АКО НА НЕКОЈА БАНКА И „ЗАЧКРИПИ“, ПОЛЕСНО ДА СЕ СПАСИ И ДА НЕМА НОВА ЕУРОСТАНДАРД - скроен предлог законот за решавање на банки, тие ќе имаат нови трошоци
Објавено во: Финансии 24 Јули, 2023
Финансиската јавност во земјава долго време очекуваше да види како ќе изгледа конечната верзија на Законот за решавање на банки, кој се „кроеше“ повеќе месеци наназад, и кој деновиве е конечно објавен на националната платформа ЕНЕР.
Од она што е дадено како материјал, може да се забележи дека Министерството за финансии, кое е носител на овој законски проект, иако се работеше заедно и со експерти од Народната банка и од меѓународните финансиски институции, дало многу убаво објаснување зошто е потребно да се донесе овој закон, и тие цели се навистина сосема легитимни.
Од друга страна, пак, самиот закон е долг, и не премногу јасен за луѓето кои не се финансиски стручњаци.
А, главната цел на овој закон е всушност, кога една банка има проблеми во работењето, централната банка да има на располагање повеќе мерки за да ја спаси, ако е тоа можно и додека е уште во надеж за спасување, а ако веќе не може, нејзината пропаст да биде со што помалку штети и за финансискиот систем воопшто, но и за нејзините депоненти и клиенти.
За банките, пак, ќе биде новина што ќе мора да одвојуваат пари во форма на прионеси, во посебен Фонд, кој ќе го добие називот Фонд за решавање на банки. И тие банки потоа ќе се користат за помош на банката која ќе западне во проблеми.
Овој закон треба и да помогне да нема нови случаи како Еуростандард банка, која мораше да доживее одземање на дозволата и ликвидација, а тоа оштети многу штедачи и фирми, кои сега се намируваат од стечајната маса.
Во своето образложение, креаторите на законот напишале дека глобалната финансиска криза укажала на постоење на недоволно развиени инструменти за ефикасно решавање на проблемите на нестабилни и проблематични кредитни институции.
Со оглед на
статусот на земјава како кандидат за членство во ЕУ, треба да се
донесе ново законско решение со кое ќе се воспостави сет на алатки за брза
интервенција во банка која се соочува со проблеми во работењето.
„Овој систем за решавање на банки треба да им обезбеди на органите за решавање инструменти за навремена и брза интервенција на банката која е во проблеми, со цел да се обезбеди континуитет на критичните функции на банката со истовремено ограничување на негативното влијание врз финансискиот систем, преку обезбедување на пазарна дисциплина и довербата на јавноста во банкарскиот сектор, и минимизирање на употребата на јавни средства, како и дополнително заштита на депозитите, заштита на паричните средства и други средства на клиентите во банките“, се вели во објаснувањето на причините зошто треба да се донесе ова законско решение.
Со Законот значајно ќе се унапреди регулаторната рамка за решавање на банка која се соочува со проблеми во работењето. Истовремено, се утврдува Народната банка како надлежен орган за решавање банки.
Како цели кои треба да се остварат се: одржување на финансиската стабилност и избегнување на значително негативно влијание врз финансискиот систем, обезбедување континуитет на критичните функции на банката, заштита на јавните средства преку сведување на минимум на можноста за користење вонредна државна финансиска помош, заштита на депонентите кои имаат обезбедени депозити, заштита на средствата на клиентите на банката, воспоставување на Фонд за решавање банки и утврдување на Народната банка како орган надлежен за решавање на банки.
Со овој закон се очекува да се зголеми отпорноста на банките на економски стрес, било да е предизвикан од системски пореметувања или од настани кои се специфични за поединечна институција.
„Регулаторната рамка ќе овозможи на надлежниот орган да креира можност за ефикасно управување со проблемите на банките, со воведување низа инструменти за навремена интервенција, со цел на таквите банки да им се обезбеди континуитет во извршувањето на нивните критични функции, со истовремено ограничување на негативното влијание на економскиот и финансискиот систем“, напишале предлагачите.
Со законот се зајакнуваат превентивните механизми така што во правната рамка се воведуваат инструментите за решавање.
А, овој закон ќе донесе трошоци за банките. Имено, како што напишале предлагачите, со формирањето на Фондот за решавање банки во предложениот закон се предвидуваат дополнителни финансиски обврски за банките во форма на придонеси, со цел обезбедување на средствата на Фондот за решавање.
Како што стои и во самиот закон, со
него се уредуваат правилата, постапката и инструментите за решавање, овластувањата и
одговорностите на НБМ, како
орган за решавање и основањето, финансирањето, користењето средства и
управувањето со Фондот за решавање банки.
Овој закон ќе се однесува на банки во земјава, подружници на странски банки и финансиски холдинг друштва.
Законот е дециден дека Народната банка е надлежен орган за решавање банки во Македонија. Таа ќе треба да изработува план за решавање за секоја банка којашто не е дел од банкарска група, во кој предвидува сценарија во кои банката престанува да работи како резултат на околности поврзани со конкретната банка или како резултат на нестабилност или други неповолни околности во финансискиот систем.
Банката е должна да ги обезбеди и да ги достави до Народната банка сите информации и податоци потребни за изработување, ажурирање и спроведување на планот за решавање.
Планот за решавање, меѓу другото, содржи опис на мерките за отстранување на утврдените пречки за решавање, образложение на можните начини на финансирање на активностите за решавање на банката без користење на вонредна јавна финансиска помош, или ликвидносна поддршка во исклучителни околности од Народната банка, анализа на влијанието на планот врз вработените во банката и слично
„Можност за решавање на банка постои доколку е изводливо и оправдано врз банката да се спроведе стечајна постапка или е изводливо и оправдано врз банката да се применат инструментите и овластувањата за решавање предвидени со овој закон, без да се предизвикаат значајни негативни влијанија врз финансискиот систем и обезбедувајќи континуиран пристап до критичните функции на банката“, се вели во предложениот закон и се додава дека оцената на можноста за решавање на банката не може да се заснова на претпоставка за користење вонредна јавна финансиска помош, освен на средства од Фондот за решавање банки, како и ликвидносна поддршка во исклучителни околности.
Народната банка може да ѝ наложи на банката: да ревидира договор за финансиска поддршка доколку таков договор постои во рамките на групата на која ѝ припаѓа или да ја преиспита потребата од склучување таков договор, да ја ограничи изложеноста спрема поединечно лице или вкупната изложеност, да оттуѓи делови од активата и слично. НБМ може и да ги ограничи вложувањата на банката во обврски за внатрешна распределба на загубите на други банки, и слично. Народната банка може да ѝ наложи на банката промени во статутот заради отстранување на која било пречка којашто може да ја ограничи можноста за претворање на обврските во акции или други сопственички инструменти.
Банката е должна постојано да одржува минимална стапка на сопствени средства и дозволени обврски, пропишани од НБМ.
Народната банка е должна да презема активности во случај на непочитување на минималната стапка на сопствени средства и дозволени обврски пропишана согласно со овој закон.
При решавање на банка, НБМ настојува да ги намали трошоците на решавањето и да спречи намалување на вредноста на банката, освен кога е тоа потребно.
Постапката на решавање на банката се спроведува врз основа на следниве начела. Акционерите на банката први ги покриваат загубите, доверителите на банката ги покриваат загубите после акционерите, по обратен редослед од редоследот на намирување на побарувањата во стечајна постапка на банка. Покриените депозити се целосно заштитени. Се разрешуваат членовите на надзорниот одбор, членовите на управниот одбор и лицата со посебни права и одговорности на банката, освен ако Народната банка оцени дека нивното задржување е потребно заради остварување на целите на решавањето. Тие се должни да ја обезбедат целата потребна помош за решавањето.
А, она што е битно е дека физичките и правните лица кои придонеле за состојбата во банката и за неможноста таа да продолжи да работи, подлежат на кривична одговорност, како и одговорност за штета. Доверителите од ист исплатен ред имаат ист третман, а ниту еден доверител нема да има поголеми загуби од оние коишто би ги имал доколку над банката се отвори стечајна постапка.
Доколку банката е дел од банкарска група, при спроведувањето на решавањето Народната банка настојува да не се предизвика значително негативно влијание врз другите членки на групата и врз стабилноста на финансискиот систем во земјава. Народната банка почнува постапка за решавање на банката доколку утврди дека состојбата во банката е таква што таа не може или е веројатно дека нема да може да продолжи да работи, не е реално да се очекува дека кои било други мерки би можеле во разумен временски период да го спречат престанокот со работа на банката, и доколу решавањето на банката е од јавен интерес.
Вонредна јавна финансиска помош има само во строго дефинирани случаи, е од привремена природа, сразмерна на отстранувањето на последиците од сериозни нарушувања во економијата и не се користи за покривање на загубите коишто банката ги остварила или е веројатно дека наскоро ќе ги оствари.
Инструменти за решавање на банка се: продажба на дејноста; преодна институција; издвојување на активата; внатрешна распределба на загубите.
Се воспоставува Фонд за решавање на банки, а парите од него се користат за таа цел. Со Фондот за решавање на банки управува Агенцијата за заштита на депозити. Средствата на Фондот за решавање на банки се обезбедуваат преку: годишни придонеси од банките; дополнителни придонеси од банките; договори за заем и други облици на финансирање; како и средства уплатени од банката која се решава.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.