БЕБИЊА СО БРОНХИОЛИТИ, ТИНЕЈЏЕРИ СО ПНЕВМОНИИ ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ВО КОЗЛЕ: Зголемен е бројот на инфекции со ковид кај децата, прим. д-р Стојановска за Фактор
Објавено во: Македонија 03 Февруари, 2022
Во Институтот за
белодробни заболувања кај децата-Козле, како единствена јавна здравствена
установа во Македонија во која се лекуваат деца позитивни на корона вирусот, односно
во која се сместени дечињата со компликации поради ковид, во моментов има 25
пациенти од 0 месеци до тинејџерска возраст, со нивните мајки, кои исто така се
позитивни на вирусот. Во разговор за Фактор, примарус д-р Лидија Стојановска,
шеф на пулмолошкото одделение Д1 во Институтот вели дека сосема е погрешно
мислењето дека корона вирусот „ги заобикулува“ децата, напротив, сега има многу
повеќе разболени деца отколку во изминатите бранови на ковид-19.
-Има поголем наплив на млади пациенти, пред се заради тоа што поголем дел од возрасната популација е вакцинирана, како и поради фактот што голем број од возрасните во изминатиот период ја прележаа болеста за разлика од децата. Вирусот кај децата сега има поголем простор да се шири. Но, за жал можам да констатирам дека пикот се уште не сме го достигнале, и тоа не само Македонија, туку и голем број други земји, па во наредниот период откако ќе помине напливот на болни деца, вирусот повторно ќе биде критичен за повозрасните и за оние со хронични заболувања. Тие ќе имаат потешки клинички слики, што навистина нас како лекари посебно не загрижува, потенцира прим. д-р Стојановска.
Ова што е карактеристично за овој период, како што вели таа, е огромниот број на прегледи. Вели дека имале и до 60 прегледи дневно кај дечиња со симптоми на корона вирусот.
-Посебно во текот на викендите имавме голем број прегледи од кои голем број ги потврдивме како позитивни на Ковид-19. Овие денови е малку стишано, но ќе повторам имаме многу хоспитализации, многу разболени деца. Ние лекуваме бебиња од најмала возраст, од по само десеттина дена, две недели, едномесечни бебиња. Некои беа со полесна клиничка слика, но имавме и со навистина потешка форма на болеста. Доенчињата беа со бронхиолит кој се манифестира со зголемено лачење на секрет и тие буквално се дават во сопствениот секрет. Во однос на клиничката слика кај повозрасните деца, посебно во тинејџерската возраст, а кај нас се хоспитализирани и до 14, 15, 16 години, и се практично на граница меѓу децата и возрасните, тие разваат пневмонии, сосема исто како и возрасните. Некои од нив се и кислородно зависни. Посебен проблем се обезитните деца, оние со прекумерна телесна тежина и тие имаат многу потешки форми на болеста. Кај нив лекувањето многу потешко оди, не можат респирации да вдишат, не можат да искашлаат...Сепак, би сакала да го потенцирам, дека омикрон варијантата, во споредба со претходните соеви дава барем колку толку полесна симптоматологија. Ако ништо друго, нема пад на сатурациите како што беше случај со делта варијантата. Но и покрај ова, кај повозрасните деца доминираат воспаленијата на белите дробови, односно пневмониите, а имаме и случаи со повраќање, дијареа, со кожни осипи, нагласува прим. д-р Стојановска.
Иако во моментов работат со исполнети болнички капацитети, како што вели таа, ниту едно дете не е вратено.
-Во секој момент има и слободен кревет, посебно за потешките случаи. Се реорганизираме брзо, и едноставно наоѓаме место за секој еден пациент. Секој што ќе дојде на преглед му се прави тест и доколку е позитивен, а состојбата бара хоспитализација, веднаш се врши прием. Во моментов во Козле не лежат не-ковид пациенти. За мајките, бидејќи и тие се инфицирани, се грижат односно ги лекуваат интернисти и инфектолози. Работата е целосно тимска, вели во разговорот прим. д-р Лидија Стојановска.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.