„Музички вез со џез ритам“ - омаж на македонското музичко наследство
Објавено во: Мои пари 18 Декември, 2025 12:13
Македонски народни песни во џез аранжмани, изложба на графики, уметничка инсталација и кулинарско доживување го одбележаа четвртото издание на „Трајни културни вредности“, настан на Халкбанк, посветен на афирмација и негување на македонската култура и традиција. Оваа година фокусот беше на музичкото културно наследство, претставено преку несекојдневно мултимедијално доживување насловено „Музички вез со џез ритам“.

„Пред четири години тргнавме на возбудливо патување низ традицијата и културата на нашата земја и го создадовме „Трајни културни вредности“. Проектот од самиот почеток има јасна мисија - да ја афирмира, негува и пренесе македонската култура и традиција на современ, впечатлив и автентичен начин. „Трајни културни вредности“ е повеќе од општествено одговорна иницијатива на Халкбанк. Тоа е долгорочна културна платформа што го спојува наследството и современоста, користејќи модерен визуелен, наративен и музички јазик, со цел да остави трајна трага и значење“, велат од корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.

Македонската традиционална народна музика е еден од најсилните чувари на колективната меморија и културниот идентитет. Секој народ ја чува својата култура преку музиката, а нашата започнува во нишките на изворната песна, во гласовите што се пренесуваат од колено на колено, во тапанот што го чува ритамот на обредот и во кавалот што одекнува низ полињата, ридовите и планините.
Токму од таму се роди инспирацијата за „Музички вез со џез ритам“, проект кој ја претвора музичката традиција во современо звучно и визуелно доживување, каде старите мелодии се испреплетуваат со импровизацијата, слободата и страста на џезот.
На сцената настапи Националниот џез оркестар, кој ги преработи македонските народни песни и ора во современи џез аранжмани, надополнети со вокалната интерпретација на Андријана Јаневска. Овој спој создаде нов, моќен мелос кој претставува разговор меѓу минатото и сегашноста, меѓу традицијата и личната уметничка експресија.

Настанот беше збогатен со изложба на уметнички графички плакати, современи визуелни интерпретации, исто така инспирирани од македонските народни песни и ора. Секоја песна беше претставена преку серија плакати, кои заедно создадоа визуелен „вез“ од нишки што го поврзуваат музичкото наследство со современиот визуелен јазик.
Сценографијата и амбиентот беа внимателно осмислени за да создадат интимна, топла и емотивна атмосфера, овозможувајќи им на гостите целосно да се препуштат на доживувањето. Вечерта беше заокружена со гастрономско патување низ традиционалните македонски јадења, подготвени од врвните мајстори на ФЏ Кулинари.

Со „Музички вез со џез ритам“, Халкбанк уште еднаш ја потврди својата долгорочна посветеност кон мисијата на проектот „Трајни културни вредности“ да ја зачува суштината на македонското наследство, притоа дозволувајќи му да се развива, да комуницира со современоста и да создава нови значења. Проектот сведочи дека традицијата не е статична, туку жива материја која, кога е интерпретирана со почит и визија, создава современи културни искуства со длабока уметничка и емоционална вредност, поврзувајќи го минатото со сегашноста и оживувајќи ја традицијата на слободен и автентичен начин.
ПР објаваМожеби ќе ве интересира
КАСТРИОТ АРИФИ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „ОБРАЗОВАНИЕТО ТРЕБА ДА СЕ ФОКУСИРА НА РАЗВОЈ НА ВЕШТИНИ, КРИТИЧКО МИСЛЕЊЕ И МЕДИУМСКА И ДИГИТАЛНА ПИСМЕНОСТ“
И Центарот за обука на МВР ќе се снабдува со енергија од фотоволтаична централа – донација од ОКТА
Халкбанк клучен поддржувач на македонскиот ракомет, потпишан договор за соработка и за 2026 година
Инграм Микро – Македонија, Албанија и Косово го одбележува својот десетгодишен јубилеј: декада на раст, партнерство и технолошка трансформација
Дигитална картичка веднаш! „Digital first“- нова функционалност на НЛБ Банка
ЕДУКАТИВНО ПРЕДАВАЊЕ ЗА ОДГОВОРНО ИГРАЊЕ ИГРИ НА СРЕЌА
КАМ го потврдува својот квалитет со три нови меѓународни сертификати „Best Buy“
Како да купуваме паметно во пресрет на новогодишните празници




