АБДОМИНАЛНИ КРВАРЕЊА, ХЕМАТОМИ-НОВИ МАНИФЕСТАЦИИ НА КОВИД 19: КОВАКС проценува-Македонија е под прагот на итност за испорака на вакцините
Објавено во: Македонија 23 Март, 2021
Ова е период на
третиот бран на Ковид-19, а како што пред неколку месеци прогнозираше и
Светската здравствена организација, навистина станува збор за период кој ќе
биде исклучително тежок во насока на справувањето со болеста, особено поради
постојаното зголемување на бројот на новодијагностицирани со вирусот и
следствено на тоа, зголемениот број хоспитализации. Тоа што е карактеристично
во овој трет бран на Ковид-19 е тоа што сега вирусот за разлика од изминатиот
период пројавува и нови клинички манифестации, како што се абдоминалните
крварења кои не се случуваа претходно кај пациентите. Во разговор за Фактор,
д-р. Даниела Буклиоска Илиевска, пулмолог во ГОБ „8 Септември“ потенцира дека клиничкиот
спектар на Ковид 19 е широк, почнувајќи од продромални симптоми како треска, слабост,
мијалгии, артралгии, респираторни тегоби, но важен аспект се и екстрабелодробните
манифестации како гастроинтестиналните, кардиоваскуларните, бубрежните,
невролошките.
-Клиничка манифестација која во последно време почесто ја забележуваме меѓу пациентите кои се хоспитализирани на одделение за интензивна нега со исклучителна тешка клиничка слика, споредено со ланските пролетни, летни и есенски месеци се токму абдоминалните крварења. Дијагностицираните пациенти беа на терапија со нискомолекуларен сепарин во терапевтски дози, уредна и редовно контролирана хемостаза и тромбоцити, но кај нив се манифестираше абдоминална болка, со тврдина и болност при палпација и поради самата клиничка состојба на земена лабораторија се детектираше и редукција во крвната слика, со пад на еритроцити, хемоглобин и потреба од трансфузија на крвни деривати. На направен компјутер на абдомен и на мала карлица имавме неколку клинички презентации. Дел од нив имаа спонтан мускулен хематом на стомачната мускулатура, со тоа што имаше пациенти кои што имаа хематом на предната стомачна мускулатура, а имаше и неколку случаи на хематоми во мускулите лоцирани во задната ложа. Како причина, своја улога има пред се ендотелитисот, односно воспалението кое се јавува на ниво на клетките кои што укажуваат на внатрешноста на крвните садови, односно ендотелот, бидејќи рецептори за вирусот има токму на овие клетки. Во литератутрата се опишани и големи хематоми со пречници дури до 25 сантиметри лоцирани во натколеница кои биле проследени со силна болка и ограничени движења. Досега во ГОБ „8 Септември“ не сме имале пациент со вакво крварење. Уште една локација која мора да ја споменам во однос на крварењето е и гастроинтестиналното крварење кое е опишано кај 2 до 13 проценти од болнички лекуваните пациенти. Дел од пациентите кои што пристигнуваат кај нас се препраќаат од други болници поради акутна абдоминална состојба поради што е неопходна и хируршка интервенција. Во услови на ваква мултиорганска болест е неопходен мултидисциплинарен пристап во лекувањето, нагласува д-р. Буклиоска.
Дали Британската мутација се поврзува со ваквата клиничка манифестација се уште нема доказ
Д-р. Буклиоска појаснува дека со сериозни абдоминални крварења и хематоми се јавуваат пациенти кои се над 55-годишна возраст.
-Она што сега може ние како лекари да го порачаме во однос на ваквите состојби е дека британската мутација која го прави вирусот многу поинфективен и е широко распространета, но дали има зголемена побрзаност со абдоминални крварења и други стомачни компликации се уште не знаеме, не се објавени вакви студии, зошто реално не е изминато и доволно време за да се направат сериозни истражувања. Но, сепак треба да се мисли дека можеби нешто ни се случува кога пациент се жали на абдоминална болка која што е новонастаната, претходно не била присутна кај пациентот, на болна осетливост на стомакот, тврдина при допир и евентуални некои промени на бојата на кожата. Дали има хематоми или пак точкасти крварења, тоа треба да побуди сомнение за дополнителни испитувања, бидејќи кај ковидот немаме само тромботични компликации, можни се и оние другите, хеморагичните бидејќи вирусот се врзува за ендотелот и може да даде различна клиничка манифестација зависно од состојбата на организмот во моментот. Многу е важно навремено да се реагира за да се видат дали постојат некои промени, заради што е потребна компјутерска томографија со контраст. Сме имале пациенти кај кои постоело крварење дури и од одреден орган, конкретно од панкреасот. Ова сме го констатирале дури и кај постковид пациенти, месец до два по прележаната болест. Тие се жалат на абдоминална болка и утврдуваме дека имаат стомачно крварење, тоа е една од оние постковид компликации. Навистина имаме работа со непознат непријател од кој секој ден учиме нешто ново и доколку споедлуваме искуства ќе бидеме многу поуспешни во лекувањето, вели д-р. Буклиоска.
Таа посочува дека и покрај тоа што вакцините се најверојатно иднината во сузбивањето на оваа пандемија, вирусот успешно мутира и заради тоа, како лекари треба посојано да бидат во чекор со најновите податоци во однос на болеста.
КОВАКС проценува-Македонија е под прагот на итност за испорака на вакцини
А, кога станува збор за вакцините, во нашава земја се уште се очекуваат оние поголеми најавени пратки. Вчера реагираше и „Моја партија“ со низа прашања до здравствените власти, пред се зошто нашата земја не е влезена во распределбата на Фајзер вакцините за првото тромесечје преку Covax/Gavi системот, а преку кој треба да имаме испорака од 1.200.000 дози.
Од Министерството за здравство за Фактор одговорија дека според анализата на овој систем, Македонија е под прагот на итност за испорака на вакцини.
-Нашата земја аплицираше на време во овој систем, исполнувајќи ги сите предвидени барања и рокови. КОВАКС системот самостојно врши анализа и прави план за прераспределба на вакцините. Според нивните проценки на епидемиолошката ситуација, нашата држава е под прагот на итност поради нискиот број на новодијагностицирани и хоспитализирани, па така не сме влезени во првиот бран на испорака на Фајзер вакцините. Доказ за навремената апликација на нашата земја е и пораката на регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге кој истакна дека Република Северна Македонија освен што ги нарачала вакцините преку КОВАКС механизмот, исто така ги завршила и сите финансиски и административни процедури. Министерството за здравство останува транспарентно во процесот на комуникација со сите платформи/производители преку кои очекуваме да добиеме вакцини, велат од Министерството за здравство.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.