БУНТ ПРОТИВ ПОЗНАТИОТ ГЕРМАНСКИ СИНЏИР - Лидл наиде на неочекувани проблеми во Црна Гора
Објавено во: Економија 09 Декември, 2024
Германскиот синџир маркети Лидл, кој со нетрпение го очекуваа граѓаните на Црна Гора, купи неколку локации во неколку градови низ земјата со цел да ги отвори првите продавници. Но, наспроти сите очекувања, компанијата се соочува со проблеми во Беране каде сопствениците на дуќани во околината на земјиштето што го купија Германците бараат да се премести маркетот. Станува збор за трговците кои на тоа место со години имаат тезги и дуќани за кои тврдат дека се единствениот извор на приходи.
- Не очекувавме дека Општина Беране ќе ни сврти грб и ќе не остави без леб. Се надевам дека општината ќе предложи нова локација и со тоа ќе не заштити од глад и распаѓање. Ако општината не го направи тоа, ние ќе се организираме и ќе си ги браниме нашите животи - рече на еден од претходните протести Џеко Скендеровиќ, сопственик на една од зградите.
Хакија Красниќ, претставник на сопствениците на објектите предвидени за уривање, изјави дека во вторникот во Беране се сретнале со премиерот Милојко Спајиќ и дека имале многу конструктивен разговор.
- Премиерот ги немаше сите информации, па вчера во текот на разговорот му ја презентиравме комплетната ситуација. Тој вети дека ќе се обиде да најде решение за никој да не биде повреден - рече Красниќ.
Сопствениците на локалот денеска по седми пат се собраа пред зградата на општина Беране за да го изразат својот протест против одлуката за продажба на спорното земјиште, која беше донесена од страна на Собранието на општината кон крајот на декември минатата година. Тие сметаат дека со уривањето на просториите, голем број претприемачи и нивните работници би останале без работа и дека тоа би претставувало голем социјален проблем во сиромашното Беране.
Нагласија дека немаат ништо против доаѓањето на Лидл, но не, како што посочуваат, по цена да се уништат голем број мали претприемачи. Од општина Берана претходно соопштија дека се е направено во законски рамки, пишува Бизниспортал.рс.