НИТУ ИМАШЕ ВРАБОТЕНО СТРУЧНИ „НУКЛЕАРЦИ“, НИТУ ПРОРАБОТЕ ЗА ЦЕЛИ 14 ГОДИНИ - еве зошто Владата ќе ја затвора Националната агенција за нуклеарни технологии
Објавено во: Економија 23 Декември, 2024
На почетокот на декември Владата до Собранието достави Предлог закон за престанување на важењето на Законот за основање на Национална агенција за нуклеарни технологии на Република Македонија.
Така што, веќе е стартувана процедурата за да се донесе одлука со која Агенцијата за нуклеарна технологија, која беше основана во далечната 2014 година, ќе треба да се затвори.
Од Владата, која е предлагач на Законот, во своето обраложение велат дека таа Агенција фактички не проработи функционално.
Тоа и го навеле во оценката на состојбите и за причините зошто треба да се донесе овој закон.
„Националната агенција за нуклеарни технологии е основана со Законот за основање на Националната агенција за нуклеарни технологии на Република Македонија. Но, од почетокот на основањето на оваа агенција истата функционално не проработи, односно само одреден краток период со неа раководеше вршител на должноста директор, без да има вработено стручен и административен кадар и без да ги остварува надлежностите за кои е основана. Заради наведеното од страна на Министерството за образованите и наука изготвен е овој Предлог на закон за престанување на важење на Законот за основање на Националната агенција за нуклеарни технологии на Република Македонија“, се вели во владиното образложение.
Затоа и се нагласува дека основна цел на овој закон е да престане да важи Законот за основање на Националната агенција за нуклеарни технологии, но и да се намали бројот на јавните установи кои постојат, но фактички не се активни и не ги извршуваат надлежностите за кои се основани.
За реализирање на овој закон нема да бидат потребни дополнителни финансиски средства, ниту има материјални обврски за одделни субјекти.
На брифинг со новинарите, министерката за енергетика на земјава, Сања Божиновска, токму истите овие причини ги наведе како мотив зошто треба да се донесе ова законско решение спо кое ќе се затвори Агенцијата.
Инаку, за потсетување, Законот беше донесен во 2010 година, на предлог на тогашниот министер за образование Никола Тодоров.
Идејата при формирањето на оваа Агенција беше развој на технологии и истражувања од областа на нуклеарната физика, физиката на елементарните честички и други истражувања од областа на нуклеарната наука. Целта беше преку Агенцијата да се учествува во научните програми на Европската организација за нуклеарни истражувања ЦЕРН, учество на научници, инженери, техничари и друг стручен кадар од земјава, во истражувачките проекти на ЦЕРН, развивање апликации за индустријата, развивање медицински апликации, развивање апликации од областа на енергетиката, изработка на проекти за примена на нуклеарни апликации за мирновременски цели, едукативни активности во областа на нуклеарната наука и технологија, и во други сродни области, соработка со домашни и странски институции и организации од областа на нуклеарните технологии…