25 Ноември, 2024
0.0284

Богдановиќ: Корона кризата не ги запре проектите, не се откажуваме и од барањето одговорност за уништувањето на Центар

Објавено во: Македонија 15 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Сериозно и посветено се разгледува ситуацијата во општина Центар и се преземаат сите мерки за да се спречи ширењето на опасниот вирус, вели градоначалникот Саша Богдановиќ. Во услови на ширење на бројот за заразеани најмногу во Скопје, па и во Центар, Богдановиќ вели оти не е јасно  точно од каде потекнуваат овие новозаболени во општината со која раководи, затоа што и на нејзина територија има доста голема фреквенција на луѓе. Тврди оти направиле многу за да им помогнат на луѓето во време на рестрикциите, но и сега. Но од нив бара да ги почитуваат препораките. Епидемијата ги промени приоритетите, но Богдановиќ вели дека не се откажале од важните проекти. Нема да се откаже, како што вели, ниту од барањето одговорност за проектот Скопје 2014 на претходната власт.

Богдановиќ во Центар како и во некои други скопски општини забележан е раст на бројот на заболени од Ковид-19. Имате ли сознанија од каде потекнуваат овие новозаболени?

Богдановиќ: На територија на Општина Центар се сите државни иституции, има најголема фреквенција на граѓани не само од другите скопски општини, туку и од целата држава. Опасноста за пренесување на вирусот е голема, и не може со точност да се даде одговор од каде потекнуваат, иако надлежните работат интензивно и посветено ги испитуваат сите можни контакти и се преземаат сите чекори за да се спречи ширењето на вирусот. Затоа апелирам на одговорно однесување на жителите на општина Центар, да не се кријат контактите или заболените и доследно да ги почитуваат препораките, да носат заштитна опрема, да држат неопходна дистанца и да се одржува неоходната хигиена. Секој може да се зарази, и затоа нема потреба од срам или стигматизација за заболените.

Имате ли контакти со Комисијата за заразни болести или со други надлежни институции, што преземате?

Богдановиќ: Вработените во општината и јас како градоначалник имаме постојани контакти со Комисијата за заразни болести, средба имаме повторно во вторник. Сериозно и посветено се разгледува ситуацијата во општина Центар и се преземаат сите мерки за да се спречи ширењето на опасниот вирус. Целосно им веруваме на надлежните институции и тие се надлежни да даваат оценки за ситуацијата и да носат одлуки. Граѓаните треба само доследно  да ги следат и почитуваат препораките и мерките за заштита од Ковид-19. Општинскиот кризен штаб, секојдневно работи со цел заштита на здравјето на сите нас. Сакам да нагласам дека администрацијата во општината и јас како градоначалник, од самиот почеток на пандемијата целосно ги почитуваме мерките за да се зачува здравјето на вработените и на граѓаните.

Вие постојано тврдите дека како градоначалници имате малку можности за дисциплинирање на граѓаните, но сигурно има начин да се делува? Кој потфрли во случајов­?Што направивте во овој период односно во период на пандемија за да ги заштитите жителите на општината?

Богдановиќ: Корона вирусот е сериозен глобален проблем и  оваа битка можеме да ја извојуваме само ако се дејствува координирано и сите заедно ги почитувамепрепораките. Како локална самоуправа ги преземаме сите неопходни мерки кои се во наша надлежност, со цел да го заштитиме здравјето на жителите на сите. Спроведивме повеќе големи акции за дезинфекција на јавните површини со кои беа опфатени улиците, парковите, детските игралишта, спортските терени и урбаната опрема. Извршивме и дезинфекција на сите влезови во станбените згради и поставивме гелови за дезинфекција на раце во влезовите. Дезинфицирани се и сите воспитно – образовни установи на територијата на општината.

Секојдневно нашите вработени се на терен и едукативно влијаеме на граѓаните да ги почитуваат мерките. Солидарноста и хуманоста се од исклучително значење и затоа општината како и секогаш до сега им помага на загрозените категории граѓани. Им помагавме на повозрасните жители на Центар кои преку отворена телефонска линија имаа можност да побараат да им се достави храна или лекови. Заедно со здружението Хуманост и Банката за храна поделивме околу 30 тони храна на примателите на социјална помош, пензионерите со ниски примања, згрижувачките семејства и домовите за стари и изнемоштени лица.

Училиштата во Центар подготвија и посебен протокол за упис на нови првачиња, со што целосно се гарантира безбедноста и здравјето на учениците, родителите и вработените во училиштата.

Од оваа епидемија, се надевам дека сите ќе излеземе помудри и похумани, но во сега е најважно граѓаните да ги почитуваат препораките на здравствените власти за да можеме успешно да излеземе од кризата.




Здравствената криза предизвика и економска криза. Како оваа ситуација се одрази во скопската општина Центар, како на граѓаните, но како и на правните субјекти. Во услови на криза се зголемува бројот на невработени лица, како е тоа на ниво на вашата општина и што ќе преземате?

Богдановиќ: Во моментов целиот свет се соочува со пандемијата предизвикана од корона вирусот, која сериозно го загрозува здравјето, но и секојдневното живеење и благосостојба на сите граѓани. Таа ги погодува сите, независно каде работат, каде живеат. Оваа здравствена и економска криза се рефлектира и врз животот на жителите на Центар. Некои, за жал, останаа и без работа, а некои работат и со намалени лични доходи. Локалната самоуправа, за жал, како што ви е познато и како што е предвидено во законот за локална самоуправа, нема надлежност  во  оваа област. Она што можам да им порачам на граѓаните, невработените и правните лица, внимателно да ги следат  економските мерки и олеснувања од Владата, да аплицираат за нив и да ги користат доследно и одговорно.  Она што општина Центар го направи е намалување на општинските трошоци на неопходниот минимум и  хуманитарна помош на сите ризични групи.  Само обединети и единствени можеме да ја надминеме  здравствената и економската криза.

Кои капитални проекти ги одложивте или трпеа поради новонастанатата криза? На што од овој аспект ќе се фокусирате во следниот период?

Богдановиќ: Општина Центар, како што веќе реков, ги намали трошоците и расходите, но се разботи на сите проекти предвидени во годишната програма. Ниту еден проект од интерес на центарци, нема да „трпи“, напротив, на нив работиме со забрзано темпо.

На почетокот на месец јули, ќе се отпочне со долгоочекуваниот инфраструктурен проект на Општина Центар – реконструкција на улицата Орце Николов која е една од најзначајните и најфрекфентни улици, но и белег на Дебар Маало и Центар. Реконструкцијата ќе се состои од: стеснување на коловозниот дел со задржување на двете ленти за возила, проширување на тротоарите согласно стандардите на урбано планирање, задржување на целиот постоен дрворед долж улицата, измена на режимот на сообраќај со воведување на т.н. каскадно паркирање со цел ослободување на тротоарите. Го исполнуваме ветувањето за обезбедување повеќе простор за пешаци и велосипеди и друг алтернативен сообраќај.

Излегуваме во пресрет на барањата на граѓаните и наскоро започнува и реконструкцијата на улиците Мирослав Крлежа и Аминта Трети, со што ќе обезбедиме побезбеден сообраќај и движење.

Во завршна фаза е реконструкцијата на објектот Пепелашка, клон на градинката Р.Ј. Корчагин. Останува да се заврши делот за внатрешно опремување на градинката и се надеваме дека од септември ќе им посакаме добредојде на децата во објект кој е во согласност со највисоките европски  стандарди.

Она на што особено сме горди е и скорешниот почеток на изградбата на новата самоодржлива градинка во населбата Пролет, со која исто како и со училиштето „Киро Глигоров“ ќе поставиме нови стандарди во државата за тоа како треба да изгледа објект за грижа на деца.

Од планираните активности го издвојувам и отпочнувањето со целосна реконструкција на детското спортско игралиште на ул. Славка Недиќ во Дебар Маало како и отпочнување со изградба на монтажен паркинг во Дебар маало позади улица Орце Николов, кое ќе обезбеди нови 300 паркинг места, а чија што реализација е планирана за последниот квартал од годината.

Колку од општинскиот буџет ве чини оваа криза и дали правевте некои поместувања во приоритетите?

Богдановиќ: Дел од акциите за помош на социјално загрозените и ранливи групи  ги реализиравме со  помош на општествено одговорни компании и хумани поеднинци. И вработените даруваа маски и средства за дезинфекција за лекарските тимови и на жители на Центар.  Но секако, со оглед на новонастанатава ситуација, пренаменивме одреден износ на средства и репрограмиравме во насока на адаптација и реализирање и на некои дополнителни проекти кои би иделе во насока на сузбивање или намалување на влијанието на КОВИД-19 кризата. Ова е во интерес на спречување на ширењето на коронавирусот, но сакам да нагласам, дека сите проекти ќе бидат реализирани според предвидената динамика.



Вие прогласивте мораториум на градбите на територија на општината и во изминатиот период правите нови и ревидирате ДУП-ови кои произлегуваат од мораториумот.  До кај е тој процес? Што ново ќе се носи?

Богдановиќ:Во мојата предизборна програма „Живот во Центар“, во делот посветен на мерките за запирање на неконтролираните градежни активности на територија на Општина Центар, ветив дека ќе обезбедиме квалитетни услови за живот и урбан развој на општината, дека нема да дозволиме моќниците и градежната мафија да го уништуваат правото на живот, движење, зеленило, дека ДУП-вите ќе бидат комплетно услогласени со стандардите и условите за хумано домување. Тоа и го реализирав. Мораториумот беше единствениот начин да се ревидираат постоечките планови и да се постигнат похумани услови за живеење за жителите на нашата општина, земено предвид дека сите 31 ДУП-ови кои општината ги ревидира во некои делови беа спротивни на ГУП-от. Освен заштитата на државно земјиште и негово искористување за парковско зеленило, градинки, јавен простор, детски игралишта, како и секој вид на инфраструктура што го олеснува животот на граѓаните, ја намаливме и градбата, односно површините за градба кои отстапуваа сега се ставени во рамки според стандарди, нормативи и законска регулатива.

Уште една голема придобивка од измената на плановите е тоа што за прв пат ќе биде применет Законот за урбано зеленило. Општина Центар донесе одлука на Совет, изработена во консултација со Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петрова, со која се прецизира начинот на примена за да не дојде до евентуало изигрување на Законот. Инвеститорите ќе бидат обврзани на задолжително зеленило од минимум 20 проценти во рамки на парцелата. Оваа обврска и обврската за обезбедување на потребите за паркирање во сопствена парцела, ќе бидат предуслов за добивање градежна дозвола. Со тоа решаваме два клучни проблеми со кои досега се соочувавме и на кои најмногу реагираа центарци.

Промените кои ги правиме се основани и легитимни и во интерес на граѓаните.Општина Центар целосно ги изложува плановите со сите свои делови (графика и текст) кога се во фаза на јавна анкета, а електронски редовно известува за фазите на плановите на веб-страницата, со што е најтранспарентна општина кога се работи за урбанистичкото планирање.

Кога си заминуваше претходната претседателка на Советот на општина Центар велеше дека Советот не функционира законски, се носат одлуки кои носат лични бенефити некому? Остана да виси нејзиното тврдење, ве прашувам за кои одлуки стануваше збор?

Богдановиќ: Јас и сега велам, дека не знам зошто поранешната претседателка на Советот Јана Белчева си даде оставка, со неа имавме исти ставови за главните одлуки. Нормално за одредени прашања да се има различни мислења и несогласувања. Белчева-Андреевска целосната поддршка ја има добиено во сите активности кои се спроведени, нормално за некои работи сме давале одредени забелешки. Во Советот имаи други 22 советника и секој, легитимно е да има  различно мислење.

Она што со сигурност го тврдам е дека никогаш не сум се водел од лични бенефити, сум работел и работам за подобар живот во Центар.

Сакам и сега да потсетам  дека најголемата одлука што ја има донесено Општина Центар е онаа за мораториум на Деталните урбанистички планови и дека со тоа се докажа  дека со Белчева имаме исти ставови и исти принципи. Таа и сега како советник, со своите ставови и предлози може да придонесе за подобрување на животот и решавање на проблемите на центарци.



Вие дојдовте на чело на општината во која имаше најголем дел од градбите од проектот Скопје 2014 кој СДСМ доста го критикуваше од опозиција. Малку одговорност, малку осудени за „криминалниот проект“ како што го нарекувавте. Комотно ли ви е од овој аспект?

Богдановиќ: Проектот Скопје 2014 , јас и сега тврдам дека е криминален и налудничав проект. Галиите, шмизлите, Прометеј и целиот непродуктивен проект Скопје 2014 ја одзема душата и убавината на централното градско подрачје. Се украдоа милионски суми од граѓаните за барок и стиропор. Со енергична борба успеавме да спасиме да не никнат и Шпански скали, ја сопревме и изградбата на Панорамското тркало. Се боревме и за Кејот и за зеленилото. Јас и сега се залагам за одговорност за сите инволвирани. Но, поради опструкциите од судската власт, поставена од поранешната гарнитура, случајот се одолговлекува, но, сакам на сите да им е јасно, за криминалот, кражбата на народни пари и уништувањето на Центар, нарачателите и оние кои дебело се офајдија, ќе одговараат.

Центар е една од најзагадените општини. Имате ли план како ќе делувате сега?

Богдановиќ: Едно од моите главни ветувања е „Зелен Центар“. Чистиот воздух и здравата животна средина е нешто што зависи од секој граѓанин во државата. Се разбира, не бегам од одговорноста и работата за подобрување на состојбата. Јас и мојот тим вложуваме максимални напори да го зазелениме Центар. Направивме нови зелени катчиња во повеќе маала низ општината, а заедно со Град Скопје го изградивме новиот парк Ибни Пајко. Исчистивме над 20 диви депонии на територијата на Центар. Работиме напоставување фекална и атмосферска канализација на оние улици каде што нема. Центар, ќе потсетам  е единствена општина каде што се воведе мораториум за градење, што во голема мера придонесе да имаме почиста општина. Во новите урбанистички планови посебен акцент се става на зеленилото, нови дрвореди, нови мали паркови и заштитни зеленила. Континуирано се работи на обнова на фасадите на станбените згради со нови енергетски ефикасни фасади. Планирана е изградба на нови вело патеки и пешачки зони. Последна мерка што ја донесовме е воведување двосменска работа на службите за јавна чистота. Но, сакам да епелирам и до граѓаните, заеднички да го направиме нашиот Центар позелен, почист и убаво и здраво место за живеење.

Александра Томиќ


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ЌЕ ВОЗАТ АВТОБУСИ ВО СКОПЈЕ САМО ТИЕ ШТО ИМААТ ПАРИ: Приватните превозници повторно ќе возат, но не сите

ЌЕ ВОЗАТ АВТОБУСИ ВО СКОПЈЕ САМО ТИЕ ШТО ИМААТ ПАРИ: Приватните превозници повторно ќе возат, но не сите

„ФИЛИПЧЕ ИЗВРШИ ЛОБОТОМИЈА ВО ЖИВО, СО НЕГО И СДСМ МАКЕДОНИЈА БИ СТАНАЛА КЛИНИКА НАМЕСТО ДРЖАВА“: Латас распали за Конгресот на СДСМ

„ФИЛИПЧЕ ИЗВРШИ ЛОБОТОМИЈА ВО ЖИВО, СО НЕГО И СДСМ МАКЕДОНИЈА БИ СТАНАЛА КЛИНИКА НАМЕСТО ДРЖАВА“: Латас распали за Конгресот на СДСМ

ДАЛИ ОД 29 НОЕМВРИ ДОАЃА НОВ СТУДЕН И СНЕЖЕН БРАН? Еве што покажуваа глобалниот прогностички модел

ДАЛИ ОД 29 НОЕМВРИ ДОАЃА НОВ СТУДЕН И СНЕЖЕН БРАН? Еве што покажуваа глобалниот прогностички модел

„ОД ВРЕМЕТО НА ЦРВЕНКОВСКИ НЕМАВМЕ СЛУШНАТО ТАКОВ ГОВОР НА ЛИДЕРОТ“: Спасов со пофални зборови за Филипче

„ОД ВРЕМЕТО НА ЦРВЕНКОВСКИ НЕМАВМЕ СЛУШНАТО ТАКОВ ГОВОР НА ЛИДЕРОТ“: Спасов со пофални зборови за Филипче

ФАКТОР НА ДЕНОТ: СДСМ избра нов Централен одбор, Филипче вети дека ќе ја врати партијата на победничките патеки

ФАКТОР НА ДЕНОТ: СДСМ избра нов Централен одбор, Филипче вети дека ќе ја врати партијата на победничките патеки

СОСТОЈБА ВЕЧЕРВА: Сараево е 4-ти најзагаден град во светот, а Скопје е 12-ти

СОСТОЈБА ВЕЧЕРВА: Сараево е 4-ти најзагаден град во светот, а Скопје е 12-ти

ВИНСКИ САЕМ: Вучиќ се пофали дека убави жени има во Врање, Мицкоски вели има и во Македонија

ВИНСКИ САЕМ: Вучиќ се пофали дека убави жени има во Врање, Мицкоски вели има и во Македонија

ФИЛИПЧЕ: Избравме луѓе коишто се почитувани во општинските организации

ФИЛИПЧЕ: Избравме луѓе коишто се почитувани во општинските организации

ЗАВРШИ КОНГРЕСОТ НА СДСМ: Oва се новите членови на Централниот одбор

ЗАВРШИ КОНГРЕСОТ НА СДСМ: Oва се новите членови на Централниот одбор