Бикот и се реваншира на мечката, МБИ-10 пред нов историски рекорд! Треба ли тоа да не плаши или да не радува?
Објавено во: Економија 16 Декември, 2024
Дали после сите подеми и падови, стампеда и заблуди, низ годините што поминаа финансиски се описменивме и научивме да препознаеме инвестиции во акции, да носиме квалитетни и издржани инвеститорски одлуки? Ова што последниве три години се случува на нашиот пазар на капитал, а ескалира последниве три месеци ќе биде најважен тест за тоа дали е позрела македонската инвеститорска заедница и што научила од грешките од минатото
Македонската берза ги живее највозбудливите денови во период од 17 години. Вредноста на „Македонскиот берзански индекс“ односно МБИ-10 популарно наречен берзански барометар сочинет од најликвидните десет акции е на прагот на историски највисоката кота – психолошката граница од 10.000 поени. Во петок, последниот трговски ден пред оваа анализа неговата вредност беше 9.917,5 поени.
Со оглед на галопирачкиот раст на вредноста на индексот предводен од најликвидните акции: Комерцијална банка, Алкалоид, Макпетрол, Гранит, НЛБ Банка, Стопанска банка, Уни банка и „хитот на есента“ односно Македонијатурист прашање на денови е кога МБИ – 10 ќе ја постави својата нова рекордна вредност во својата 20 годишна историја (МБИ-10 стартуваше на 4 јануари сега веќе далечната 2005 година).
Рекордната историска вредност МБИ -10 своевремено достигна на преодот од август кон септември во 2007 година.Поточно на 30 август 2007 година неговата вредност достигна 10.058 индексни поени. По тоа следуваше период на остар пад кој беше многу болен за многумина што веруваат во берзата и не ги исчистија своите портфолија навреме односно на преодот кон 2008 година. По падот во кој индексот изгуби 70 отсто од својата вредност во период од две години, следуваше долг период на стагнација па благ раст со бројни осцилации кои зависеа од интерни економски и политички фактори, од шокантни политички вести. Еклатантен пример е стампедото на МБИ-10 во април 2008 година кога не добивме покана за прием во НАТО на самитот во Букурешт, Романија.
Како и да е низ изминатава деценија и нешто повеќе од тоа МБИ-10 стасуваше и растеше низ профилацијата на домашните инвеститори. Таа подразбира: зголемувањето на нивното искуство, согледување на процесите, детектирање на предивизите, актиципација на факторите за промени во инвестирањето, со еден збор јакнење на инвестициската култура.
И ова особено во корелација со конкуренцијата на странските односно глобалните пазари кои излекоа квалификувани наши инвеститори и кои сега тргуваат на светските берзи, генерално успешно.
Сега веќе кај нас состојбата е многу поразлична од домашното „Ел Дорадо 2006 - 2007“ во кое нашиот пазар на капитал ја доживеа првата катарза и по неа следеше катастрофа.
Овој раст на вредност на МБИ-10 е резултат на сплет на повеќе бројни и повеќе слојни фактори особено во последните пет години од кои дел се директни, а дел се индиректни катализатори на растот на МБИ-10. Значајно влијание имаше и среднорочниот период во кој дивидендите беа значајно конкурентни на каматните стапки на депозити и штедни влогови. Исто така во прилог одеше и тоа што од 2010 година наваму генерално светските пазари контиуирано растат,а тоа иако немаше директна врска сепак влијаеше позитивно и на нашиот пазар на капитал.
Ова што сега се случува на пазарот во значајна мера е производ на многу конкренти инвеститорски одлуки на лица (поединци и во одредена мерка институционални инвеститори). Некои врз основа на фундаментални и технички анализи базирани на историски податоци, некои врз основа на респектабилни дивидендни истории, некои врз основа на „инсајдерски информации“ односно кафански муабети одлучуваат да вложуваат во најликвидните македонски акции.
Состојбата секако ја подгрева и трендот го дизајнира фактот што јавни домашни бизнис лица, директори на компании континуирано вложуваат во акциите што го сочинуваат МБИ – 10.
Некој ќе рече споредбените анализи со странски компании од исти индустрии покажуваат дека нашите најбарани акции се веројатно меѓу најскапите. Дали се најконкурентни?
Да така е ако се мери само математички и технички односно сметководствено. Но не смее да се изземе од вид позицијата на овие компании во македонската економија. Особено на трите најголеми банки кои се членки на МБИ-10, па Алкалоид кој е фармацевтски гигант со исклучително изразена извозна компонента и стратегија на ширење на странските пазари. Па Макпетрол кој убедливо е број еден домашно позиционирана компанија како во продажба на нафтени деривати како и неговиот голем и уште неискористен потенција за продажба на стоки од голем асортиман и за широка потрошувачка на своите 140 продажни места ширум Македонија. Па Телеком кој по сите параметри ја има водечката пазарна позиција во сферите во кои ги нуди своите услуги. Тука е и Гранит како најголема македонска градежна компанија, која рака на срце, памети и многу подобри денови од овие што ги живее сега. Но има капацитет за многу поголем габарит на проекти, а тука е сега отворена и можноста за идна соработка со конзорциумот „Бектел и Енка“.
И што е многу важно сите погоре наброени компании,а дополнително и УНИ Банка, ТТК Банка и Македонијатурист имаат беспрекорна репутација како исплатувачи на дивиденда на своите акционери. Кај голем дел од нив дивидендата расте од година в година. А дел од нив толку вложуваат во својата репутација што знаат и преку своите бизнис планови да најават зголемена дивиденда, секако ако внимателно се читаат бројките. А тоа многу значи особено за квалификуваните инвеститори кои се и двигатели на нашиот пазар на капитал.
И на крај уште еден актуелен процес што значајно придонесе за интензивен и издржан раст на МБИ-10. Всушност процес што ја потврди валоризацијата на трудот и активностите на водечките компани од МБИ-10 низ годините наназад.
Последните случувања со крупните промени во акционерската структура која тече во „Македонијатурист“ покажуваат дека дел од сега веќе поранешните акционери тоа што го наплатија од продажба на акции од хотелиерската компанија го вложуваат во некои од акциите на МБИ-10.
Интензивно со купопродажбата на акции во „Македонијатурист“ расте и прометот со акциите на „Алкалоид“, „Комерцијална банка“, НЛБ Банка, „Макпетрол“, „Гранит“ и други акции од МБИ-10. Значи дел од парите од продажбата на таа акција се вложуваат повторно на Македонската берза.
Тоа покажува дека инвеститори одбрале да вложат повторно во акции пари кои ги заработиле од продажба на акции. Значи го одбрале нашиот пазар за сметка на странските пазари на капитал. Особено затоа што и нашиот остварува пристојни стапки на раст, а воедно нуди респектабилна и што е многу важно сигурна дивиденда.
Сите горенаведени факти наведуваат на заклучок дека овој раст на МБИ-10 кој за некој ден ќе доживее нов катарза не е спектакуларен како во 2007 година, но многу повеќе издржан, па дури до некаде и очекуван. Зрелоста на нашата инвестициска заедница ќе биде на тест кога ќе дојде ситуација во која некоја идна корекција ќе биде само корекција или ќе биде стампедо.
Она што ќе следува и ќе биде актуелно секако е тоа што Македонската берза за хартии од вредност ќе биде на слатки маки како во блиска иднина да обезбеди нов квантум на квалитетен трговски материјал за нашите квалификувани инвеститори...
Никола Стојанов
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.