АКТИВНИ СЛУЧАИ НА КОВИД 3.556: Имаме доволен број на болнички капацитети, уверуваат здравствените власти
Објавено во: Македонија 03 Јули, 2020 07:03
Главно жариште на корона вирусот во Македонија и понатаму останува Скопје. Бројот на активни случаи од вчера надмина 2.000. Сепак, здравствените власти уверуваат дека болничките установи имаат капацитет за да примаат нови пациенти на кои им е потребна хоспитализација, бидејќи располагаат со доволен број на болнички кревети.
Од денеска повторно во функција ќе биде ставена модуларната болница во која изминатите денови се поставуваше инсталација за довод на централен кислород.
Според директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р. Милена Стевановиќ, во текот на вчерашниот ден беше направено и последното тестирање на системот, со што од денеска, за пациентите болни од ковид ќе бидат на располагање и дополнителните 70 кревети од оваа болница. Д-р. Стевановиќ појаснува дека на Инфективната клиника има доволно болнички легла бидејќи во последните денови имаат и доста оздравени пациенти кои ги испишуваат. Со вчерашните 6 новопримени на оваа клиника има вкупно 90 пациенти, а капацитетот без модуларната клиника е 110 болнички кревети. Во модуларната болница, специјално направена во кризната состојба е ангажиран медицински кадар од Институтот за туберкулоза.
Најголемо оптоварување трпи ГОБ „8 Септември“, каде со вчерашните седум нови хоспитализирани, веќе има 123, пациенти со корона вирусот, кои се во најтешка состојба. Според неодамнешната изјава на директорот на овој прв и најголем Ковид-центар во Македонија, д-р. Христијан Костов, таму има болнички легла доволно, дури би можело да се стават уште 100 кревети, но проблем е недостатокот на здравствени работници. Во однос на ова прашање, министерот за здравство, Венко Филипче завчера изјави дека се прават ротации за да се одмори медицинскиот кадар.
- Има доволен број на слободни кревети во болницата „8 септември“, каде работиме на системот на ротација на кадар. Во изминатите неколку недели тројца анестезиолози се префрлија од приватните болници во болницата „8 Септември“ и се одлична помош за осумте анестезиолози коишто веќе работат таму. Ќе имаме состанок и со анестезиолозите од КАРИЛ за да се направи замена, ротација на овие луѓе коишто работат во одделот за интензивна нега, истакна министерот Филипче.
Вкупната бројка
на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува
6.625, бројката на оздравени пациенти е 2.748, на починати е 321. Во моментов
бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.55., од кои само во Скопје се 2.010.
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Полицијата го уапси Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги
Тошковски објасни во кои случаи полицијата ќе одзема возило
Toшковски откри кога „Безбеден град“ ќе се спроведе на целата територија на Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Со едногласна одлука, реизбран сум за претседател на ЗЕЛС
ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!
СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него
ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот




