Бутарис се закани со оставка доколку се кастрат општинските службеници
Објавено во: Балкан 09 Јули, 2013
Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, се закани дека ќе поднесе оставка, доколку се реализираат владините планови за поставување на полициски и други општински службеници во таканаречената „шема за мобилност“, како дел од обврските на Грција кон меѓународните кредитори.
Како што пишува електронското издание на весникот „Катимерини“, според Бутарис, со ваквиот потег на Владата, општината би загубила околу 1.000 службеници.
Тој подвлече дека без доволен број службеници дејноста на полицијата во Солун ќе биде невозможна.
- Ако тоа се случи општината нема да биде во состојба да си ја врши работата. Ако тоа продолжи јас ќе ги предадам моите клучеви, изјави Бутарис.
Владата презеде обврска да стави 12.500 државни службеници во „шема за мобилност“, што значи дека тие ќе бидат префрлени во други оддели или отпуштени во текот на една година.