Албанија прва почнува пристапни преговори според новата методологија за проширување на ЕУ
Објавено во: Свет 15 Октомври, 2024
Нашиот западен сосед, Албанија денеска ги почнува преговорите за членство во Европската унија со отворањето на првиот кластер „Основни вредности“. Пред денешното заседание на Совет за општи работи на ЕУ (ГАК) во Луксембург, ќе се одржи Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија.
Кластерот опфаќа сет на поглавја поврзани со фундаменталните реформи, од чие спроведување ќе зависи целокупното темпо на преговарачкиот процес и почетокот на преговорите по другите кластери.
Одржувањето на Меѓувладината конференција беше овозможено откако Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) минатата недела го усвои Заедничкиот став на Унијата за отворање на првиот Кластер од преговорите за членство на Албанија.
The 2nd Intergovernmental Conference with Albania has just begun in Luxembourg with @ediramaal and FM Péter Szijjártó. Stay tuned for the press conference, streamed LIVE on our X channel. pic.twitter.com/GgfleqlgPn
— Hungarian Presidency of the Council of the EU 2024 (@HU24EU) October 15, 2024
Албанија инаку ќе биде првата меѓу земјите кандидати за членство во ЕУ, што ќе ги води пристапните преговори според ревидираната методологија за проширување на Унијата.
Со Меѓувладината конференција ќе претседава унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, чија земја е актуелен претседавач на ЕУ.
Одлуката Албанија да почне преговори за членство со ЕУ по кластери ја донесе Корепер минатиот месец, со што практично земјата е одвоена на својот европски пат од Северна Македонија. Досега двете држави се движеа заедно во пакет кон полноправно членство во Унијата.
Фото: Принтскрин/Твитер