„АДМИНИСТРАЦИЈАТА НА БАЈДЕН СЕ ОБИДЕ ДА ГО УБИЕ ПУТИН“: Карлсон со сериозно обвинение, еве го одговорот на Кремљ
Објавено во: Свет 28 Јануари, 2025
Конзервативниот американски новинар Такер Карлсон ја обвини администрацијата на Џо Бајден за обид за атентат на рускиот претседател Владимир Путин.
„Администрацијата на Бајден се обиде да го убие Путин“, рече поранешниот водител на „Фокс њуз“ во последната епизода од неговиот подкаст „Шоуто на Такер Карлсон“, пренесува Политико.
„Што е лудо. Лудо е дури и да ти текне такво нешто. Па зошто тогаш го направија тоа? „Затоа што хаосот е штитот што ги штити“, додаде Карлсон.
Карлсон не обезбеди докази за да го поддржи ова тврдење за администрацијата на Бајден, која управуваше со САД од 2021 до 2025 година додека војната на Кремљ против Украина се интензивираше.
Карлсон - кој беше отпуштен од Фокс њуз во 2023 година поради правни проблеми за емитување лажни тврдења за изборни измами во 2020 година, заговор за кој Карлсон често зборуваше во неговата емисија - често ги пренесува тврдењата на Кремљ, ја критикуваше американската помош за Киев и тврдеше дека Украина „не е демократска „земја“.
Тој минатиот февруари отпатува за Москва на интервју со Путин, а во декември повторно замина во Русија да го интервјуира министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Портпаролот на руската влада, Дмитриј Песков на новинарско прашање за тврдењето на Карлсон дека администрацијата на Бајден се обидела да го убие Путин, посочи дека руските специјални служби прават се што можат за да ја осигураат безбедноста на претседателот Владимир Путин.
- Руските специјални служби постојано ги преземаат сите неопходни мерки за да ја обезбедат јавната безбедност и, се разбира, безбедноста на оние кои се под државна заштита. Тоа пред се, а најмногу се однесува на шефот на државата – рече Песков.
Фото: Принтскрин/Твитер