26 Април, 2024
0.0291

Д-р Билал Суџубаши, Главен извршен директор на Халкбанк

Суџубаши: Халкбанк е незапирлива, кризата во Турција нема влијание

Објавено во: Економија, Интервјуа 06 Септември, 2018

Добивај вести на Viber


Халкбанк и натаму ќе кредитира мали и средни компании со што ќе се промовира и поголем раст во македонската економија, вели во интервју за „Фактор“ главниот извршен директор на банката, д-р Билал Суџубаши. Вели дека кризата во неговата земја нема да има влијание врз работењето на банката овде, ниту, пак, има друг канал преку кој оваа криза може да се прелее во Македонија. Смета дека кризата е увезена и тврди дека од ова Турција ќе излезе посилна. Банката со која раководи од лани на македонскиот банкарски пазар направи одличен продор и стана четврта најголема банка во земјава. Имаше раст во повеќе сегменти на работењето (раст на средствата, кредитирањето, но и депозитите што пораснаа со најголем процентуален раст во земјата).

„Од 2011 година работиме на македонскиот пазар под името Халкбанк, претходно, банката е основана како ИК банка. Ја презедовме и Зират банка и потоа продолживме како Халкбанк. Не само во 2017 година, туку од влезот на македонскиот пазар како Халкбанк, или во изминативе шест години, сме најбрзо растечката банка во Македонија. Во 2017 година, секако, во сите банкарски домени и производи бевме најбрзо растечка банка во земјата и станавме и системски значајна банка, а поради растот лани, Халкбанк сега е четврта најголема банка во земјава. Многу ни е значајно знаењето („know how“) од нашата матична банка, особено во доменот на кредитирањето претпријатија. Ние сме препознатливи во Турција и во Македонија како банка што ги поддржува, пред сè, малите и средни претпријатија. Сметаме дека кредитирањето и финансирањето на малите и средни претпријатија има голем ефект во развојот на економијата, и поддршката за нив ја сметаме и како наша должност. Секаде во светот, претприемачите или малите и средни претпријатија потешко стигаат до финансии, па убеден сум дека со поддршката во овој домен, односно на корпоративниот сектор, ние се разликуваме од другите финансиски институции. Нашето работење во овој сегмент доби признание од ’Глобал банкинг‘ и ’Фајненс ривју‘, кои нè прогласија за најдобра банка за мали и средни претпријатија во 2017 година. Исто така, брзиот развој и поддршката беа видени од ’Супербрендс‘, па станавме супер бренд за 2017/2018 година. Се надевам дека успешните резултати ќе продолжат и оваа година, веќе има добри показатели во првото полугодие и во 2018 година сакаме во повеќе домени да го зголемиме пазарното учество како што се навестува.“

СО ЕУ И НАТО ЌЕ Ѝ ТРГНЕ НА МАКЕДОНИЈА

Во Македонија работите во услови на послаб економски раст и политички турбуленции што влијаеја врз економијата. Банкарскиот сектор се покажа отпорен на кризите, а кредитирањето има солиден раст, исто така и депозитната база. Какви движења очекувате, од што ќе зависи растот на македонскиот банкарски сектор во следниот период?

Навистина добро го анализирав банкарскиот сектор на Балканот и можам да потврдам дека најстабилен банкарски сектор има Македонија. Пред сè, ова се базира на адекватноста на капиталот на банките, но и на нивото на нефункционални кредити што е на историско најниско ниво. Навистина во изминативе три години во Македонија владееше блага економска и политичка криза. Економската повеќе беше отсјај на политичката криза во земјата. Сепак, и овој период покажа дека растеше и се одржа стабилноста на банките и секторот. Има раст и на странските директни инвестиции и верувам дека кога ќе се стабилизира политичката криза, овој раст ќе биде уште поголем. Мислам дека големо влијание ќе има разрешницата на ЕУ и НАТО интеграциите и во случај на позитивен исход ќе има и повеќе инвестиции и поголем раст. Ние и во следниот период нема да ги заборавиме малите и средни претпријатија и добрите корпоративни проекти што исто така се значајни за економијата и додаваат огромна вредност. Паралелно, нема да се заборави и населението и кредитите за него. Со сето ова и дополнително ќе се стимулира растот.“


ПОВЕЌЕ КРЕДИТИ И ДЕПОЗИТИ

Од аспект на граѓаните, но и на фирмите, кредитирањето е тема што најмногу ги засега, а, се разбира, и висината на каматните стапки. Која стратегија ја имате вие во овој аспект, растот во овој сегмент е очигледен, но кој ќе стигне до пари, каква ќе биде во иднина каматната политика?

Како што може да се забележи, особено од случувањата во Европската Унија и од вредноста на еврото се гледа надолен тренд во каматните стапки и во Македонија. Ние како еден играч во овој сегмент се приспособуваме според пазарните камати. Приспособувањето и давањето ниски камати не е секогаш предност, важно е да се даде квалитетна услуга. Освен каматната стапка, ние гледаме и да бидеме партнери на долг рок, да учествуваме заедно со фирмите на тие проекти и да бидеме поразлични, да се разликуваме од другите банки. Секако, свесни сме дека каматната стапка игра голема улога во пласирањето на средствата на банките. Ние се приспособуваме на пазарните услови и така ги креираме каматите.“


Ако се анализираат податоците за штедењето, вие исто така имате импресивен раст, но и на ниво на банкарскиот сектор, растот е стабилен.

„Довербата е најпресудна. Целокупното депозитно портфолио е од домашниот пазар и од населението. Тоа ни е чест затоа што луѓето и пазарот имаат доверба во нашата институција. Како и другите производи, и депозитите треба да се продадат и да се соберат, а за тоа придонесуваат и вработените. Во таа насока, за да бидеме подостапни имаме многу филијали и со отворањето на новите филијали сакаме да стигнеме до секој дом во Македонија и до секој клиент. Мислам дека пристапот и насмеаните лица се исто така важни. И големите македонски компании, како и малите фирми, покажаа голема доверба во нашето работење и насочија дел од парите кон нашата банка и поради тоа порасна кредитното портфолио.“


ВАДЕЊЕ ГОТОВИНА ОД БАНКОМАТ БЕЗ КАРТИЧКА

Халкбанк е позната по дигитализацијата на банкарството, па први воведувате низа услуги. Граѓаните во земјава бавно ги прифаќаат новите трендови, дури и сèуште преферираат готовина наместо картичка. На кои новини работите сега? Какви нови технологии воведувате?

„Тоа е нормално, во зависност од местото каде живееме, односно развојот на државите во регионот не е на високо ниво, па не се развиени до таа мера ни афинитетите кон новите технолошки продукти. Сепак, има прилично млада популација што брзо се приспособува на дигитализацијата и на новите производи што ги нудат банките. Очекувам за краток период и Македонија да го достигне нивото на Европската Унија во тој дел. Имаме параметри што мерат колку се користи класичното банкарство, а колку дигиталното, и навистина се гледа дека процентот на дигиталното е ниско, споредено со другите развиени држави. Се надевам дека во блиска иднина луѓето ќе се приспособат и европскиот процент ќе биде достижен. Важно е банките со странски капитал да го приспособат на македонскиот пазар своето знаење („know how“) од матичните држави што се поразвиени и да им понудат квалитет на локалните жители. Банкарството без технологија не може да работи. Во таа насока, ние бевме први во воведувањето многу нови производи, а, исто така, имаме и многу други проекти на кои работиме што ќе бидат лансирани оваа година или на почетокот на следната. Понудивме животно осигурување со кредитите, први сме со бонус програма за кредитните картички, а бевме и првата банка со бесконтактни картички што имаат нагорен тренд во изминативе неколку месеци. Дополнително, бесконтактната технологија почнавме да ја надградуваме со можност клиентите да плаќаат преку мобилен телефон кај трговците (т.н. HCE технологија) на што се работи во моментов. Оваа технологија, заедно со веќе воведената услуга SMART cash (можност за повлекување готовина од банкомат преку мобилен), ќе овозможи клиентите да управуваат и да ги вршат плаќањата комплетно преку мобилните уреди. Покрај низата карактеристики кај банкоматите, дополнително преку нив веќе може да се депонираат и средства со функцијата CASH in. Бидејќи нам ни се важни луѓето, контактот со нив дополнително ќе го зајакнуваме со воведувањето на новиот модерен CALL Center со кој секојдневно ќе ги следиме и соодветно ќе ги опслужуваме.“

КРИЗАТА ВО ТУРЦИЈА Е ВИРУС

Халкбанк е турска банка. Во последниот период Турција е актуелна по падот на вредноста на националната валута, а земјата е и пред рецесија. Како ја оценувате оваа ситуација и има ли начин преку некој канал тоа да се почувствува и овде?

Мислам дека случувањата во Турција не е добро да се гледаат само од аспект дека ѝ се случуваат на оваа земја. Сведочиме дека повторно се делат картите во светски рамки во повеќе домени. Навистина, од овие политички случувања Турција е попогодена, ако гледаме на глобално ниво. По доаѓањето на новата управа на Америка се применува некој поконзервативен систем на монетарна политика, со цел на некој начин да се соберат доларите кај нив. Претходно, парите од САД се слеваа кон брзорастечките економии, но сега гледаме дека трендот има обратна насока, односно откај нив доларите се прелеваат кон САД – тие ги прибираат средствата со зголемување на каматните стапки. Врз случувањата во Турција големо влијание има и Блискиот Исток, освен тоа Турција поминуваше низ лош период, воен пуч, нешто што не требаше да се случи и, нормално, и тоа имаше ефект во економијата. Гледајќи назад во изминативе 60 години, Турција на секои десет години поминува низ некоја криза. Ова го споредувам со лице што на секои десет години се разболува од вирус и го пребродува. Турската економија се базира на стабилни темели и сметам дека ќе го надмине и ова. Во 2001 година, Турција имаше исто така лош период. Во една ноќ каматите се качија за 7.000 проценти. По шест месеци ја надмина кризата и го достигна нивото на кое е денес. Затоа велам дека турската економија е навикната на вакви случувања и ова лесно ќе се надмине. Нема да трае предолго, мислам дека дури и кризата ќе придонесе земјата од нето-увозник да стане извозник, бидејќи секоја криза носи и позитивни страни, особено во развојот на индустријата. Ова е момент кога Турција може да почне да работи повеќе на индустријализација. Таа е енергетски зависна земја, но со индустријализацијата ќе почне да го затвора трговскиот дефицит.

Но, дали ова ќе има отсјај во Македонија? Како што знаете, во Македонија има странски турски инвестиции, а од друга страна сите тие, за среќа, се едни од најдобрите компании во својот домен во Турција. Овие компании инвестираат директно и работат според македонски прописи и регулативи. Не ми се верува дека овие компании, кои се извозно ориентирани, ќе имаат какви било проблеми. Ако зборуваме за Халкбанк, освен тоа што е во целосна сопственост на турска компанија,  сите операции се во рамките на регулативата на Македонија. Немаме друга поврзаност, освен таа што ни се сопственици. Во вкупното кредитно и депозитно портфолио, учеството на турските компании е многу мало. Во таа насока, нема теорија да постои никаков ефект во работењето на банката, на нашата институција, а довербата во оваа економија и пазарот ја докажавме со тоа што целокупната добивка во изминатите години ја искористивме за докапитализација на банката, наместо споделување со главниот акционер – Халкбанк Турција. Сега, со дополнителните 10 милиони евра што ги уплативме повторно ја докажавме нашата стратегија и успешната работа.“

Александра Томиќ


Можеби ќе ве интересира

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија