Американскиот Сенат слично како Бундестагот: Резолуција да се слават македонскиот јазик и култура
Објавено во: Македонија 01 Август, 2023
Во американскиот Сенат поднесена е резолуција со која ќе се слави македонскиот јазик, историја и култура. Нешто слично како и германскиот Бундестаг за време додека трае кампањата за уставни измени во Македонија, со тоа што овој документ се однесува на Македонците кои живеат и работат во САД.
Во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД, објави Гласот на Америка.
Резолуцијата пред Сенатот ја претстави републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон во која се бара да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.
„Да се препознаат бројните придонеси на македонските Американци во САД во различни области, вклучувајќи уметност, наука, бизнис, политика, медицина и спорт, и да ги поттикнат граѓаните на САД да го одбележат месецот на македонско-американско наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци“, пишува во резолуцијата.
Таму се додава дека од 1880-тите години, десетици илјади Македонци имигрирале во САД барајќи граѓански слободи, човекови права, верски слободи, економски можности и безбедност како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја од 1903 година, Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција од 1946–1949 година и комунистичката политика на Југославија.
Проценките се дека денес има околу 500.000 граѓани со македонско потекло кои живеат во САД, најголем број од нив во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.
Таму се додава дека „македонско-американската заедница во САД е енергична заедница која е вградена во мозаикот на САД, учествувајќи во сите сфери на животот - бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот ангажман, владата, војската, образованието, уметноста, кулинарскиот свет, атлетиката и многу повеќе, а македонските претприемачи покажаа издржливост, решителност и посветеност на напорна работа преку надминување на предизвиците за постигнување деловен успех и придонес кон основање на трговијата во САД“. Се нагласува и дека членовите на македонската заедница во САД се активни и во спортот, уметноста, медицината и законодавните тела и судови низ САД.
Резолуцијата прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат. Иницијативата за резоулцијата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
Во јуни, германскиот Бундестаг усвои резолуција со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на патот на земјата кон Европската Унија (ЕУ).
Бугарија лани испрати унилатерална изјава до земјите членки на ЕУ дека македонски јазик не постои, и дека се работи за дијалект на бугарскиот јазик.