17 Декември, 2025
0.1062

ФАКТОР Сторија

Ауфвидерзен Македонијо!

Објавено во: Економија 30 Јули, 2013 07:51

Добивај вести на Viber

„Четири ипол години секојдневно патував по 70 километри од дома до работа и назад... Во својот град, Скопје, не можев да најдам вработување. На дожд, снег, виулици и пеколни жештини го чекав полураспаднатиот автобус и се клацкав во него. Плачев попатно, плачев во себе, за да не ме видат другите, бидејќи нели сум лекар, треба да сум со крената глава...“ Вака 34 годишната Ана Крстевска го почна раскажувањето за своето работно искуство како лекар по општа медицина во Македонија. Реалноста и’ ги урнала детската фантазија и студентскиот ентузијазам. „Под закопчаниот бел мантил го криев внатрешниот немир“, продолжува Ана. „Далечината до селото воопшто немаше да ми биде проблем доколку се’ друго беше подносливо. Но, работев во амбуланта до која што немаше асфалтиран пат, во која што зиме немаше греење, ќе немаше ниту сапун за раце, ако сама не купував. Згора на се’, го трпев и гневот на пациентите поради неточниот апарат за мерење притисок. Себе си се доведував во ризик кога одредував терапија. И сето тоа за 12 илјади денари. 12 илјади денари од кои што половина ги трошев за автобуски карти, а со останатите 100 евра требаше да живеам ’угледно’ како што доликува на лекар кој шест години макотрпно учел и инвестирал во себе за да дипломира со просек над 9. Го изгубив достоинството!“, со доза на гнев заклучува Ана. “Но, не го изгубив сонот да бидам лекар кој, освен од љубов кон работата, ќе живее и од солидна плата“. Следејќи го сонот, Ана веќе една година работи и специјализира психијатрија во северногерманскиот град Грајфсвалд: „На почетокот ми беше чудно што платата стигнуваше редовно на секој први во месецот. Во Македонија постојано се случуваше некој застој, или од Фондот за здравство или нешто друго.“ – вели Ана, со осетна (воочлива) радост и олеснување. Таа сега е редовно вработена како општ лекар, а болницата финансиски и’ ја покрива специјализацијата. „Добивам плата од 2700 евра. Месечните трошоци за кирија и сметки ми се некаде околу 600-700 евра. Со остатокот надоместувам се што пропуштив во Скопје. Растоварувањето не е само од финансиски аспект и условите и третманот се далеку подобри, европски. Владее воспоставен систем на тимска работа и меѓусебно почитување“ - со воодушевување раскажува Ана. Сега може да се пофали дека работи во болница во која што има најсовремена апаратура, има од кого на учи, не се соочува со недостиг на основни средства за работа и ги следи најмодерните медицински трендови.  Единствено што недостига- вели- е млад медицински персонал. Болницата имала слободни работни места и потреба од нов кадар за работа и специјализација. „Овде пациените се како во хотел, но и ние вработените не сме на полошо“, како на шега прокоментира Ана, задоволна што ужива во достоинството на својата професија. 

Во своите стремежи, Германија како крајна дестијација ја имаат уште стотина лекари и други медицински работници во Македонија. И работат на остварување на целта. Владимир Трајковски, рентгенолог ова лето се посвети на интензивно учење на германскиот јазик. Се труди до октомври да дојде барем до неопходното Б1 ниво: „Наизглед е тешко да се учи германски, но кога ќе се сфати логиката на јазикот, се’ станува полесно. Важно е да се има мотив. Една болница од Германија веќе ми понуди работа за која што аплицирав и сега се концентрирам колку можам подобро да го совладам јазикот и што побргу да заминам...“ – вели Владимир. Интензивни курсеви по германски посетува и Славица Петкова, медицинска сестра во скопскиот Клинички центар, којашто дури неодамна доби решение за вработување по долгогодишно волонтирање. „Се надевам дека ќе успеам да заминам. Знам дека ќе сум одвоена од семејството, но барем ќе можам да се самореализирам. Знам дека платите се неспоредливо подобри, исто како и условите за работа; всушност се цени самата професија“, вели Славица. Младите медицинари интензивно учат германски откако Германската агенција за вработување објави илјадници празни работни места во здравствените установи. Голем е и интересот и на штотуку дипломираните студенти од Медицинскиот факултет, кои дури и не се обидуваат да побараат работа во Македонија, туку веднаш се гледаат себеси како лекари некаде во странство. Училиштата за странски јазици работат турбо, дури и за време на распустот. „Интересот за учење германски јазик одамна го надмина интересот за учење англиски. Особено кај медицинарите кои сакаат што побргу да го научат јазикот. За да се достигнат најчесто бараното Б2 ниво потребни се од 600 до 800 училишни часа, што практично значи дека кандидатите се решени да доаѓаат секојдневно цели 60 недели. 

Се’ што е помалку не дава соодветна основа за полагање на потребните јазични сертификати од Гете Институт. “ – велат од Едукативниот центар Светилник каде што летово се одржуваат интензивни курсеви по германски јазик. Германија веќе го отвори пазарот за работна сила што доаѓа од земји не-членки на ЕУ.

Отселувањето уште повеќе ќе се зголеми кога од јануари 2014 година оваа земја ќе го отвори пазарот и за бугарските државјани, значи за сите оние кои имаат бугарски пасош. Ова масовно емигрирање на медицински персонал од Македонија е во време кога државата не’ уверува дека јавно здравство е целосно реформирано по теркот на западноевропските земји. Но, очигледно реалноста е поинаква штом младите бегаат надвор. Всушност, си одат, на подобро. Што би рекле Ана, Владимир и Славица: „Ауфвидерзен Македонијо, алес гуте...“ 

С.Х.

Можеби ќе ве интересира

Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца

Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца

Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје

„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега

„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега

КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години

КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години

Кончар потпиша договор со позната американска компанија

Кончар потпиша договор со позната американска компанија

Откриено што ја чека германската економија

Откриено што ја чека германската економија

ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар

ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар

Најскапиот град во светот за излегување е во Азија

Најскапиот град во светот за излегување е во Азија

Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас

Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас