Арсовски: МВР излажа дека не се крадела струја - ЕВН вели дека нема посебни броила во ГТЦ
Објавено во: Македонија 18 Ноември, 2021
Од ВМРО-ДПМНЕ со критики за тоа како се води случајот со наводното крадење струја од ГТЦ заради копање на криптовалути.
„Три дена молчат и директорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски и претседателот на бордот на директори Трајанка Тасевска, која инаку е сопругата на директорот на БЈБ при МВР“, рече на пресконференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, која ја одржа токму пред подрумите на Градскиот трговски центар.
„Во сред ГТЦ, во подрумите позади мене, се копале криптовалути нелегално неколку години откако е СДСМ дојдено на власт, се копало со крадена струја, а МВР не сака да преземе никаква одговорност и ги штити криминалците. Зошто МВР пред три дена ја повлече полицијата да не ја извршат својата работа? Дали затоа што ургирала сопругата на директорот на БЈБ Сашо Тасевски или пак затоа што ургирал коалициониот партнер на Зоран Заев, за кој се смета дека негови се и машините за копање криптовалути, а тоа е семејството Бајрам и лично тие имаат ургирано кај Заев и Оливер Спасовски? Како и да е, МВР има двојни аршини за криминалот. Оливер Спасовски и МВР ги штитат овие луѓе за сериозен криминал, каде што имаат украдено струја преку ГТЦ во вредност од стотици илјади, а можеби и милиони евра“, рече Арсовски.
Натаму, тој нагласи дека МВР кажува дека не се крадело струја.
„Од ЕВН пак велат дека немаат таму дополнителни броила и практично потенцираа дека МВР со нивната изјава во јавност лажат и со тоа уште еднаш го штитат криминалот“, рече Арсовски.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваат институциите да го истражат случајот со ЕВН, а СДСМ потоа да се извини, бидејќи според партијата, многу скоро ќе излезело дека луѓе блиски до нив терале бизниси со таа компанија.