Добивај вести на Viber
Претседателот на САД Барак Обама ги продолжи за уште една година политичките и економските санкции против Иран, соопшти прес-службата на Белата куќа, пренесуваат светските агенции.
Во согласност со американските закони претседателот ги извести за својата одлука лидерите на Конгресот. Во писмото испратено до раководствата на Сенатот и Претставничкиот дом се наведува дека претседателот го продолжил за уште една година режимот на вонредна состојба во односите со Иран, основан пред 20 години - во март 1995 година.
Декретот потпишан од тогашниот 42-ри претседател на САД Бил Клинтон предвидуваше воведување на голем број санкции против Иран, кои оттогаш редовно се продолжуваат и дополнуваат со други директиви.
Едностраните американски санкции беа дополнети со меѓународни, вклучувајќи ги прифатените по одлука на Советот за безбедност на ОН санкции за прекршување на Техеран на обврските за неширење на нуклеарното оружје.
Денес прашањето за нивно постепено кревање се дискутира на преговорите на петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија со Иран. Преговорите имаат за цел постигнување на сеопфатен договор за иранската нуклеарна програма.
Во пораката на Обама кон лидерите на Конгресот се забележува дека резултатот на овие преговори Исламската република „за прв пат во последната деценија се согласила да не развива и да скрати клучни елементи од нуклеарната програма“. Сепак „одредени активности и политиката на иранската влада продолжуваат да претставуваат невообичаена и исклучителна закана за националната безбедност, надворешната политика и економијата на САД“, изјавил Обама.