Цената ќе расте и медот допрва ќе станува луксуз за граѓаните
Објавено во: Агробизнис 06 Декември, 2021
Квалитетен мед моментално чини од 500 до 600 денари за килограм, а според производителите медот и натаму ќе поскапува и допрва ќе станува луксуз за граѓаните.
Пчеларите велат дека има многу фактори кои водат кон неминовно поскапување на медот. Тука се пред сѐ неповолните временски услови, кои резултираат со слаби приноси, но и општото поскапување на другите намирници во државата. Од друга страна, објаснуваат дека граѓаните кои живеат со ниски плати и пензии, не можат да си дозволат често да набавуваат мед.
„Медот и сега е луксуз за граѓаните, затоа што повеќето го купуваат кога имаат некој здравствен проблем, кашлаат и имаат потреба од конзумирање на мед. Сметам дека килограм мед ќе поскапи за уште 200 денари понатаму. Климатските промени секако се проблем за нас. Летово немаше дождови, а полињата не се како порано, засадени и расцутени за да има пчелите каде да собираат мед. Има години кога нема доволно храна и мораме да ги прехрануваме пчелите, и тоа е трошок“, вели Шефит Шемшедини, претседател на Здружението на пчелари „Матица“ од Струга.
Пеце Митревски, од Битола кој поседува пчеларник во селото Слоештица близу Демир Хисар објаснува дека на товар на пчеларите е поскапата храна, опремата за пчели, но и транспортот до самите пчеларници.
„Горивата поскапеа, а јас до пчеларникот и назад имам 90 километри. Ги немаме тие количини на мед кои сме ги ваделе во минатото. Се случувало пред 25 или 30 години да извадам 40 килограми мед од една кошница, а потоа имаше години со по 2, 5 или 10 килограми мед, а кога вадев 12 килограми сметав дека таа година е добра и бев задоволен. Климатските промени нѐ доведоа до мали приноси. Има пчелари кои се откажуваат од работата, и јас размислувам, но ми е жал за пчелите оти тие пчеларници сме ги создале. Граѓаните немаат стандард за да платат повеќе од 500 денари за килограм мед. Нас ова ќе ни биде како хоби, и ќе работиме со мал приход“, објаснува Митревски.
Пчеларите од истокот, велат дека традиционално медот во западна Македонија е за нијанса поскап, но не знаат дали тоа е така поради помало производство или поради поголема побарувачка.
„Каква ќе биде цената на медот ќе зависи од годината. Ако приносот биде добар, цената може да остане иста, но доколку биде слаба може да има поскапување за 100 денари, затоа што веќе имаме поскапување на горивата, намирниците, работната рака“, вели Методиј Парцански, пчелар од Виница.
Трошиме помалку од еден килограм мед по глава на жител, за разлика од Словенија која троши девет или Јапонија која троши 16 килограми по глава на жител.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2020 година во земјава имало над 99.000 пчелни семејстсва, при што во полошко има скоро 36.000, а на североистокот од земјата има 23.408 пчелни семејства. Истокот имал 10.323, југозападниот регион броел 14.097, југоистокот е со 4.827, пелагонискиот регион имал 2.807, скопскиот 1.902, а вардарскиот регион имал 6.207 пчелни семејства.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.