АД МЕПСО го раскина договорот со изведувачот на проектот за интерконекција помеѓу Македонија и Албанија
Објавено во: Економија 23 Декември, 2024
АД МЕПСО информира дека е раскинат договорот со “ Енергоинвест” ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, изведувач на изградбата на 400 kV далекувод од ТС Битола 2 до македонско-албанската граница.
До неодложно раскинување на договорот доведе неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања. Тоа доведе до неможност за постигнување согласност меѓу двете страни.
Договорот со “ Енергоинвест” беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Рокот истече на 30.05.2023 година. Изведувачот, и покрај пробиените рокови, бараше дополнителни 7 до 8 милиони евра како анекс на договорот за проектот кој треба енергетски да ги поврзе Македонија и Албанија.
„Треба да се истакне дека во овој период, изведувачот неколку пати го напушташе градилиштето, барајќи дополнително плаќање, што беше одбиено од АД МЕПСО заради типот на договорот, “ клуч на рака”. И покрај повеќекратните напори на АД МЕПСО за усогласување и преговарање, договор не беше постигнат. Затоа, АД МЕПСО ја донесе неопходната одлука за раскинување на договорот.
Од започнување на проектот досега се реализирани 24 од планираните 269 фундаменти за столбови (8,9 проценти), а доставени се 51,2 отсто од опремата.
Имајќи ја во предвид настаната ситуација, одолговлекувањето на работите како и целосното еднострано напуштање од страна на изведувачот, цениме дека раскинот на овој договор, всушност претставува почеток на завршување на овој проект кој претставува врвен приоротет за АД МЕПСО и Владата на РСМ“, соопшти националниот оператор на преносниот систем.
Компанијата ќе иницира нова постапка за јавна набавка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач кој ќе продолжи со реализација на проектот.