БОРБА ЗА ПЕЧАТЕЊЕ НА СВЕДЕТЕЛСТВАТА: Тендерот е закочен, втора година по ред учениците се без сведетелства
Објавено во: Македонија 05 Јули, 2022
Втора година по
ред учениците во Македонија не ги добиваат сведетелствата веднаш по завршување
на училишната година. До редакцијата на Фактор стигнаа голем број коментари од
родители и наставници кои посочуваат дека најрадосниот момент за учениците,
посебно за оние најмладите, доделувањето на сведетелствата, е оневозможен
заради проблемот со печатење.
-Мојата ќерка сега заврши петто шесто одделение, но ниту лани, ниту оваа одина не го зема сведетелството веднаш по завршување на училишната година. Изминатата година и не ни обрнавме некое поголемо внимание на ова, бидејќи беше се уште пандемија, па самата организација околу доделувањето на сведетелствата беше покомплицирана. Оваа година требаше да се земат на 25 јуни и знаете како е кога е прва година во вишите одделенија, повеќе предмети, повеќе оценки, прва година со класен раководител и тоа е навистина свечен момент за децата. Но за жал бевме информирани дека доделувањето на сведетелствата ќе доцни, и при тоа дознавме дека станува збор за проблем кој се однесува на печатење на сведетелствата, посочува Даниела Т. од Скопје, мајка на шестоодделенка.
Истовремено за овој проблем проговорија и неколку одделенски наставници од прво до петто одделение, како и класни раководители, кои потврдуваат дека станува збор за проблем околу изборот на печатница. Во разговорот за Фактор нагласија дека сведетелства добиле само деветооддлеленците и матурантите заради тоа што станува збор за заокружување на основното или средното образование.
-Освен учениците кои завршија деветто одделение и кои мораа да достават документи во средните училишта за упис во прва година ги добија сведетелствата, сведетелства добија и матурантите, како и учениците кои менуваат училиште или се селат во странство. За сите останати треба да се чека да заврши тендерот околу изборот на печатница, па дури тогаш ќе добијат сведетелства. Лани учениците ги земаа сведетелствата на почетокот на новата учебна година. Она што посебно би сакала да го истакнам дека е добиваме онолку сведетелства колку што има ученици, ниту едно повеќе. А секако може да се згреши при пишувањето, особено што станува збор за многу податоци кои ги внесуваме. Доколку направиме грешка, самите одиме да купиме сведетелство од една книжарница во Автокоманда кое чини 40 денари. Тоа е на наш трошок. Има уште еден проблем. На секое дете му дававме и додаток на сведетелство во кое се внесуваат достигнувањата за активности надвор од наставата, но лани и годината пертходно не го пополнувавме, бидејќи некој член од Законот за основно и средно образование не го поддржува. Кај нас челновите од закон се бришат преку ноќ. Навистина има многу голема некоординираност, контрадикторност и владее невиден хаос во образованието како никогаш досега, велат за Фактор одделенските наставници и класните раководители во повеќе скопски училишта.
Дека проблемот е закочен во тендерот за избор на печатница за Фактор потврдија извори од Министерството за образование и наука. Велат дека печатницата „Киро Дандаро“ која до преклани ги печатела сведетелствата сега го пожалила тендерот и се чека да се произнесе второстепената комисија.
-Проблемот е околу изборот на печатница, обжален е тендерот. Секој има право што конкурирал на тендерот да даде приговор. „Киро Дандаро“ достави приговор, оваа печатница ги печатеше сведетелствата до пред две години. Лани прв пат ги печатеше Арбериа Десигн ДООЕЛ, Тетово. Сега не се знае што задача ќе добие второ степената комисија во Бирото за развој на образованието, дали ќе го повторат тендерот, дали ќе го поништат, не се знае. Затоа се одолговлекува доделувањето на сведетелствата, но законски ништо не е прекршено. Училишната година трае до 31. Август. Никаде не пишува во законот дека мора да се дадат веднаш по 10 јуни, велат извори од МОН за Фактор.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.