Алсат: СДСМ и ги врати на ДУИ забелешките за нацрт-законот за албански јазик
Објавено во: Македонија 19 Февруари, 2017
СДСМ и ги врати на ДУИ забелешките во врска со ставовите на интегративците за нацрт-законот за албански јазик. Извори од преговарачкиот процес наведуваат дека успеале да ги надминат најголемите разлики во однос на барањата на ДУИ и дека останале само помали работи за усогласување, пишува Алсат-М.
Како што пренесува овој медум, преговарачите на ДУИ утре ќе го известат претседателот на партијата Али Ахмети за текот на преговорите, а се очекува да се свика и централното претседателство за детално да го разгледа нацрт-законот за албанскиот јазик. Од ДУИ велат дека не отстапуваат од своите предлози за новиот закон за јазикот.
Алсат исто така дознава дека ако страните финално ги надминат разликите во однос на албанскиот јазик, ДУИ може да му ги даде на Заев потребните потписи за добивање мандат, а потоа ќе продолжат преговорите и за останатите барања на интегративците.
СДСМ, пак, е затворена и не дава никаква информација за текот на преговорите со ДУИ. Во последната изјава, лидерот на социјалдемократите Зоран Заев рече дека ќе прифати се што е во рамките на Уставот и се што е во интерес на практичната потреба граѓаните Албанци.