Анализа со Џезаири: Има ли опасност судирот меѓу Мицкоски и Ахмети од политички да прерасне во меѓуетнички
Објавено во: Анализа 29 Септември, 2025 09:52
Жестоката реторика на адреса Мицкоски-Ахмети продолжува да се разгорува во пресрет на почетокот на официјалната изборна кампања. Нешто слично видовме и во кампањата за парламентарните избори, но сега со ослабена СДСМ, а сѐ популарна Левица, на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им останува ДУИ како „главна“ опозиција. Но, овој политички судир на навидум власт и опозиција има и многу чувствителен карактер бидејќи како ретко кога станува збор за политичка пресметка меѓу една мнозинско македонска и една мнозинско албанска партија, па така таа реторика се оценува и како меѓуетничка.
Можните сценарија за дестабилизации се како редовна точка на политичката сцена, особено во очи на едни избори, а годинава, тоа навистина е „зачинето“, со бројните подметнати пожари, случајно или не. Сепак, играњето на меѓуетничка нетолеранција може да биде опасно, а такви епизоди во минатото гледавме токму од Ахмети и Груевски, претходникот на актуелниот премиер во „Белата палата“. За овие теми разговаравме со новинарскиот ветеран Сељадин Џезаири, кој смета дека за успех на државата решението не лежи во остранување на ДУИ како политички фактор, туку продолжување на националната и јазичната интеграција на Албанците.
Премиерот Христијан Мицкоски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ води една реторика во која како главни политички опоненти ги посочува ДУИ и нивната коалиција Национална алијанса за интеграција која произлезе од Европскиот фронт. Практично ВМРО-ДПМНЕ јасно се позиционираше во поглед на коалициската поддршка за ВЛЕН и во повеќе општини меѓу кои Струга, Гостивар, Тетово, Чаир и други не кандидираше свои кадри за градоначалници. Истовремено ја обвини Левица дека пак, со нивните кандидати „фрла гума за спас на ДУИ“. Кон што води ваквата реторика, очекувате ли да се „вжешти“ атмосферата пред почетокот на изборите?
Џезаири: Води само кон продлабочување на меѓуетничкиот јаз помеѓу Македонците и Албанците. Залагањето на премиерот Христијан Мицкоски за бришење на ДУИ од политичката сцена на земјата, всушност е вперено против Албанците. Затоа што, да не заборавиме, партијата на господинот Ахмети доминира на политичката сцена во албанскиот камп, дури и во овој момент. Да беше „ѓене-ѓене“, да се работеше за некоја минорна партија или пак за партија која не го признава територијалниот интегритет на Северна Македонија, или партија што го става под прашање националниот, културниот или јазичниот идентитет на Македонците, тоа ќе беше аргумент. Но, вака како што настапува лидерот на најголемата македонска партија, како да докажува дека не извлекол никакви поуки од минатото. Наместо засилување на интеграцијата на немакедонското население, односно на Албанците, последната година и пол сведоци сме на едно систематско деградирање на уставната положба на Албанците, како што јас го нарекувам. Упорното тврдење дека ДУИ е „црниот ѓавол“ всушност докажува дека во ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се негува антиалбанството, со ништо предизвикувано! Да не должам, секако дека ќе се„вжешти“ атмосферата, но најголемиот губитник ќе биде групацијата ВРЕДИ, односно „љубимците„, или „измеќарите“, како што ги нарекува овдешната албанска опозиција, на господинот Мицкоски.
Колку конфронтациите меѓу Мицкоски и Ахмети може да прераснат во некаква меѓуетничка тензија, и да се протолкуваат како обид „Македонците да решаваат за политичките и партиските прашања на Албанците“. Сметате ли дека сите досегашни „најави“ за можни проблеми (протести, наводни сценарија за дестабилизација, сомнежи за организирано подметнување пожари) се реални или се само дел од пропагандата на партиските машинерии?

Џезаири: Во демократските општества секогаш и насекаде одговорноста му припаѓа на мнозинството. Оттука, своевремената заложба на премиерот Мицкоски за мораториум за таканаречените етнички прашања, како да најавуваше една нова страница во областа на меѓуетничките односи. Но, тврдокорното постепено остварување на предизборното гесло „Македонија потворно твоја“ го потврдува на дело непомирувањето на ВМРО-ДПМНЕ со уставната положба на Албанците, воспоставена по Охридскиот рамковен договор. Каква иронија: сите политички партии на овдешните Албанци се солидаризираат со македонската битка за одбрана на националниот и јазичниот идентитет, а од македонската страна – албанскиот јазик систематски се отстранува од службената употреба! Погледнете ги само саобраќајните знаци, на пример од скопскиот аеродром, долж обиколницата. Името на главниот град на Косово, се чита на македонски, на англиски па дури и на српски јазик, но го нема и на албански јазик: Приштина, Pristina и Priština, но не и Prishtina! Поради ова, сметам дека албанската страна, овде не мислам само на политичките партии, нема да стои со скрстени раце! На власта и е да се справува со овие проблеми со оглед на тоа дека токму таа ги отвори. За жал, на штета на Албанците!
По огромниот пад на СДСМ на последните парламентарни избори и бројот на освоени пратеници, ДУИ се наметна како „примарна“ опозиција. Во меѓувреме Мицкоски како да нема силен спаринг партнер во македонскиот блок. Тука е подемот на Левица и популарноста на Димитар Апасиев и сите досегашни нивни „препукувања“, но како главниот „удар“ секогаш да е резервиран кон Ахмети. Претходно се шпекулираше дека на тој начин и Мицкоски и Ахмети си ги „пумпаат“ своите рејтинзи базирани и на националистичка реторика, па како од овој шум на пораки да ја издвоиме и детектираме суштината.
Џезаири: Сметам дека господинот Ахмети излезе како апсолутнен победник во сите овие предизборни сценарија и комбинаторики, уште од неговото појавување на политичката сцена. А тоа зборува дека тој добро се држи кај албанскиот електорат. Можеби господинот Мицкоски и неговата партија опасноста ја гледаат токму во подемот на Левица, па оттука играат на веќе добро испробаната карта - антиалбанството. Убеден сум дека локалните избори ќе покажат колку ќе „чини“ оваа владина агресивност кон уставнопоставената положба на Албанците. Не знам каква ќе биде иднината на коалцијата предводена од ДУИ, но убеден сум дека партијата на Ахмети ќе продолжи да ја игра улогата на, како што велите вие, „примарна“ опозиција, не само на внатрешен туку и на надворешен план, особено кога станува збор за евроинтегративниот процес, но и на политиката кон соседите, особено по предупредувањата и од Брисел за продор на таканаречениот „српски свет“ и во нашата земја.
Како овие теми за меѓунационалните односи, наместо за екологија, локален развој и урбанизам, ќе влијаат на конечните резултати на локалните избори? Може ли на тој начин да се мотивира гласачкото тело да излезе на гласање или пак ќе се зголеми апатичноста и заситеноста од политиката и политичарите?
Џезаири: Се сеќавате ли на силната партиска пордршка од СДСМ за изјавата од пред неколку години на еден Албанец, ми се чини дека беше од Арачиново, дека него не го интересира федерализација, туку канализација? Ја памтите ли изјавата на социјалдемократот Зоран Заев - „BDI në opozitë, pse jo?” (ДУИ во опозиција, зошто да не?)? Сега ни претстои да ја запаметиме заложбата на Мицкоски за бришење на ДУИ од политичкта сцена, па по изборите да видиме кој каква позиција ќе има! Постојат илузии дека со „заминувањето на ДУИ од политичката сцена“ ќе завладее мир во земјата. Но, реалноста е многу посложена. Само присуството на силен албански фактор, како што беше ДУИ досега, ги натера и другите страни да прават компромиси во полза на тоа што се нарекува толеранција, интеграција со национален и јазичен идентитет. Од се друго, се плашам дека ќе не боли главата!
Х.С.* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
КАМЕРИТЕ СЕ БОЈАТ, КРШАТ, КРАДАТ И ФРЛААТ ВО РЕКИ: Еве како поминале камерите на Сејф сити во земјите низ Европа и на Балканот
СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени
Ако сакаш да не најдеш решение формирај комисија – Што ќе донесе анкетната расправа за Кочани?





