26 Ноември, 2024
0.0286

АДМИНИСТРАЦИЈАТА НЕ СЕ ДАВА - Синдикатот добил ветување дека присилно никој нема да оди во приватниот сектор

Објавено во: Македонија 01 Октомври, 2020

Добивај вести на Viber

Присилно отпуштање на административци ќе нема. Ова ветување од власта му било дадено на Синдикатот на работниците од УПОЗ, дознава Фактор. Само ако некој сака доброволно да си замине од државна работа во приватниот сектор, каде што ќе има можност и за повисока плата, ќе ја напушти административната служба.

„Во целата предлог-програма на Владата, како и во сите разговори кои Синдикатот на УПОЗ ги имаше со владини претставници, е договорено дека нема да има присилно отпуштање од работа во администрацијата, туку дека ќе има доброволен премин во приватниот сектор на вработените, каде што тие ќе имаат можност за повисоки плати. Тоа преминување ќе се прави преку преквалификации на работниците, за да стекнат вештини за приватните компании“, вели за Фактор Трпе Деаноски, генерален секретар на Синдикатот на УПОЗ.

Ова следува откако премиерот Зоран Заев, пред да се формира новата Влада, најави дека ќе мора да се случи отпуштање на околу 20 илјади административци.

Инаку, Синдикатот на УПОЗ ги опфаќа вработените од државната управа, а тоа се оние во агенциите, министерствата, фондовите, општините, како и во правосудните органи, кои бројат околу 20 илјади работници. Тука не влегуваат врабтените во МВР, одбраната, здравството, културата, како и оние во јавните претпријатија, кои всушност се многу поширок поим и го сочинуваат јавниот сектор.

МИТ Е ДЕКА ВО УПРАВАТА ЗЕМААТ ВИСОКИ ПЛАТИ

Доколку идејата е вработените да преминат во приватниот сектор за повисока плата, се поставува прашањето кој тоа може да им гарантира на овие работници дека во компаниите ќе добијат повисоки плати? Мит е дека административните службеници земаат големи плати, тврди Деаноски за Фактор.

„Вработените во управата со средно образование земаат просечна плата од 18 илјади денари. Најниската плата во управата всушност е минималната плата од 14.500 денари. Додека, пак, највисоката плата во управата е онаа на државните секретари во министерствата, кои земаат плата 40 илјади денари. Но, треба да се напомене дека тоа е политичка функција, и ја имаат само малкумина. А она што е вистина е дека дури 80 отсто од вработените во државната управа имаат плата под просечната во земјава“, потенцира Деаноски.

Инаку, од УПОЗ никој уште не знае како би изгледало тоа префрлање во приватниот сектор. Тоа, велат, се зборува веќе три години наназад, но од власта до синдикатот нема конкретна понуда под кои услови би се префрлале вработените во приватните компании. Од Синдикатот се децидни дека нема да дозволат ниту еден нивни член да биде префрлен без негова волја.

„На сите наши членови ние ќе им ја пружиме секоја можна помош за да си ги задржат работните места. Нашето барање е ако работниците сакаат, да одат во фирмите, а ако не, да имаат право да си ги задржат работните места во управата“, вели Деаноски.

Според информациите, синдикатот за сето ова имал ветување од претходниот министер за администрација, Дамјан Манчевски, а и на состанокот со новиот министер Јетон Шаќири се постигнала согласност дека синдикатот на УПОЗ ќе биде вклучен во сите реформи во јавната администрација. Засега, како што се дознава, нема ниту драфт верзија за тие реформи, туку се било на база на усни предлози.

Според Синдикатот на УПОЗ, во државната управа нема вишок, туку во многу институции дури и недостиг од кадар. Таква е на пример, Државниот пазарен инспекторат, каде подрачната единица во Скопје има само една третина од потребниот број инспектори.

За најновите укажувања од премиерот Заев дека дел од административците многу малку работат, секретарот на УПОЗ со став дека не е добро да се генерализира.

„Изјавите дека администрацијата не работи и не е ефикасна се погрешни и неточни, бидејќи оние вработени од државната управа, а тоа се вработените во агенциите, министерствата, фондовите, општините, како и правосудните органи, не само што редовно и ефиокасно ги извршуваат работните задачи, туку и преку таксите што ги наплатуваат, на пример судските такси, го полнат и државниот буџет“, потенцира Деаноски.

А ЗОШТО НЕ ГИ КАЗНИЈА СЛУЖБЕНИЦИТЕ КОИ СЕ НЕРАБОТНИЦИ

На нашето прашање кои се неработниците, тој вели дека токму од Владата треба да посочат кои се тие вработени.

„Доколку се утврди дека некои административни службеници не ги извршуваат своите работни задачи, прашуваме зошто против тој службеник не била покрената дисциоплинска постапка од страна на раководителот на сектор, министерот, генералниот секретар, директорот на таа институција и слично. Зошто, ако има толку многу неработници како што велат, зошто тогаш во администрацијата е потребно еден вработен да има овластувања за вршење на осум задачи. Всушност, со такви генерализирани изјави се создава само незадоволство кај вработените во државната управа и правосудството, кои и така се дефицитарни“, вели Деаноски.

Според неофицијални извори од администрацијата, не е дека и во Владата нема луѓе кои немаат ангажман, но како што посочуваат, дел од нив се и луѓе кои во администрацијата се вработени токму преку партиите.

„Од партиите во сите изминати години на владеење имаше бројни партиски вработувања, од кои има административци кои навистина не работат, но тоа не е вина на оние вредни и чесни службеници кои професионално си ја извршуваат задачата. Затоа со вакви генерални изјави и обвинувања нив им се нанесува неправда“, велат соговорниците.

Исто така, се тврди дека најголема превработеност всушност има не толку во министерствата, агенциите и правосудните органи, колку што има кај јавните комунални претпријатија, кои патем речено, земаат и многу повисоки плати од вработените во управата. На пример, вработен на местото чувар во едно јавно претријатие има плата од 30 илјади денари,а може и доктор на науки во управата да добива плата од само 19 илјади денари месечно.

ПРЕДИЗБОРНО ВЕТУВАЊЕ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА ЗА 20 ОТСТО

Како што е познато, пред изборите, но и за време на преговорите за формирање на новата власт, беше актуелно ветувањето за брзото справување со тромата и обемна администрација и нејзиното намалување за 20 отсто.

Пред околу три недели, пак, премиерот Зоран Заев изнесе интересни забелешки за администрацијата.

„Треба да работиме. Го кажав во експозето, го кажувам и сега. Не може наутро, одиме на работа, во 8 часот или во 8.30, кафето да го испиеме, весникот да го прочитаме, да искоментираме нешто, и надвор. Забележуваат луѓето, ни кажуваат - администрацијата ви шета, не работи. А најголем дел од парите од буџетот одат за администрацијата. Не може така, работното време е 8 часа. Значи и да не е добар работник, кога ќе седи осум часа на работа, ќе смисли некоја работа, па ќе сработи некој предмет повеќе. Еве кажувам еден пример. Во Владата пред една година поставивме комплетен механизам на следење на работата на администрацијата - во Генерален секретаријат и во Кабинетот на премиерот. Врзан е целиот систем на предмет во архива. И ако немаш во архива задолжено предмет, ти немаш што да работиш. Значи, ти можеш да доаѓаш секој ден и да си се отчукуваш со картичката секое утро и секое попладне, ама ништо не си сработил. И огромен е процентот на луѓе за кои се покажало дека после таа година, не работеле ништо. Што треба сега да направи премиерот и генералниот секретар. Треба да им каже - фала дечки, нема потреба од вашето работно место. Или, нема предмети за вас, или не ги работите предметите. Ефикасноста мора да ја зголемиме. Велиме ќе ја достигнеме платата до 34 илјади денари, но таа плата треба да се сработи. Инаку, има огромен број луѓе кои земаат 40 илјади денари плата, а работат за 80 илјади. Но има гполем процент луѓе кои не си ја сработуваат работата за платата што ја добиваат“, беше категоричен првиот човек на Владата во врска со работењето на администрацијата.

Инаку, премиерот вчера сепак реши да не ја потпише одлуката за суспендирање на флексибилното работно време на државната администрација, само еден ден откако Владата тоа го одлучи. Образложението е дека ќе се прават дополнителни анализи.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

(ВИДЕО) БЕБЕТО ПЕТАР ГО ДОНЕСЕ НА СВЕТ НАЈВОЗРАСНАТА ПРВОРОТКА ВО ЗЕМЈАВА: „Медицината поместува граници“

(ВИДЕО) БЕБЕТО ПЕТАР ГО ДОНЕСЕ НА СВЕТ НАЈВОЗРАСНАТА ПРВОРОТКА ВО ЗЕМЈАВА: „Медицината поместува граници“

ДАНЕЛА НЕМА ДА СЕ КАНДИДИРА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА НА СЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ: Еве што рече таа во изјава за медиумите

ДАНЕЛА НЕМА ДА СЕ КАНДИДИРА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА НА СЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ: Еве што рече таа во изјава за медиумите

ЦИГАРИ, НАКИТ, ОБЛЕКА, ПАРФЕМИ - Цариниците со полни раце работа, спречен и шверц на мигранти

ЦИГАРИ, НАКИТ, ОБЛЕКА, ПАРФЕМИ - Цариниците со полни раце работа, спречен и шверц на мигранти

Крмов со објаснување: Му го навредија семејството на Апасиев, ова е втор инцидент со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ

Крмов со објаснување: Му го навредија семејството на Апасиев, ова е втор инцидент со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ

МОНИКА ЗАЈКОВА КАКО ДА ГО ВПЕРУВА ПРСТОТ КОН МИЛЕВСКИ: Не сакам да верувам дека стои зад иницијативата за моја смена, но ако свесно го прави, тоа е работа на МНР

МОНИКА ЗАЈКОВА КАКО ДА ГО ВПЕРУВА ПРСТОТ КОН МИЛЕВСКИ: Не сакам да верувам дека стои зад иницијативата за моја смена, но ако свесно го прави, тоа е работа на МНР

ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ НА МИТРОПОЛИТОТ ТИМОТЕЈ ЌЕ БИДАТ ИЗЛОЖЕНИ ВО ХРАМОТ НА ПЛАОШНИК ДО КРАЈОТ НА ВЕЧЕРНАТА СЛУЖБА: Верниците се простуваат од Владиката

ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ НА МИТРОПОЛИТОТ ТИМОТЕЈ ЌЕ БИДАТ ИЗЛОЖЕНИ ВО ХРАМОТ НА ПЛАОШНИК ДО КРАЈОТ НА ВЕЧЕРНАТА СЛУЖБА: Верниците се простуваат од Владиката

Најстарата мајка се породи во Македонија во Клиниката за гинекологија во Скопје

Најстарата мајка се породи во Македонија во Клиниката за гинекологија во Скопје

ВАЖНА ВЕСТ ЗА СИТЕ НАШИ ШТО ЖИВЕАТ ВО ЕМИРАТИТЕ: Нема потреба да менувате возачки, македонските од сега важат и во ОАЕ

ВАЖНА ВЕСТ ЗА СИТЕ НАШИ ШТО ЖИВЕАТ ВО ЕМИРАТИТЕ: Нема потреба да менувате возачки, македонските од сега важат и во ОАЕ

ШТЕКЛИ ВРАБОТУВА! Бара професионално обезбедување, му требаат четири лица а ќе ги плаќа 3.000 евра по човек!

ШТЕКЛИ ВРАБОТУВА! Бара професионално обезбедување, му требаат четири лица а ќе ги плаќа 3.000 евра по човек!