Добивај вести на Viber
Ќе биде ли 2012 та погубна година за економијата? Првично проектираните 4,5% економски раст не само што се стопија , туку сега за успех ќе се смета секој резултат што е малку над нулата. Народната Банка веќе пресметува нова проекција според која оваа година ќе заврши со раст од 0 до 1 процент.
Почна да се ситни и последниот квартал а статистиката секојдневно ги урива илузиите за опоравување.
Откако првата половина од годинава заврши со рецесија, последните податоци за економските движења не најавуваат оптимизам ниту за второто полугодие. Сите симптоми укажуваат на тоа дека и третиот кавртал од годинава измина во знакот на криза.
Не запре негативниот тренд на индустриското производство ( август – 8,1%) , прометот во индустријата дома и во странство се намалува ( јули – 21,1%) и бројот на работници се топи ( август – 4,1% ), инвестициите се ситнат ( во јули 100 милиони евра помалку во однос на истиот месец лани ). Македонската економија, која со стартот на оваа година требаше да испорача раст од 4,5% , сега ќе “брка “ раст од 1% - стапка што според бизнисмените би претставувала успех, а според Народната Банка - реален одраз на состојбата .
Компаративната анализа на Фактор покажува дека македонската економија не е единствена во Европа што не успеа да ја преброди кризата и да избегне рецесија, но во исто време таа е во групата токму на “критичните“ земји кои беа причина за кризата што ја тресе Европа. Судејќи според досега испорачаните економски параметри, освен Македонија, рецесија прогласија Грција , Шпанија, Италија, Словенија. Најголема негатива прикажа Грција од -6,2% , потоа Португалија -3,3% и Италија со -2,5% економски раст во вториот квартал од годинава. Еве која е групата на европски економии што се во рецесија :
Чешка, Грција, Шпанија, Италија, Кипар , Унгарија, Португалија , Словенија
Од друга страна, и покрај кризата , реформите , отпуштањата на работници и зголемувањето на даноци, дел од европските земји успеаја да прикажат економски раст.
Иако симболично, водечките европски економии – на Германија и Франција останаа во позитивна зона. Она што е пресудно за македонската економија е токму опоравувањето на германската економија, со која остваруваме годишна трговска размена од 1 милијарда долари . Еве какви стапки на раст прикажаа дел од европските земји :
Франција +0,3%
Германија +1,0%
Естонија +2,5%
Полска +2,5%
Латвија +4,3%
Европската Унија за “влакн “ успеа да избегне рецесија во првата половина од 2012 та.
I квартал 2012 II квартал 2012
Европска Унија 0,0% -0,5%
Македонија -1,3% -0,9%
Глобално, според аналитичарите , за економската разврска во оваа 2012 та и стартот на следната година, пресудни ќе бидат економските резултати што ќе ги прикажат водечките светски економии. Америка и Јапонија засега бавно, но сигурно чекорат кон заздравување. Двете моќни економии прикажаа економски раст во првата половина од годинава . Американската економија веќе четири квартали по ред е во зоната на позитива .
I квартал 2012 II квартал 2012
Америка 2,4% 2,3%
Јапонија 2,8% 3,6%
Каков курс ќе заземе македонската економија догодина ќе зависи пред се од движењата во европските економии. Веќе се исцртуваат контурите на буџетот за 2013 та. Каква стапка на раст ќе проектира Владата за догодина? Дали таа ќе биде одраз на реални очекувања или на популизам? Во очекување на новите буџетските позиции, бизнисмените и економистите предупредуваат дека кризата не само што нема да заврши со завршување на оваа 2012 та, туку ќе се прелее и ќе трае и во првата половина од годината што доаѓа.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.