АЛКАЛОИД СО РАСТ НА ПРОДАЖБАТА ЗА 7 ПРОЦЕНТИ - извозот надминува 160 милиони евра, инвестирани 15 милиони евра
Објавено во: Финансии 31 Октомври, 2025 11:07
Домашната фармацевтска компанија Алкалоид АД Скопје во најновиот биланс на успех, за периодот јануари – септември 2025 година објави дека продажбите достигнуваат 10.180.866.920 денари, ли над 165 милиони евра што е за 2 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
- Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 15.191.149.664 денари, (околу 247 милиони евра) што е за 7 проценти повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Во 2024 година остваривме импресивен раст од 14 проценти, што ги надмина нашите првични проекции и претставуваше значително зголемување во однос на планираното за 2024 година.
Ваквиот исклучителен резултат во 2024 година постави висока основа за тековната година, при што моменталниот раст е умерен, но е во согласност со предвидената динамика.
Во споредба со планираните продажби за првата половина од 2025 година реализираните се поголеми за 2 отсто - се посочува во извештајот.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 17 отсто во споредба со првите девет месеци од минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 35 проценти се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 проценти, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 19 отсто, а во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 18 проценти од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Австрија, кои се зголемени 6-пати; потоа во Холандија, каде што се зголемени 5,5-пати, во Шведска, каде што се зголемени 4-пати, на Финска, каде што се зголемени 3,5-пати, како и во Малта и Јужна Африка каде што продажбите се зголемени 2 пати. Потоа следуваат оние во Исланд (раст од 83 отсто), Португалија (раст од 59 проценти), Ирска (раст од 45 отсто), во Грузија (раст од 40 проценти), Казахстан (раст од 29 отсто), Полска (раст од 23 проценти), во Германија (раст од 19 отсто%), Босна и Херцеговина (раст од 14 проценти), Ерменија (раст од 13 отсто) итн. Во периодот што следува очекуваме кумулативните пласмани на странските пазари да ги надминат минатогодишните.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 отсто. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23 проценти, препаратите ОТЦ со 18 отсто, невролошките препарати со 13 проценти, кардиолошките препарати со 12 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 проценти во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 отсто, козметика со 6 проценти, а билкарство учествува со 1 отсто. Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство се на исто ниво во споредба со остварените во истиот период од 2024 година. Сегментот фармација бележи раст од 7 проценти, хемија раст од 20 проценти, козметика пад од 2 отсто, а билкарство намалување од 14 проценти. Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија, Србија и во Црна Гора кои беа на сила во одреден период од годината.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2025 година изнесуваат 929.289.935 денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.546.860.903 денари, бележи зголемување од околу 8 отсто, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.531.839.773 денари и е зголемена за 7 проценти.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.771.616.825 денари и бележи раст од 11 отсто, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.487.454.694 денари е зголемена за 8 проценти.
При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари – септември 2025 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 46 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.996 вработени, од кои 2.251 се во земјава, а 745 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2025 година се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 27.334,92 денари за една акција, што претставува раст од 31,7 отсто во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со Друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 30.09.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.395 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 36,9 милијарди денари.
На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година започна исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 проценти во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година.
Бизнис-план за 2025 година
Бизнис-планот за 2025 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2024 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.
Бизнис-планот за 2025 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на Планот. Околностите и настаните во 2025 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.
Очекуваме во 2025 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти.
Можеби ќе ве интересира
Ова се просечните годишни плати во европските земји: Разликите се огромни, еве зошто
Рекорд на сите времиња: Илон Маск е најбогатиот човек во човечката историја
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Голем скандал во автомобилската индустрија: Возачите плаќале повеќе, производителите на батерии казнети со 72 милиони евра
Димитриеска-Кочоска: Буџетот е во одлична кондиција и обврските нема да останат несервисирани
Европските индекси растат, цените на златото повторно се близу до историски максимуми
Рекорд на пазарот на недвижности: Пентхаус во Дубаи продаден за речиси 130 милиони евра
Дали се руши хрватскиот сон? Половина од платата оди за даноци, становите се прескапи, подобро е дома
„Ти си Балканец, ќе ни работиш за џабе“: Што навистина значи животот и работата во Швајцарска




