ПАК ПОСКАПУВАЊЕ: Се зголеми вредноста на минималната кошничка
Објавено во: Економија 23 Декември, 2024
Се зголемила вредноста на минималната синдикална кошничка. Без 1.000 евра едно семејство со четири члена не може да го помине месецот.
Минималната кошница за декември годинава изнесува 62.861 денари и е за 840 денари поскапа отколку во ноември годинава кога беше 62.021 денар. Со изнајмен стан од 60 квадратни метри, пак, изнесува 78.236 денари, објави денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои 23.075 денари или 36,7 отсто, за облека и обувки 5.728 денари или 9,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.020 денари или 9,6 отсто. Понатаму, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 2.087 денари или 3,3 отсто, за здравје 1.135 денари или 1,8 отсто, за транспорт 4.727 денари или 7,5 отсто.
За комуникации на едно четиричлено семејство во декември годинава му биле неопходни 3.417 денари или 5,4 отсто, за рекреација и култура 4.458 денари или 7,1 отсто, за образование 6.984 денари или 11,1 отсто, за ресторани и хотели 4.131 денар или 6,6 отсто, а за останати стоки и услуги 1.100 денари или 1,7 отсто. Од месец во месец, трошоците за живот растат.
foto freepik.com/aleksandarlittlewolf