Бобан Томески, извршен директор на Кроација осигурување Живот
ИНТЕРВЈУ ТОМЕСКИ: Намалувањето на каматните стапки на финансиските вложувања и неповолните демографски движења - предизвик за осигурувањето на живот
Објавено во: Економија, Интервјуа 26 Декември, 2024
Бобан Томески не е ново лице во осигурителната индустрија, но од стартот на декември годинава тој стартува со нова функција - извршен член на Одборот на директори на Кроација осигурување Живот. За тоа како ќе одговори на предизвиците на новата позиција, кои се главните проблеми со кои се соочува осигурителниот пазар, како осигурувањето на живот во земјава може да има позитивно влијние на макроекономските показатели и каде за тоа гледа потенцијал, кои се таргетите што планира да ги оствари како прв човек на компанијата во следната година и какви новини планира Кроација осигурување Живот за своите клиенти, Фактор открива во интервјуто со Томески.
Почнувајќи од 1.12.2024 г. Вие сте избран за извршен член на Одборот на директори на Кроација осигурување Живот. На оваа функција доаѓате од местото секторски директор во Кроација осигурување Неживот, каде бевте четири години. Која е разликата меѓу овие два типа на осигурување, како го направивте премостувањето и колку Ви помогна претходното искуство?
Томески: Да, токму така, од 1.12. сум на позицијата генерален директор или извршен член на Одборот на директори на Кроација осигурување АД Скопје - друштво за осигурување на живот, што во секој случај со себе носи и поголеми обврски и предизвици, а секако за менаџирање со истите, претходното искуство е од големо значење.
Со целокупното мое образование и долгогодишното работно искуство во областа на осигурување, се стекнав со длабоко разбирање на пазарот, процесите и потребите на клиентите, што ми овозможува да одговорам на предизвиците кои доаѓаат со преземањето на оваа позиција. Имено, како дипломиран менаџер за осигурување и магистер од областа на осигурување, со 16-годишно искуство во осигурителната индустрија, од кои девет во Агенција за супервизија на осигурување и седум во реален сектор, а особено последните пет години поминати на високи менаџерски позиции, сметам дека се доволна подлога и од големо значење за понатамошното професионално делување.
Би додал дека безрезервно го прифатив овој голем предизвик што со себе носи и голема одговорност, затоа што во идниот период ќе раководам со Друштво за осигурување кое како најстарo друштво за осигурување на живот постои на македонскиот финансиски пазар веќе 20 години и е вграденo во основата на осигурителната индустрија во Македонија. Друштво, кое е пазарен лидер, што дава и обврска да бидеме главен промотор на осигурувањето на живот во нашата земја, со поттикнување на континуиран развој на овој сегмент од осигурителната индустрија, а секако моето делување ќе биде во насока на следење на добрите деловни практики, осигурителни стандарди и етички правила на однесување.
Што се однесува до разликата меѓу неживотното осигурување и осигурувањето на живот, секако дека постои, а јас би рекол дека станува збор за сосема различни видови на бизнис.
Главната разлика меѓу осигурувањето на живот и неживотното осигурување лежи во нивната намена, предметот на осигурување и времетраењето на договорите за осигурување (полисите). Сето ова доведува и до различен регулаторен третман и различни целни групи на клиенти.
Осигурувањето на живот е долгорочен финансиски инструмент на кој клучната намена му е осигурување на ризик поради несакани настани, односно обезбедува финансиска заштита на семејството или блиските на осигуреникот во случај на несакан настан, но истовремено претставува и форма на штедење или можност за дополнително финансиско инвестирање.
Од друга страна, неживотното осигурување има намена за обезбедување финансиска заштита од аспект на материјален надомест за сите можни ризици и непосакувани настани што може да се случат по имотот, материјалните добра и здравјето на осигурениците, односно одговорноста која осигурениците ја носат со самото владение на одредени движни или недвижни имоти. Овие видови на осигурување најчесто се карактеризираат како краткорочно осигурување, затоа што самите полиси се склучуваат на една година.
Со кои предизвици се соочувате на новата позиција, кои се главните проблеми кои стојат на патот на индустријата на животно осигурување во земјава?
Томески: Генерално сметам дека во периодот што следи, поголемиот дел од промените кои треба да случат во насока на поттикнување на развој и стабилност на осигурителната индустрија во Македонија се во сегментот на неживотно осигурување, но во секој случај и осигурувањето на живот се соочува со многу предизвици.
За стабилен осигурителен сектор и пазар на осигурување со континуиран раст и развој, особено значајни се регулаторните промени и новиот Закон за осигурување кој би требало да се донесе во наредните година-две, целосната примена на ЕУ директивите и меѓународните стандарди за финансиско известување, каде како еден од главните чинители во овој сегмент клучна е улогата на Агенцијата за супервизија на осигурување, заедно со Друштвата за осигурување, има значајно влијание на голем дел од пазарните услови на кои ќе се задржам во оваа прилика.
Иако, нашето Друштво во континуитет вложува финансиски, особено во човечки ресурси и во насока на едукација и промоција на значењето на осигурувањето на живот, сепак, сметам дека финансиската писменост на граѓаните не е на задоволително ниво, поради што и во оваа трета декада од дваесет и првиот век сè уште се забележува недоверба кон осигурителниот сектор и осигурувањето се третира како трошок по семејниот буџет, а не како вложување и обезбедување финансиска стабилност при непосакувани идни настани.
Од друга страна, економските ограничувања и нискиот животен стандард на населението имаат негативно влијание на можноста за инвестирање во ваков вид осигурување, за кое имам чувство дека гледано по приоритет, е на самиот крај од листата на инвестиции, на што дополнително лошо влијаат и одредени регулаторни бариери кои го успоруваат развојот на иновативни продукти.
Она што сакам да го потенцирам е тоа што осигурувањето на живот е детерминирано од голем број на економски, социјални, социополитички и демографски фактори. Сметам дека со должно внимание треба да ги следиме неповолните демографски движења кои се изразени преку опаѓачко ниво на наталитет и високата стапка на миграција (иселување), а со самото тоа можат да имаат негативно влијание на развојот на осигурувањето на живот.
Кои се вашите ставови за развојот на осигурувањето на живот во нашата земја, дали истото може да има позитивно влијние на макроекономските показатели и каде гледате потенцијал?
Томески: Идниот развој на осигурувањето на живот е од големо значење за растот на макроекономските показатели и истото значајно влијае на нивото на пенетрација на осигурувањето во бруто домашниот производ, односно густината на осигурување изразена како премија по глава на жител. Анализирајќи ги показателите за нивото на развој на осигурителната индустрија во развиените земји, може да заклучиме дека клучната улога за нивото на пенетрација и густина на осигурување, ја игра токму осигурувањето на живот.
Осигурувањето на живот кај нас бележи континуиран раст, со тоа што во 2023 година Друштвата за осигурување на живот имаат полисирано премија во износ од 40.4 милиони евра, со пораст од 9,3% во однос на 2022 година, или учество од 17,8% во вкупната премија на осигурителниот пазар во Македонија. Очекуваме, 2024 година Друштвата за осигурување на живот да полисираат околу 48 милиони евра или да забележат пораст од 20% во однос на 2023 година, но сепак, далеку сме од задоволително ниво и потенцијалите што ги носи осигурувањето на живот во високо развиените економии.
Доколку направиме споредба со високо развиените земји членки на ЕУ, сликата не е баш за пофалба и делува загрижувачки, но треба да ја гледаме позитивната страна и огромниот простор и потенцијал за раст на нашиот пазар. Заклучно со последните показатели за 2023 година, степенот на пенетрација на бруто полисираната премија за осигурување во БДП кај нас е 1,6%, а степенот на густина е 112 евра по глава на жител (само осигурувањето на живот е со учество до 19 евра по глава на жител). Додека, во високо развиените земји од ЕУ степенот на пенетрација се движи помеѓу 8 и 10%, а степенот на густина се движи над 3 000 евра по глава на жител. Доколку нашите показатели ги споредиме со Словенија како земја членка на ЕУ која по број на население е приближно колку нас, ќе забележиме дека во Словенија во 2023 година степенот на пенетрација е 4,84%, а степенот на густина е 1.443 евра по глава на жител.
Претходното, ни дава за право да гледаме голем потенцијал за раст и развој на осигурувањето на живот и неговото значење за финансискиот сектор во Македонија.
Потенцијалот за развој на осигурувањето на живот треба да го гледаме во креирање на комбинација на осигурителни продукти согласно сегашните потреби и очекувања на пазарот на осигурување, модернизација и целосна дигитализација на процесите, со лесен пристап до осигурување и избегнување на непотребни бирократски процедури. Сметам дека токму лесниот пристап до осигурување е она што може да допре до младите генерации, кои веќе живеат во дигитален свет, а на тој начин ние би им понудиле финансиско планирање и долгорочна финансиска заштита од првото вработување. Исто така, делот кој има голем потенцијал и за кој треба поголема промоција е рентното осигурување, како дополнување на пензиското осигурување.
Дополнително сметам дека треба да се размислува и во насока на либерализација на условите за вложувања на средствата кои служат за покритие на математичка резерва и останати технички резерви, со што Друштвата би имале можност овие средства слободно да ги вложуваат во финансиски инструменти во земји членки на ЕУ, со што Друштвата би ги искористиле високите капацитети на групациско ниво и би оствариле поголеми приноси од вложувањата, што е и главниот извор на финансирање и обезбедување профит на Друштвата за осигурување на живот.
Сето ова, позитивно влијае и на целокупната економија со тоа што преку осигурувањето на живот, осигурителните компании акумулираат средства кои се инвестираат во финансиски инструменти како што се државните обврзници со кои понатаму се финансираат значајни проекти од страна на државата. Со осигурувањето воопшто, се намалува ранливоста на домаќинствата, а со тоа и товарот на државата при определени кризни настани.
Какви таргети си поставувате како прв човек на Кроација осигурување Живот за наредната година, која ќе биде главната работа на која ќе се посветите максимално во првата година од раководењето со компанијата?
Томески: Задржување на лидерската позиција на Друштвото ќе ни биде еден од клучните приоритети и тоа преку: дигитализација, проширување на понудата на осигурителни продукти, зголемување на конкурентноста и задржување на финансиската стабилност на Друштвото, со што обезбедуваме целосна заштита на средствата на осигурениците.
Планираме раст на бруто полисирана премија сразмерно на пазарниот раст, што ќе го оствариме преку комбиниран пристап кој вклучува зголемена продажба на традиционалните производи за осигурување на живот, но и фокусирање на трендот и зголемување на продажбата на unit-linked продуктите. Традиционалните осигурителни продукти се основа во работењето на пазарот на осигурување на живот, обезбедувајќи стабилност и сигурност за осигурениците, што ја прави оваа категорија клучна за одржување на постојаниот прилив на премии и го обезбедува приматот на долгорочност на овој вид на осигурување.
Од друга страна, со комбинација на различни продукти, ќе ги задоволиме потребите и на осигурениците кои преферираат стабилност и на клиентите кои бараат инвестициски можности и поголеми приноси.
Целта е Друштвото да го зголеми или во најмала рака да го задржи својот удел на пазарот на осигурување на живот, притоа зајакнувајќи ја својата позиција на стабилност преку континуиран раст и развој, а паралелно на тоа да биде промотор на целиот пазар за осигурување на живот, при што со соодветно презентирање ќе придонесеме за поголема доверба во секторот, што е и улога на најстарата компанија за осигурување на живот.
Кроација осигурување Живот e лидер на пазарот за животно осигурување, дали планирате нешто ново за постоечките и идни клиенти?
Томески: Како што спомнавме и претходно, преку комбинацијата од традиционални продукти со продукти кои обезбедуваат повисок принос, каде инвестицискиот ризик го носи осигуреникот, ќе значи и развој на персонализирани продукти според потребите на различни групи на клиенти.
Дополнително ќе спроведеме сеопфатна дигитализација и модернизација на процесите и услугите, во насока на подобрување на ефикасноста, брзината на услугите и транспарентноста кон клиентите. Планот вклучува и воведување на нови платформи за онлајн купување на осигурителни полиси, апликации за мобилни уреди и дигитализирано процесирање на барањата за штета.
За постоечките, но и за идните осигуреници, ќе ги направиме лесно достапни и дополнителните видови на осигурување, кои ќе ги пласираме преку базичните продукти и ќе бидат додадена вредност на полисите за осигурување на живот.
Во секој случај, преку ефективно управување со ризици и усогласеност со регулаторните барања, Друштвото ќе ги постигне своите цели, обезбедувајќи стабилен раст и заштита на своите осигуреници кои секогаш ги сметаме за врвен приоритет. Исто така, една од клучните цели е и капиталот на Друштвото, кој преку профитабилно работење очекуваме да биде во постојан раст, а со тоа да обезбедиме и дополнителна сигурност и заштита на осигурениците.
Нина Нинеска-Фиданоска