ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО ПОТРАГА ПО ПОЕВТИНИ ЃУБРИВА, драстични разлики меѓу цените кај нас и во соседството
Објавено во: Агробизнис 28 Октомври, 2022
Поскапувањето на препаратите кои се користат во земјоделството натера многу наши земјоделци да набавуваат разни типови хемикалии од соседните земји со цел да ги намалат трошоците во нивното производство. Упатените велат дека е сосема очекувано земјоделците да увезвуаат сами препарати бидејќи разликите во цени се огромни, па се приморни на иновативни начини да се снабдуваат со хемикалии.
Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци во Македонија, Петре Стојакоски вели дека разликите се преголеми за да може да се споредува.
- При производството на пченица на еден хектар како земјоделци, доколку користиме средства за заштита набавени во Македонија, тоа ќе не чини 2.400 денари. А доколку такви средства набавиме во Албанија или во Србија, за еден хектар ќе не чини околу 300 денари!? Инспекциите треба посериозно да се позанимаваат со тоа зошто ние толку поскапо ги плаќаме препаратите за заштита - вели Стојакоски.
Меѓу причините за значително пониските цени на препаратите кои се користат во земјоделството во соседна Србија според упатените се пониските пониски цени на природен гас по кои се увезува, а кој е неопходен за производство на ѓубрива.
- Сега со војната во Украина, цената на енергентите отиде премногу високо, а во производството на ѓубрива голем уддел има енергија, поточно плинот. Соседите заради одлуката да не воведат санкции кон Русија, добиваат гас по пониски цени, па на тој начин имаат можност да произведат ѓубрива по пониски цени, а со тоа нивните земјоделци имаат можност да произведат храна по пониски цени. Поради ова, ние страдаме два пати, прво поради тоа што имаат пониски влезни трошоци имаат поевтино домашно произовдство. Потоа, поради пониските цени на ѓубривата, имаат и пониска производна цена на пченицата, со која по втор пат се во предност и им конкурираат на нашите производители. Не знаеме дали е намерно и дали е свесно, но со политиките кои се спроведуваат, се ништи земјоделското производство. Едноставно кога имаме поголеми влезни трошоци, имаме и поголеми цени на продуктите, на тој начин, со неконкурентноста на домашното производство се ништиме сами - вели Љупче Станковски, претседател на земјоделското здружение „Агрофаланга“.
Нашиот соговорник потсетува дека и во Македонија имало капацитети за производство на вештачки ѓубрива кои се користат во земјоделството, но тие се веќе затворени, и сега сме зависни од увоз.
- Штом сте зависни од увоз, тогаш нашите земјоделци мораат да се снаоѓаат и да бараат чаре. Еден начин е увоз од соседите на своја рака во мали количини. Но, клучно прашање е зошто и кај нас не се намалени цените на ѓубривата, или зошто не се пониски, но тоа се прашања за Владата и за увозниците. Дали тие делуваат како воени профитери, или веруваат дека тоа се цените кои мора да се платат за прихрана, и тоа во овој период кога се трошат најмногу количини бидејќи имаме есенска прихрана. За жал се користат можностите, некој профитира на грбот на нашите осиромашени земјоделци - додава Станковски.
Тој за „Фактор“ вели дека иако има начини да се направи рентабилно домашното земјоделско производство тие не секогаш се во склоп на пазарната економија. Како пример вели може и државата да увезе ѓубриво по набавни цени и да го подели меѓу земјоделците, но тука се соочува со партиските финансиери, кои нема да се сложат да изгубат дел од својот колач.
- Иако поради членството во Светската трговска организација, не смееме да ограничуваме трговија, гледаме дека и таму има отстапки, се воведуваат огромни санкции, се забранува увоз од други држави, што значи има отстапки од воспоставените правила. Поради ова сметам дека можеме и ние да направиме некои чекори кои можеби се спротивни на договорите, но со нив да се форсира домашното производство. Прашање е дали тоа ќе сака да го направи државата. Тешко дека ќе се избори за земјоделците, еве во производството на пченица, пак се дозволува увоз, земјоделците и покрај растот на цените на лебот, не заработуваат повеќе, цената на брашото е многу пониска, прашање е колку се троши енергија за производство на леб... или се натоварени со многу трошоци поради кои лебот многу поскапе - посочува Станковски и додава дека со заштита на домашното производство, ќе имаме пониски цени во малопродажба. На овој начин според него и граѓаните ќе купуваат по поприфатливи цени и ќе трошат повеќе, но за подобрување на состојбите во земјоделството потребни се посеопфатни мерки.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.