неинвентивни, непретприемчиви, дали  немаат доволно капацитети, или неможат да ги исполнат нормите и условите кои ги поставуваат годишните програми за поддршка на земјоделството и рурален развој? Ако ваквата неможност за искористување на финансиските средства се повторува повеќе години, зашто нема анализи, откривање на проблемот и негово решавање, туку се продолжува по старо? Финансиската поддршка на земјоделството и руралниот развој е најважна оска во аграрната политика. Од поддршката се очекува пред се развој на земјоделството и зголемување на стандардот на селското население. Кај нас не се истражува какви ефекти се постигнувааат со финансиската поддршка и каква е корелацијата помеѓу искористените средства и постигнатите резултати. На програмите за поддршка на земјоделството и руралниот развој можат да се постават сериозни забелешки. Пред се тоа е  димензионирањето на средствата и нивната структура за поединечни мерки воопшто не се компарира со искористените средства во предходните години. Така и „Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој за период 2013 – 2017 година, не се базира на остварувањето во 2012 година туку програмата за 2012 година. Се поставува прашањето, зошто учеството на планираните средства за сточарството во годишните програми од учество со 36,5% во 2009 година, се намалени на 30,5% во 2014 година. А бројноста на главните видови добиток е помал во 2013 година во споредба со 2009 година, зашто вкупното производство на месо е намалено во 2013 година во споредба со 2009 година од 25,4 илјади тони на 20,9 илјади тони. Зошто се намалува вредноста на добиеното производство? Според „Економските сметки во земјоделството„ односно тековните цени, вредноста од 23 милијарди денари во 2008 година е намалена  на 18 милијарди денари во 2012 година, зошто е зголемена вредноста на увезеното месо од 140 милиони долари во 2009 година на 170 милиони долари во 2013 год? Или зошто е зголемен увозот на храна во 2013 година на 681 милиони долари од 560 милиони долари во 2009 година?Овие показатели јасно зборуваат за погрешни политики во земјоделството, но не е само тоа, опаѓа користењето на обработливите површини, а растат необработените површини и угарите, опаѓаат површините под пченица и пченка како и вкупната продукција од овие жита за чиј увоз се трошат околу 100 милиони долари годишно. Дали заради лошата аграрна политика, Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство и Платежната агенција молчат за неискористените финансиски средства кои Буџетот ги планира. Дали е добро и каква политика се води кога постојано на чело на МЗШВ се наоѓаат неуки луѓе за земјоделството. Затоа ли најновото раководство ова лето им дава дополнителна поддршка на ситни производители на пченица, наместо поддршка на сточарството поради болеста син јазик исто, како и генералната поддршка која не стимулира окрупнување туку повеќе се однесува како да се дели социјална помош, наместо поголема поддршка на покрупните стопанства кои можат да го развијат секторот. На прашањето кој е повеќе виновен што за развојот на земјоделството и руралното подрачје не се користат 30% од предвидените со буџетот финансиски средства за последните четири години кои достигнало сума од 139 милиони евра, без дилеми гласи одговорот, дека тоа се голем број погрешни политики во македонското земјоделство. Проф. Др. Борис Анакиев