Д-р Нина Ангеловска во „Бизнис-клуб“: Промените во нашата земја се многу тешки, без разлика дали се прават однатре во институцијата или однадвор во кој било сегмент
Објавено во: Економија 23 Декември, 2024
Во четвртата епизода на подкастот „Бизнис-клуб“ со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, д-р Нина Ангеловска зборува за петте лекции кои успеала да ги научи во текот на својот мандат како министер за финансии.
„Прво, научив дека е исто толку тешко промената да се прави однатре во институцијата колку што е тешко да се прави однадвор во кој било сегмент; второ, научив за моќта на лажните вести и на пиарот; трето, научив што значи изреката „Пливај како делфин во морето од ајкули“ и научив како да пливам; четврто, научив друга магнитуда на стрес и да управувам со него, како и за последиците од тоа, и петто, од она што претходно беше заеднички именител на мојот кариерен пат – способноста да се гледа на предизвиците како на можности, како што беше со „Групер“ и со Асоцијацијата за Е-трговија – научив нападите да ги претворам во конструктивни акции“, истакна д-р Нина Ангеловска.
Според бизнисменот и претприемач Нина Ангеловска, продажбата на „Групер“ е позитивен пример како еден македонски старт-ап може да продолжи да расте и во меѓународни води ако се има добро поставена основа.
„Продажбата на ’Групер’ значи позитивен пример дека еден македонски старт-ап може да направи успешна продажба. Парите се мерило за добрата работа, а не главен мотив. Ние бевме горди што еден македонски старт-ап може да расте и да се шири во меѓународните води“, потенцираше претприемачот д-р Ангеловска.
Во разговорот со претседателот Азески на темата за регионалната соработка, д-р Ангеловска потенцираше дека регионалната соработка е најважна. Без регионална соработка нема раст и развој бидејќи покрај движење на бизнисите имаме и мобилност на работната сила, која е најважниот потенцијал.
„Сите пазари во регионот, гледано сами за себе, се мали, фрагментирани пазари. Единствено Србија има некој потенцијал. Но, ако ги гледаме регионално, регионот има значителен потенцијал со популација од преку 17 милиони жители. Соработката значително треба да се зголеми ако се стремиме кон тоа да станеме дел од Европската Унија. Постапките за олеснување се преку граничната Е-трговија и преку слободното движење на добра и услуги за бизнисите да можат лесно да се движат“, изјави д-р Ангеловска.
Целиот разговор на линкот подолу.
Biznis klub so Branko Azeski | Gostin: Nina Angelovska | S01E04