„КОГА ОТИДОВ НА ЛЕКАР БОЛЕСТА КАЈ МЕНЕ БЕШЕ ВО ПООДМИНАТА ФАЗА“: Жените зборуваат за борбата со ракот на грлото на матката
Објавено во: Македонија 28 Јануари, 2025
Ракот на грлото на матката претставува сериозен здравствен предизвик за жените ширум светот. Според последните податоци, ова заболување е четвртиот најчест канцер кај жените, со над 600.000 нови случаи годишно, а повеќе од 300.000 жени умираат од оваа болест, што значи дека на секои две минути една жена го губи животот поради рак на грлото на матката. На глобално ниво, според податоците од Светската здравствена организација (СЗО) објавени во февруари 2024 година, предизвикот што го носи канцерот на грлото на матката продолжува да расте, што укажува на зголемена потреба од услуги за превенција, рана детекција и третман.
И во нашата земја состојбата со оваа болест е исто така загрижувачка. Според податоците, годишно околу 40 жени ја губат битката со оваа болест.
Во изјава за Фактор, некои од пациентките кои се соочиле и сè уште се борат со ракот на грлото на матката ги споделуваат своите искуства. Нивните приказни ја истакнуваат важноста на редовните прегледи, раната дијагностика и поддршката во справувањето со оваа сериозна болест.
-Кога ми кажаа дека имам рак на грлото на матката, бев во шок. Немав никакви симптоми и мислев дека ми ја погрешиле дијагнозата. Направив 3 ПАП тестови едно подруго, сите беа со таа дијагноза. Сепак ќе речам дека благодарение на редовниот ПАП-тест, болеста беше откриена во рана фаза, и по операцијата, сега сум во добра здравствена состојба. Мојот совет до сите жени е да не ги прескокнуваат редовните гинеколошки прегледи. Тие можат да спасат живот, вели 37-годишната Славица од Штип.
-Никогаш не помислив дека ваквите работи можат и мене да ми се случат, но, ете кога почнав да чувствувам болки и крварење, отидов на лекар, па болеста кај мене, за жал беше детектирана во подоцнежна фаза, и сега чекам операција. Единствено жалам што не правев редовни прегледи порано. Сега знам колку е важна превенцијата и сакам сите жени да се едуцираат за оваа болест, посочува 57-годишната Татјана од Скопје.
Што претставува ракот на грлото на матката
Ракот на грлото на матката (цервикален карцином) е малигно заболување кое се развива во клетките на грлото на матката – долниот дел од матката што се поврзува со вагината. Најчесто се поврзува со инфекцијата од одредени типови на хуманиот папилома вирус (ХПВ), кој се пренесува преку сексуален контакт.
Како се развива?
Преканцерозни промени: Развојот на ракот обично започнува со промени во клетките на грлото на матката, кои може да бидат преканцерозни (цервикална интраепителна неоплазија - CIN). Овие промени не предизвикуваат симптоми и можат да се откријат само преку редовни ПАП-тестови.
Прогресија: Ако не се третираат, преканцерозните промени може да преминат во инвазивен карцином, што значи дека ракот се шири од површината на грлото на матката во подлабоките ткива и евентуално до околните органи.
Симптоми
Во раната фаза, ракот на грлото на матката често не предизвикува никакви симптоми. Сепак, како што заболувањето напредува, можат да се појават:
Необично крварење: Вклучува крварење помеѓу менструалните циклуси, по сексуален однос, или по менопаузата.
Исцедок од вагината: Може да биде воден, крвав или со непријатен мирис.
Болка во карлицата: Честа или постојана болка во долниот дел од стомакот.
Болка при сексуален однос (диспареунија).
Фактори на ризик
Инфекција со ХПВ: Ова е најзначајниот ризик фактор.
Ран почеток на сексуални односи
Слаб имунолошки систем: Жени со ХИВ или други состојби што го намалуваат имунитетот се подложни на ХПВ инфекции.
Како се дијагностицира?
ПАП-тест: Открива клеточни промени во грлото на матката пред да преминат во рак.
ХПВ-тест: Идентификува присуство на високоризични типови на ХПВ.
Биопсија: Се зема примерок од ткивото за микроскопска анализа.
Постојаното зголемување на бројот на пациентки со ова заболување укажува на потребата од зголемена свест и едукација за превенција, рана детекција и навремено лекување на ракот на грлото на матката.
Неделата за превенција на рак на грлото на матката, која се одбележува секоја година од 23 до 29 јануари, е можност да се подигне свеста за ризиците од ова заболување и да се информираат жените за начините на превенција.
Превенција
Вакцинација против ХПВ: Најефикасна кога се дава пред почетокот на сексуалната активност.
Редовни гинеколошки прегледи: ПАП-тест и ХПВ-тест помагаат во рана детекција.
Превентивните мерки, како што се редовни гинеколошки прегледи, ПАП-тестови и вакцинација против хуманиот папилома вирус (ХПВ), можат значително да го намалат ризикот од развој на рак на грлото на матката.
Анита Буховски