Амбасадорите на САД од регионот на советување со Палмер во Скопје
Објавено во: Македонија 31 Октомври, 2019
Шефот на дипломатијата Никола Димитров синоќа беше домаќин на работен прием за амбасадорите на САД во Југоисточна Европа, кои одржуваат консултации во Скопје под раководство на заменик помошникот државен секретар и специјален претставник за Балканот Метју Палмер.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи , Димитров е задоволен што Скопје е избрано како место за регионална конференција на американските амбасадори во Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, БиХ, Словенија, Хрватска, Бугарија, Грција и Албанија.
„Вие дојдовте во интересно време. Благодарни сме што споделуваме заедничка визија за регионот. Завршивме голема работа, направивме големи работи што не се прават често во регионот, а тоа се компромиси. Ние ја произведуваме иднината во корист на нашите земји, како и регионот“, рече Димтров, на приемот на кој присуствуваа и високи претставници на Стејт департментот и Министерството за надворешни работи на Македонија.
Одржувањето на овој состанок на амбасадорите на САД во Скопје, како што истакна Димитров, е дополнителна потврда за „цврстото и продлабочено партнерство“ на Македонија и САД и претставува можност за размена на мислења за прашања од заеднички интерес за двете земји.