БРОЈКИТЕ ЕКСПЛОДИРААТ, НЕ Е ПРОБЛЕМ САМО КОВИД, ВО ГОЛЕМО Е ПРИСУТЕН И ГРИПОТ: На грипозните им светат очите и им тече носот, болните од ковид немаат вакви симптоми
Објавено во: Македонија 05 Јануари, 2022
Периодот на
настинки и грипови им донесе полни раце работа на матичните лекари.
Дополнително на ваквата состојба, бројот на новозаразени со корона вирусот
бележи огромен скок, а последните бројки коиндицираат со огромниот број
новогодишни прослави, неконтролирани собирања со исклучително лабави антиковид
мерки. Истовремено, пак, и податоците во однос на состојбата со сезонскиот грип
покажуваат дека постои среден интензитет на активноста на вирусот на грип. Од
почетокот на сезоната на грип, октомври, ноември, декември, во Македонија се
регистрирани вкупно 1.148 случаи, што е 3,6 пати повеќе во споредба со истиот
период минатата сезона, а во однос на моделот од последните 10 сезони се
регистрира зголемување од 16,2%. Само во претпоследната недела на декември во
Македонија се пријавени 361 случаи на заболени од грип и заболувања слични на
грип.
- Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој сeуште е под неделната граница за сезонска активност. За прв пат оваа сезона, резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца се над границата на позитивност од 10%. Согласно овие податоци, Македонија има регионална раширеност и среден интензитет на активноста на вирусот на грип, се наведува во епидемиолошкиот календар на Институтот за јавно здравје.
Оваа состојба ја потврдуваа и матичните лекари кои нагласуваат дека искусните лекари веднаш можат да ги распознаат разликите меѓу пациенти кои се инфицирани со ковид 19 со оние кои во моментов се заразени со сезонскиот грип или имаат вообичаена зимска настинка.
-Факт е дека има многу грипозни и настинати. Луѓето се вакцинирани, па повторно настинуваат, прележуваат вирус, па повтроно се инфицираат, но генерално искусен лекар веднаш може да ги препознае различните симптоми. Тие што имаат грип, светат во очите, им капе носот три дена, па потоа имаат треска, така што сосема е поинаква клиничката слика. Огромен е бројот на дечиња кои во моментов се заболени токму од грип. Имаме пациенти кои и се вакцинирани против ковид, а и го прележале вирусот, така што овие случаи воопшто не ги упатуваме да се тестираат. Дел од нив кои сега се болни, симптоматологијата сега директно упатува на грип. Се обидуваме да не ги преполниме болниците, постапуваме најпрофесионално, да не создаваме паника кај луѓето. Но, морам да истакнам дека навистина немаме пациенти со тешки клинички слики, какви што беа со обилни пневмонии на двете белодробни крила, пациенти со ниска сатурација и така натаму, значи во моментов таква состојба нема. Лани имаше многу помал број на заболени од грип, но токму во овој период ништо не работеше, луѓето седеа дома, но така веќе не оди. Две години постојано зборуваме само за корона, но не може другите болести туку така да ги снема. Грипот постои со векови, и секако тоа се потврдува и оваа зима. Топлото време во јануари си го направи своето. На 1. јануари-18 степени, младите по кратки ракави, постарите полесно облечени, неминовно е да се настине, вели д-р Лидија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Република Македонија.
Истовремено, директорот на Здравствен дом Скопје, д-р Виктор Исјановски вели дека сите предвидени вакцини против сезонскиот грип се потрошени, a според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата против грип, од 12. ноември, до 26. Декември, вакцинирани се вкупно 44.783 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.
-Во скопските поликлиники редовно се спроведува вакцинацијата против корона вирусот, но морам да констатирам дека интересот за прва доза е крајно спласнат. Најмногу луѓе доаѓаат за бустер дозата. Во текот на оваа недела, односно во овој празничен период, пунктовите работат само прва смена, до 14.30, а во сабота дежурна поликлиника е Букурешт, исто така само прва смена, вели д-р Исјановски.
Инаку, според извештајот на Институтот за јавно здравје, бројот на пријавени лица во претпоследната недела на декември, споредено со 51-ва недела од минатата сезона е зголемен 10,3 пати, а во споредба со бројот за 51-ва недела од типичната епидемиска крива-моделирана од последните 10 сезони регистрирано е зголемување од 90,4%. Што се однесува пак до возрасните групи, инфлуенца од 20 до 26 декември е регистрирана кај 250 лица на возраст од 15-64 години, 70 кај деца на возраст од 5-14 години, 24 се регистрирани кај деца на возраст од 0-4 години и 17 лица на возраст над 65 години.
Анита Буховски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.