06 Декември, 2025
0.0298

Раст на инвестирањето во инвестициски фондови, но културата сè уште се гради – искуства и визија од тимот на ВФП Фонд Менаџмент

Објавено во: Мои пари 07 Август, 2025 12:46

Добивај вести на Viber

Иновациите, променливите глобални економски услови и растечките барања на инвеститорите ја трансформираат индустријата за управување со средства. Последниве години, интересот за инвестирање – и на домашниот и на странските пазари – расте со забрзано темпо, а фондовската индустрија станува сè позначаен двигател на економскиот раст и финансиска писменост.

ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје, како еден од главните играчи во индустријата, има активна улога во овие процеси. Со повеќе од 10 години присуство на македонскиот пазар, ВФП поставува стандарди во управување со средства, транспарентност и унапредување на клиентското искуство, нудејќи разновидни инвестициски производи – од отворени инвестициски фондови до водење на персонализирани портфолија за домашни и странски клиенти. На оваа тема, како и на предизвиците со кои се соочуваат, разговаравме  со дел од тимот кој стои зад управувањето на инвестициските фондови на ВФП Фонд Менаџмент – тим кој комбинира искуство, ригорозна анализа и континуирана адаптација кон светските трендови. Во разговорот учествуваа Петар Андреевски- Главен извршен директор, Андријана Поповска, FRM – Извршен директор и портфолио менаџер, Марио Ѓорѓиев, CFA – Член на Инвестицискиот Одбор и портфолио менаџер и Ивана Ташковска – Раководител на организациската единица за тргување и портфолио менаџер. 


1. Инвеститорската јавност во Македонија веќе подолг период негува  засилен  фокус на интерес во инвестирањето на своите финансиски средства на домашниот, но и на странските пазари. Следствено на таквата клима во последните три години и фондовската индустрија ја доживува својата “ренесанса”. На ваквата  клима “ кумува” и биковиот пазар  кои после короната го одбележа движењето на цените на акциите со нагорен тренд. Во овој контекст  какви резултати постигнаа вашите фондови во изминативе години и кои фактори најмногу придонесоа за тие приноси?

-  Изминативе три години беа особено позитивен период за нашите инвестициски фондови. Во услови на глобален биков пазар и закрепнување по пандемијата, фондовите со кои управува ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје забележаа солидни приноси, особено кај акциските фондови изложени на развиените пазари на капитал. За последните три години, а заклучно 31.07.2025, ВФП Премиум Акции оствари нето принос од 30,82%, што секако не е гаранција дека истото ќе продолжи и понатаму. Придонес кон добрите резултати меѓу другото дадоа дисциплинираната алокација и фокусот на квалитетни и фундаментално здрави компании. Солидни приноси остварија и обврзничкиот и паричниот фонд, кои беа важна алатка за инвеститорите со пониска толеранција и капацитет за превземање ризик. Во изминатите 3 години, Македонските граѓани нето уплатија повеќе од 77 милиони евра во ВФП Фондовите и услугата Управување со Индивидуални портфолија, со што вкупните средства под управување на нашето Друштво надмина 200 милиони евра.

2. Како ја оценувате моменталната состојба на глобалните финансиски пазари, со оглед на инфлацијата, монетарната политика на ФЕД и ЕЦБ, слабиот долар, тарифните бариери и геополитичките тензии и кои сценарија ги разгледувате за следните 12–24 месеци?

-  Во моментов глобалните финансиски пазари се движат во услови на зголемена неизвесност и поголема селективност. По периодот на стабилен раст, инвеститорите сега се фокусираат на неколку клучни фактори: потенцијалното намалување на каматните стапки од страна на големите централни банки, геополитичките тензии, како и трговските политики, каде што повторно се воведуваат тарифи и се прават преговори. Овие мерки веќе предизвикуваат промени во глобалните синџири на снабдување и се фактор што инвеститорите сериозно го следат. Во вакви услови, посебно внимание треба да се посвети на диверзификацијата и управувањето со ризикот, согласно хоризонтот на инвестирање на секој поединец.

Иако краткорочните движења и понатаму ќе бидат под влијание на геополитички фактори и трговски политики, историски гледано, токму инвестирањето во периоди на поголема неизвесност носело најдобри резултати за инвеститорите со јасна стратегија и трпение. Слабиот долар, на пример, може да создаде можности кај американските компании ориентирани кон извоз.

Она што станува сè поважно е пристапот: долг рок, редовно наместо еднократно инвестирање, диверзификација и дисциплина.

3. Дали имате некои репери кои ги користите за мерење на резултатите на фондовите?

-  Иако инвестициските фондови со кои управуваме не се индексни фондови, и кај двата акциски фондови имаме избрано соодветен репер - бенчмарк со цел објективна евалуација на перформансите и ризиците на фондовите, како и следење на позиционираноста во однос на пазарот. Бенчмаркот се избира во согласност со структурата и стратегијата на самиот фонд, главно се водиме според географската и секторската изложеност, како и типот на инструменти што фондот ги содржи. Кај ВФП Премиум Акции, како репер користиме комбинација од 30% Dow Jones Industrial Average и 70% Stoxx Europe 50 Index, што одразува балансирана изложеност на американски и европски развиени пазари, додека кај ВФП Дивиденда Акции го земаме MSCI World Price Index, кој претставува широк спектар на глобални компании. Она на што сме посебно горди се резултатите на нашиот најпрепознатлив фонд - фонд со повеќе од 10 години историја, ВФП Премиум Акции. Со овој фонд успеваме да го победиме приносот на бенчмаркот. Имено, со податоците од 31.07.2025, приносот кој ВФП Премиум Акции го остварил во последните 5 години е 67,27%, нето, по надоместоци за управување, додека бенчмаркот или реперот, за истиот период остварил 61,11%, вклучувајќи ги и валутните конверзии.

4. Во услови кога доларот бележи значаен пад, што негативно се одразува на реалната вредност на доларските инвестиции, особено за домашните инвеститори, како се одрази ова кај вашите портфолија и на кој начин ја менаџирате изложеноста кон валутни ризици?

- Падот на доларот во последните месеци несомнено има ефект врз реалната вредност на доларските инвестиции, особено кога се пресметуваат во денари, што е важно за домашните инвеститори. Кај фондовите што имаат изложеност на американски акции, слабеењето на доларот делува како негативен валутен фактор и делумно го ублажува приносот што тие инструменти го остваруваат на пазарот. Овој ефект е уште поизразен кај инвестициите кои се целосно деноминирани во американски долар. На пример, индексот S&P 500 – кој ги опфаќа 500-те најголеми американски компании и служи како репер за целокупната економија на САД – од почетокот на годината до 31.07.2025 остварил принос од приближно 7,78%. Но, тој резултат важи за американски инвеститори. За македонските инвеститори, по вклучување на падот на доларот, реалниот принос е всушност негативен, односно околу –2,14%.

Поради тоа, редовно потенцираме дека валутниот ризик не смее да се занемари, особено при инвестирање во инструменти деноминирани во странска валута.

Со цел ублажување на влијанието на девизниот курс, во нашите портфолија не се концентрираме само на компании кои котираат во американски долар, туку вложуваме и во инструменти номинирани во евра, британска фунта, швајцарски франк и јапонски јени. При конструкција и купопродажни трансакции на фондовите, внимаваме географската алокација и валутната структура да бидат во рамнотежа со целите на фондот и профилот на инвеститорите.

ВФП Премиум Акции, кој е нашиот прв и најголем акциски фонд отсекогаш бил изложен на долари до близу 30% токму поради валутниот ризик кој постои, ризик кој најголем дел од луѓето кога инвестираат го занемаруваат. Заработките и трошоците на нашите инвеститори во своите животи најчесто се во денари или евра, а многу помалку во долари, поради што управувањето со овој ризик ни е во фокус уште од самите почетоци на работењето во Македонија. Ваквиот пристап овозможи да и покрај значајниот пад на доларот во првата половина на годината, ВФП Премиум Акции да има позитивен резултат за инвестираните заштеди на инвеститорите во фондот од 2,29%, штитејќи ја нивната вредност.

Сепак, треба да се има предвид дека падот на доларот може да има и позитивен ефект врз самите американски компании, особено кај оние со голем извоз. Кога доларот е поевтин, нивните производи стануваат поатрактивни и поконкурентни на светскиот пазар, бидејќи странските купувачи плаќаат помалку во своја валута, што може да доведе до зголемена продажба. Ако побарувачката е еластична, односно чувствителна на цена, тоа може долгорочно да придонесе за раст на приходите и профитабилноста на тие компании.

5. Кои специфични стратегии или пристапи ги користите при бирање на компаниите во акциските портолија?

- При избор на компании за акциските портфолија применуваме пристап базиран на фундаментална анализа и долгорочни трендови. Нашата селекцијата не е насочена само кон краткорочни приноси, туку кон градење на стабилно и отпорно портфолио, составено од компании што покажале способност да опстанат и да се развиваат дури и во услови на големи економски кризи.

Меѓу другото, следиме компаниите да имаат раст на приходи и добивки за изминатите години, да имаат силна конкурентска позиција, да вложуваат во истражување и развој, да прават добар поврат на средства и капитал, да имаат добри бруто маргини и да не се многу задолжени. Ги следиме и структурните трендови на глобално ниво, како што е дигитализација, иновации во здравствениот сектор, како и како се развиваат во однос на конкуренција.

При управување на фондовите имаме пристап да не сме многу концентрирани во поединечни позиции, со што средствата на инвеститорите се помалку зависни од движењето на една или само неколку компании, односно изложеноста и на најзастапените компании во портфолиото на акциските фондови е најчесто пониска од онаа што е стандардна кај најпознатите светски индекси. Во услови на поголеми кризи, веруваме дека овој пристап ќе обезбеди поголем баланс за инвеститорите.

Дополнително, имаме пристап да селектираме компании кои работат во индустрии со одредени бариери за влез на конкуренција, и притоа често вложуваме во конкурентски компании. На овој начин, некоја нова иновација од еден конкурент може негативно да влијае врз вредноста на конкурентската компанија, но би очекувале негативниот ефект да биде надоместен со позитивниот раст кој би се очекувал кај компанијата со новата иновација. Ваквиот пристап сметаме дека води кон одговорно пласирање на инвестираните заштеди на инвеститорите.

Во крајна линија, не купуваме само акции, купуваме бизниси. Затоа анализата што ја правиме е детална, базирана на јасно дефинирани филтри, со континуирано следење на ризиците и позицијата на компанијата во својата индустрија.

6. Како го проценувате ризикот на ниво на фонд и поединечни инструменти, и кои ризични индикатори (волатилност, drawdown, корелации) се најважни за вашиот тим?

-  Ризикот го третираме сериозно и го следиме на повеќе нивоа, како на ниво на фонд, така и поединечно за секој инструмент. Најважните индикатори што ги користиме се волатилноста, maximum drawdown, корелацијата помеѓу инструментите, VaR модели, како и изложеноста кон девизен и каматен ризик. Исто така, детално го следиме ликвидносниот ризик, односно колку брзо можеме да го впаричиме имотот без значајни трошоци.

За секој фонд имаме воспоставени интерни граници на ризик, како и редовно известување и стрес-тестови. Целта ни е секогаш да одржиме балансиран однос помеѓу приносот и ризикот, со транспарентен и дисциплиниран пристап. Сметаме дека досега успешно се справуваме со оваа задача, особено во нестабилни пазарни услови.

7. Кои се најголемите предизвици за развој на фондовската индустрија во Северна Македонија и како треба да се надминат?

- Еден од клучните предизвици сè уште е недоволната информираност кај граѓаните за можностите што ги нудат инвестициските фондови. Иако интересот расте, кај дел од населението сè уште постои скепса или погрешна перцепција за ризиците и придобивките од инвестирањето. Дополнително, често се занемарува долгорочната димензија на инвестирањето и се очекуваат брзи резултати, што не е во склад со природата на фондовите. 

Надминувањето на овие предизвици бара долгорочен и стратешки пристап. Тоа подразбира индивидуални состаноци, директна комуникација и градење доверба,  со цел граѓаните да ги препознаат бенефитите од штедење, дури и на малите износи кои секојдневно и неприметно се трошат.

Важно е да се пренесе пораката дека вистинскиот ризик е во тоа капиталот да стои неинвестирано, изложен на инфлација и обезвреднување. Клучно е и запознавањето на инвеститорите со тоа како функционираат отворените инвестициски фондови и колку силна регулаторна и институционална рамка постои во државата, со високо ниво на транспарентност, ликвидност и отчетност.

Дополнително, треба да се смени перцепцијата дека инвестирањето е резервирано само за луѓе со голем капитал или дека процесот е сложен. Реалноста е поинаква, со само 1.000 денари може да се започне со инвестирање. Постапката е едноставна: по запознавање со карактеристиките на фондот, се пополнува соодветна документација, а уплатите се вршат на трансакциска сметка на самиот фонд која е одвоена од средствата на Друштвото и банката чувар, што овозможува максимална заштита на инвеститорите.

8. Каде ја гледате ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје и индустријата со фондови во земјава во следните 5 години, и што лично ве мотивира да бидете дел од овој сектор?

Во наредните 5 години очекуваме значително да се зголеми информираноста и отвореноста на луѓето кон можностите што ги нуди пазарот за поефикасно и поатрактивно оплодување на нивниот капитал.

Работиме на подобрување на финансиските навики и размислувања, поттикнувајќи ги луѓето да размислуваат за повисоки цели и да стекнат доверба дека со дисциплина и правилен пристап, преку долгорочно инвестирање може да постигнат значајни резултати. Посебно е наградувачки кога ќе се забележат резултатите кои се донесени кај клиентите и од аспект на оплодувањето на нивните средства, но и од аспект на тоа што успеале најпрво да постават, а потоа и да реализираат одредена финансиска цел.

Кога станува збор за ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје, очекуваме уште поголема доверба од сè поголем број луѓе. Веќе гледаме позитивен ефект од остварените резултати, каде постоечките инвеститори ги споделуваат своите позитивни искуства со блиски лица. Овој word-of-mouth ефект сè повеќе го зголемува интересот во јавноста, а ние очекуваме дека неговото влијание ќе се интензивира со текот на времето.

Покрај тоа, продолжуваме активно да инвестираме во млад, високопрофесионален кадар во Македонија, вложувајќи во нивниот континуиран раст и развој. Токму оваа кадровска стратегија ни овозможува долгорочно да се позиционираме за уште поголеми успеси на пазарот. Во следниот период, планираме сериозно да ги развиваме и нашите ќерки компании кои ги отворивме во регионот, пензиското друштво, како и компанијата со седиште во ЕУ. Ова ни дава дополнителна мотивација и потврда дека сме на вистинскиот пат.

9. Што е потребно за да се зголеми културата на инвестирање кај граѓаните – едукација, доверба, достапност?

- За зголемување на културата на инвестирање кај граѓаните потребна е комбинација од повеќе фактори, пред сè едукација, доверба и достапност. Финансиската писменост е основата, граѓаните треба да разберат што претставуваат инвестициските фондови, како функционираат и какви се очекувањата и ризиците. Но, едукацијата сама по себе не е доволна, довербата во институциите, транспарентноста и професионалниот пристап играат клучна улога во охрабрување на луѓето да преземат прв чекор. Веројатно е потребно и време и стекнување искуство на национално ниво. Односно, инвестициските фондови, како  и вложувањето во големи мултинационални бизниси е релативно нова можност во Македонија. Односно првите отворени инвестициски фондови во Македонија се појавуваат пред помалку од 20 години. Веруваме дека како ќе поминува времето, се поголем број на луѓе ќе ги слушнат и разберат бенефитите од инвестирање на своите заштеди на ваков начин. Ние, со нашето работење во последните 10 години, можеме да се пофалиме со добивка од над 40 милиони евра додадена вредност на заштедите на нашите инвеститори. Ова е реален резултат кој луѓето сега имаат можност да го видат, го искусиле и можат да го пренесат како знаење и искуство на своите деца, роднини, пријатели.

Истовремено, неопходно е инвестирањето да биде едноставно и достапно, со јасно објаснети производи и можност за консултации. Секој инвеститор, без разлика на износот, треба да има чувство дека е вреднуван, добро информиран и поддржан. Ние како индустрија имаме одговорност да ги доближиме фондовите до луѓето, со јасна комуникација, фер услови и услуги што се прилагодени на нивните потреби и цели. Само така може да изградиме долгорочна култура на инвестирање.

10. Кои светски трендови од областа на инвестициите и фондовите би сакале да ги видите применети и кај нас?

- Во текот на нашето постоење бевме пионери во многу работи, односно носење на светски трендови во Македонија. Почнувајќи од Unit-linked производот, односно животно осигурување врзано со инвестициски фонд, кој значајно ја унапреди понудата во Македонија; потоа почнување и одржување на неформален Јуниор инвестициски клуб, каде нашите професионалци работат на зголемување на финансиската едукација на јуниорите инвеститори во нашите фондови преку континуирани предавања без никаков дополнителен надоместок; потоа го отворивме првиот и до овој момент единствен отворен инвестициски фонд (ВФП Дивиденда Акции) кој дел од добивката ја дистрибуира како дивиденда наместо постојано да ја реинвестира; дополнително го отворивме и првиот и единствен фонд во Македонија, кој дава можност на нашите граѓани од исламската вероисповед да ги пласираат своите средства, според сопствените етички принципи – ВФП Етикс Акции. Областа на инвестициските фондови навистина дава голем простор за иновативност и тоа е нешто на што постојано размислуваме. Го следиме пазарот, ги следиме навиките на инвеститорите и луѓето и како и до сега ќе продолжиме и во иднина да носиме нови новитети и иновации во Македонија.


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Пакомак најави отворање на нов погон за секундарно селектирање на отпадот, каков што нема никаде на Балканот

Пакомак најави отворање на нов погон за секундарно селектирање на отпадот, каков што нема никаде на Балканот

СЕТЕК BLUE DECEMBER: ЖЕЛБИТЕ БЛЕСКААТ ВО СИНО

СЕТЕК BLUE DECEMBER: ЖЕЛБИТЕ БЛЕСКААТ ВО СИНО

Халкбанк со донација на компјутерска опрема ја зајакнува дигиталната настава во ДУЦОР „Партенија Зографски“

Халкбанк со донација на компјутерска опрема ја зајакнува дигиталната настава во ДУЦОР „Партенија Зографски“

Стопанска банка финансиски ќе поддржи нови 16 инклузивни проекти како дел од седмото издание на „Сонуваме.Менуваме“

Стопанска банка финансиски ќе поддржи нови 16 инклузивни проекти како дел од седмото издание на „Сонуваме.Менуваме“

ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА – ПОДДРЖУВАЧ НА КУЛТУРАТА: ШЕХЕРЕЗАДА ВО МОБ

ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА – ПОДДРЖУВАЧ НА КУЛТУРАТА: ШЕХЕРЕЗАДА ВО МОБ

Каде ќе бидеш ти кога ќе се решава најинтензивната F1 сезона досега?

Каде ќе бидеш ти кога ќе се решава најинтензивната F1 сезона досега?

Постепено месечно вложување: најлесен начин да ги остварите вашите цели

Постепено месечно вложување: најлесен начин да ги остварите вашите цели

Business for Business форум 2025 - Комерцијална банка ги спои иновациите со успешните бизнис приказни

Business for Business форум 2025 - Комерцијална банка ги спои иновациите со успешните бизнис приказни

АмЧам избра нови членови во Одборот на Директори и го прослави 25 годишниот јубилеј

АмЧам избра нови членови во Одборот на Директори и го прослави 25 годишниот јубилеј